ИНТЕРВЈУ Стевчо Јакимовски: За да остане на власт Груевски уцени, поткупи или се закани на 100 илјади гласачи!

by Фокус

arhivaИнтервјуто со Стевчо Јакимовски е објавено во „Фокус’ број 871 од 9 ти март 2012 година

Стевче Јакимовски е градоначалник на Карпош, единствената скопска општина каде власта ја има опозицијата. Последниве неколку недели стана омилена мета на ВМРО-ДПМНЕ, со нивната проекција дека е градоначалник со најмногу афери. Кавгаџијата, како што го нарекуваат, и преку интервјуто за „Фокус“ жестоко возвраќа. Ваквите напади ги објаснува со стравот на вмровците дека на наредните локални избори ќе им се случи Карпош во цело Скопје. Јакимовски го обвинува Коце Трајановски дека му префрлил три ипол милиони денари на Александар Бичиклиски, но и дека набавил најскап софтвер на светот за мрежен систем.

Интересно е дека за прв пат висок функционер на СДСМ ги проблематизира ланските парламентарни избори. Според Јакимовски, околу 100 илјади гласови Груевски обезбедил со закани, со уцени и со поткуп. Убеден е дека нема шанси овој трик да му помине по втор пат. Останува на оценката дека коалицијата меѓу Груевски и Ахмети е тендерска, но, ќе додаде дека сепак „во очите им се гледа дека се мразат и кога ги делат украдените пари“!

Разговараше

Јадранка КОСТОВА

ФОКУС Официјално сме на една година пред локалните избори, но, веќе неколку недели, Вие сте тема број еден во соопштенијата и на прес конференциите на владејачката ВМРОДПМНЕ. Каде го гледате мотивот? Нивните амбиции да го освојат Карпош, единствената скопска општина каде СДСМ ја има власта, или, можеби, сметаат дека сте потенцијална опасност за градоначалничкото место на Скопје?

ЈАКИМОВСКИ СДСМ, и јас како градоначалник, одлично стоиме во општина Карпош. Според анкетите, 81,35 отсто од граѓаните на Карпош се изјасниле дека повторно би го дале својот глас за оваа општинска власт. Затоа оваа власт стравува да не ѝ се случи „Карпош“ во целиот град.

ФОКУС Имаат ли дополнителни предизвици за освојување на Карпош?

ЈАКИМОВСКИ За нив Карпош е интересен и од оној урбано-мафијашки аспект. Еве, оној владин проект „Купи куќа, купи стан“ не може да успее во Центар и во Карпош. Цена од 900 евра за метар квадратен може да се постигне во општините како што се Аеродром, Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Кисела Вода. Тоа значи дека бизнис во градежништвото освен во Центар и Карпош немате на друго место, затоа што цените се многу ниски, трошоците за градба се многу високи и најголем остаток има во Центар и Карпош. Во Центар веќе нема каде да се гради, па почнаа и на плоштад да градат. Според она што сме го направиле, цената за квадратен метар за стан во Карпош веќе достигна до 1,450 илјади евра. Значи мета не е само Стевче Јакимовски, целта е да се освои Карпош како општина. Тоа е цел на Никола Груевски и на сите оние урбани мафијаши кои што сакаат секој тревник да го претворат во зграда.

ФОКУС Има ли шанси тоа да биде „остварено“?

ЈАКИМОВСКИ Според моите сознанија, веќе имале разговори со градежните тајкуни, во смисла да дадат подршка на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа би следувал реванш – да добиваат маркици во општина Карпош каде и да посакаат.

„СКОПЈЕ 2014“ Е ЖИВ ПЕСОК ЗА ВМРО-ДПМНЕ

ФОКУС И сметате дека затоа станавте омилен лик во реакциите на ВМРО-ДПМНЕ? Ве прогласија за градоначалник со најмногу афери?

ЈАКИМОВСКИ Неодама ме сретна еден човек, по националност Србин, и ми ја испеја песната „Што је више клевети и лажи, Стевче нам је милији и дражи“. Во животот сум бил на функции од 2000 година па наваму, и никогаш попријатно не сум се чувствувал помеѓу граѓаните. Секојдневно ми се јавуваат, со поддршки да издржам, да истраам. Мислам дека повеќе ми прават реклама, отколку што мислат дека ми прават зијан. Се надевам дека ова што тие го прават, сепак ќе им биде во корист на сопствената штета, а тоа е да го загубат градот Скопје.

ФОКУС Дали проектот Скопје 2014 ќе биде клуч за разврска на локалните избори? Ќе им донесе ли поени кај народот?

ЈАКИМОВСКИ Не, проектот „Скопје 2014“ е жив песок за владата. Граѓаните треба да знаат дека само една зграда до сега стигна до 30 милиони евра, а е карабина, незавршена. Мислам дека направија стратегиско промашување со тие 200 и кусур милиони што ги вложија на еден километер квадратен во централното градско подрачје, кое, се чини, ќе потоне во челик и железо. Наместо  да ги вложеа во инфраструктура… Замислете, само 36 милиони евра чини Јужниот булевар, да го фатите од Ѓорче и да излезете кај Драчево. Замислете Илинденска да ја спуштеа под ниво и да излезете кај Комплекс банки. Замислете да ја направеа јужната обиколница околу Скопје, да направеа повеќе вкрстување на сообраќајот над ниво и под ниво, што ќе станеше Скопје? Со овие пари дури можеше да се воведе трамвај, да го решат сообраќајот во Скопје. Но, ги потрошија парите на глупости.

ФОКУС Коце Трајановски сепак е здоволен од сработеното!

ЈАКИМОВСКИ Се обидуваат со медиумска кампања да создадат впечаток божем кој знае што направил Коце за градот Скопје. Се фали дека го направил булеварот Тоедосиј Гологанов, булеварот Климент Охридски, па булевар Илинден. Лаже. Тој само направи проширување на тие булевари и ништо повеќе. Простете ама градоначалник на метропола не е избран да грепка по асфалтот и да проширува улици. Тој е избран да остави зад себе крупни капитални работи.

ФОКУС Добро, направи плажи покрај Вардар, сега ќе имаме и сплавови, галии.

ЈАКИМОВСКИ И тука лажат. Нема плажи покрај Вардар, тие секојдневно праќаат вмровци и вмровки, им даваат по 300 денари дневница и бесплатно пијачка за да одат наводно да се сончаат на плажа, а, всушност, се работи само за обичен бизнис. Со кафулињата и шанковите што се издаваат навечер, чесно е да се каже, само го пренесуваме ноќниот живот на Вардар, наместо да се лаже дека направиле плажа на кејот. Градоначалникот на Белград гради мост од 300 милиони евра. А градоначалникот на Скопје пак, кој ни троши над 100 милиони евра буџет годишно, за овие 3 години нема ниту еден капитален објект. Кажете ми еден капиталниот објект? Со што ќе се пофали Коце Трајановски?

ФОКУС Со што ќе се пофалите вие? Ваш единствен капитален објект е мостот Влајко, што го сметаат за промашена инвестиција? 

ЈАКИМОВСКИ Објектот што го прогласија за промашена инвестиција, да споменам дека е авторство на вмровецот Жан Стефановски. Истиот архитект го проектирал Влајко, но и крстот на Водно. Можат ли да ми кажат сега дека за овие 12 години крстот на Водно им е исплатлива инвестиција од 4 милиони марки? Другите градоначалници не можат да се пофалат со она што јас можам. А тоа се 78 улици целосно реконструирани. Тоа значи дека 78 тротоари се реконструирани, од корен се реконструирани 3 училишта и тоа значи дека се потрошени преку милион ипол евра средства. Имаме направено преку 20 километри атмосферска и фекална канализација, годишно градиме по илјада паркинг места. Можеме да се пофалиме дека во Карпош нема зонско паркирање а луѓето немаат проблем со паркирањето.

ФОКУС Зад зонското паркирање се кријат поинакви мотиви?

ЈАКИМОВСКИ Финатата со зонското паркирање е да се стави намет на граѓаните, за да можат да се вработат одреден број вмровчиња, ништо повеќе.

САШО ЛАЗАРЕВСКИ Е БАДИЈАЛЏИЈА

ФОКУС Сепак, од владејачката партија сметаат дека сте нервозни и исплашени затоа што не сте реализирале ниту еден крупен проект?

ЈАКИМОВСКИ Оној господинот, заменикот министер за локална самоуправа Сашо Лазаревски е бадијалџија, па секој втор ден излегува на пресови, бидејќи нема никаква работа. Претходно кога беше директор на Водовод и канализација, се обиде да направи нешто во Карпош, а тоа е да го подобри водоснабнувањето во Козле, но на улицата каде што тој живее, никаде на друго место. Ги остави луѓето 6 месеци да газат по кал, рововите не ги затвори. На истото тоа место, општина Карпош направи 10 улици, плус атмосферска и фекална канализација и сите улици се доведени до првобитна состојба. И јас гарантирам дека оваа година ќе го завршиме цело Козле, вклучувајќи го и Трново. Погледнете го Жданец, сите улици се реконструирани, ново улично осветлување, нови тротоари, се е комплетно реновирано.

ФОКУС И вие сте задоволен од оствареното?

ЈАКИМОВСКИ Дали во Карпош сте виделе ископана улица? Никој не може повеќе да прекопува улици во Карпош, воспоставен е еден ред. Што е најбитно, отворете ги веб страните да видите кој колку има јавни набавки, ве молам. Градоначалникот на Бутел за 2011 година има 15 јавни набавки. Сега да прашам, што работел тој човек? Што работела таа администрација, со вкупно 15 набавки?

ФОКУС Јавните набавки ги земате како индикатор за работа?

ЈАКИМОВСКИ Да, тоа самото кажува колку работат. Па ред е тогаш таа општина да ја затвориме. Или можам да им предложам да ја распуштат администрацијата и тие 15 јавни набавки, кај нас еден службеник ќе им ги заврши. Дали знаете дека градоначалникот на Кисела Вода има вкупно 26 јавни набавки за цела година?

ФОКУС По тој ваш критериум работи ли Коце Трајановски?

ЈАКИМОВСКИ И тој има помалку од мене, 126. Јас одговорно тврдам, нека ги соберат сите километри, и да се споредиме со општина Карпош, дека сработуваме повеќе колку сите тие заедно.

ФОКУС Но јавните набавки се и извори на корупција.

ЈАКИМОВСКИ Не, има два заклучока. Или ништо не работеле или парите ги трошеле на сосема друг начин, надвор од јавните набавки. За  реконструкција на една улица мора да има јавна набавка за тротоарот, јавна набавка за осветлувањето, за коловозот, за канализацијата…

ФОКУС Да, но кога ќе ве обвинат дека над еден милион евра одделувате за невладини организации, тоа сепак се многу пари? Затоа собираат потписи од граѓаните на Карпош против овој ваш проект?

ЈАКИМОВСКИ Тоа се вмровски лаги, затоа што вмровците ниту имаат лице, ниту имаат образ, ниту пак имаат причини да дојдат на вратата на граѓаните и да заѕвонат. И што би има кажале ним? Сега си измислуваат причини, демек градоначалникот на Карпош трошел милион евра, за невладини организации. Камо среќа јас да имам толку пари!

ФОКУС Тогаш, колку потрошивте на невладините организации?

ЈАКИМОВСКИ Ни случајно толку многу. Во тие средства, тие ги бројат и парите кои што ги даваме на социјалните случаи, на новородените деца, за опожарените куќи, на културно-уметничките друштва, на спортските клубови, на учениците стипендисти, на спортистите стипендисти. Тие ги бројат и тие пари, но, и тие не се толку. И сега јас да ги прашам што сакаат да кажат. Зарем да не му дадеме пари на културно уметничкото друштво „Мирче Ацев“, едно од четирите најсилни во Македонија? Да не му дадеме пари на ФК „Лепенец“? Да не му дадеме пари на одбојкарскиот клуб „Вардар“? Тоа се нивните предлози?

ФОКУС А зошто ви се 350 илјади денари за караоке забави?

ЈАКИМОВСКИ Карпош е единствена општина која што има разработена стретагија за образование, која ја гласале и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, и проекти кои произлегуваат од таа стратегија. И токму еден од тие проекти е тој што го вулгаризираат како караоке забави. Тоа е извонреден проект во кој се предлага учениците да ги оценуваат наставниците по проза, по поезија, наставниците да донесат матрица или да имаат свој бенд и да пејат, наставниците да решаваат математички проблеми. И тоа да трае цели 6 месеци, а на крајот целиот тој проект завршува евентуално со некоја караоке или не знам каква забава. Па зарем тоа не е прекрасен проект за учениците од основните училишта? Ние сме должни да имаме проекти со кои што ќе се обидуваме да ги учиме наставниците и учениците за разрешување на конфликтни ситуации.

ЗА КОЦЕ ДОПРВА ЌЕ ИЗЛЕГУВААТ АФЕРИ!

ФОКУС Сепак остана нејасно зошто дури 22 договори, тешки околу 900 илјади евра, биле склучени со фирма на шурата на вашиот поранешен шеф на кабинет?!

ЈАКИМОВСКИ Лажат! Шефот на мојот кабинет, ниту е член на комисија на јавни набавки, нити е член на администрацијата која ги подготвува јавните набавки. Тоа е фирма која работите уредно си ги добила на тендери и била далеку поевтина, повторувам, поефтина од било која друга фирма. И тоа е онаа истата фирма која што ја користел и претходникот Сашо Димиќ.

ФОКУС Ајде да видиме што ќе каже антикорупциската комисија?

ЈАКИМОВСКИ Требаше да им кажам дека имам и за Сашо Димиќ, па веќе кога одат во антикорупциска да однесат и за него. Да, се работи на роднина на шефот на кабинет, но, тој му бил шеф на кабинет и на Сашо Димиќ, а тоа е фирма која си добила работа сосема уредно на тендер. Тука нема ниту корупција ниту конфликт на интереси. Истата  фирма во исто време ги гради тениските игралишта на Груевски, му гради згради на Груевски каде што тој фрлал лопати, гради во другите општини на градот Скопје. Истовремено, нивниот Александар Бичиклиски како потпретседател на комисија за спорт и како советник, си префрлал пари на измислена невладина организација, при постоење на Сојуз на физичка култура на град Скопје, Сојуз на спортови на град Скопје. Си формирале трета невладина организација, во која тој е член на Извршен одбор и основач.

ФОКУС Колку пари си префрлил?

ЈАКИМОВСКИ Еднаш милион ипол, другиот пат два милиони и сега предлогот е да префрли уште два милиони и триста денари. А кај мене зборуваат за проекти од 120 илјади денари, од 200 илјади денари и се што до сега излезе и за кое ме обвиниваат не чини милион денари или 25 илјади евра. Од друга страна, истиот тој Бичиклиски е претседател на кугларска федерација на Македонија и повеќе пати како председател на комисија за спорт на градот Скопје, заедно со Коце Трајановски си префрлале пари на кугларската федерација.

ФОКУС Тоа што тие прават не би требало да ви биде оправдување?

ЈАКИМОВСКИ Тие кажуваат дека Стевче планирал, ќе префрлел, се во идно време, се „ќе“! „Ќе“ е идно време од глаглот лаже, а вмровците лажат. Јас отидов пред Јавно обвнителство да го прозивам обвинителот и сега јавно тврдам дека Коце Трајановски до сега му има префрлено три ипол милиони денари на Бичиклиски. Каде е обвинителот?

ФОКУС За што му ги префрлил?

ЈАКИМОВСКИ Му ги префрлил на неговата невладината организација. Но, истите двајца не дале оставки, нема партиско оградување и натаму овој е претседател на комисијата за спорт и советник, а другиот сѐ уште е градоначалник. За оваа година, по програмата е предвидено да му префрли уште два милиони и триста денари. Значи, има сомнение дека може да го повторат кривичното дело. Што може да биде друг услов за поведување на кривичка постапка освен ова?

ФОКУС Тоа ли е најголемата афера на градоначалникот на Скопје?

ЈАКИМОВСКИ Има и други за градоначалникот на град Скопје но, тие подоцна ќе ги објавиме, да видите каде на други места префрлал пари градоначалникот. Или, на пример, отворете на веб страната на општината, кај јавните набавки, ќе видиме дека градоначалникот на град Скопје потрошил 14 милиони денари за софтвер, документ мрежен систем. Јас ви гарантирам дека поскап софтвер за документ мрежен систам, во светот не постои. Само сакам да му кажам, дека софтверот за пензиски систем, кој што е многу сложен, има во себе 137 математички операции, чинеше 132 илјади долари, а Коце неговиот го чини 250 илјади евра. Тоа се тие чесни момчиња од ВМРО-ДПМНЕ.

БИЧИКЛИСКИ  ЌЕ ЗАВРШИ КАКО ДЕДО ПОРТПАРОЛ

ФОКУС Координаторот на советничката група на ВМРОДПМНЕ во Карпош, Емил Угриновски најави дека за вашата работа ќе расправа антикорупциската комисија? Се плашите ли?

ЈАКИМОВСКИ Емил Угриновски сега се обидува да се скрие со комбињата што ги става пред влезот на својата медицинска империја, која што наводно почна да ја гради како 19 годишно момче, врз грбот, нормално, на татко му. Тој најмалку има образ да зборува за ваква работа, затоа што негови роднини и пријатели ми кажуваат дека секој месец од нив зема сини картони, за да може да прикаже поголем број пациенти кои се прегледувале кај него и да го зголеми капитациониот бод. Второ, видовме дека токму Управата за јавни приходи ја затвори неговата здравствена установа, затоа што не издавала фискални сметки и дека таму се најдени, наводно, 210 илјади денари во каса, што значи дека Угриновски не плаќал данок. Тој треба да се срами и на таков човек не му е место во општината, а не мене да ме прозива.

ФОКУС Сепак, сѐ зависи од Никола Груевски.

ЈАКИМОВСКИ Не зависи сѐ од Груевски. Во Карпош многу работи зависат од советничките групи на СДСМ, на ЛДП и на ВМРО- Народна и од мене како градоначалник. Во општина Карпош нема, не може да важат правилата на Груевски. Ние се владееме по други демократски правила и така ќе биде и понатаму. Јас им гарантирам дека тие правила ќе важат, не само до сега, туку до 2017 година.

ФОКУС Претпотставувам дека ќе се кандидирате на следните локални избори. Прашањето е дали за Карпош или за Скопје?

ЈАКИМОВСКИ Тоа прашање најмногу го интересира и Александар Бичиклиски. Не знам зошто тоа момче толку го интересира мојата кариера. Јас сум бил директор, сум бил и два пати министер, два пати градоначалник и сосема е извесно дека ќе бидам кандидат и за 2013 година. Нека води сметка до каде стаса неговата кариера.

ФОКУС Ама тој го говори тоа во својство на портпарол?

ЈАКИМОВСКИ Тој дојде како момче портпаролче, а ќе си оди како дедо порпарол. Неговите колеги станаа министри, градоначалници, пратеници, а него сеуште максимумот кој што му го даваат е да биде советниче во град Скопје. Се слушаат гласови дека до сега на неколку пати проневерил партиски пари, има леплива рака, и најверојатно тоа е причината зошто го држат подалеку од извршна функција.

ФОКУС Не ми одговоривте дали ќе се тркате за Скопје или за Карпош?

ЈАКИМОВСКИ Јас и Карпош имаме уште  проекти кои што треба да ги завршиме, а до изборите имаме уште една третина од мандатот, па ќе видиме што ќе биде.

ФОКУС Се шпекулира за опцијата предвремени локални избори. Што проценувате дека ќе се случи после самитот на НАТО во Чикаго, бидејќи станува извесно дека Македонија нема да биде дел од НАТО ниту оваа година или, што би рекол Груевски, може после 5 години?

ЈАКИМОВСКИ Ако биде после пет години, зошто секоја вечер дава изјави и што го замајува народот со името и со нашите аспирации кон Евроатланските интеграции. Зошто не прекине и со преговири, што не се повлече од се и после пет години да почнеме да разговараме. Јасно ни е дека после Самитот на НАТО ништо нема да се случи, односно на Груевски сите ќе му бидат виновни, само тој нема да биде виновен дека Македонија не е членка на НАТО, нити пак добива датум за преговори. Ние можевме да видиме убав пример на северот од нас, од еден председател на држава, кој што отиде да се извини во Вуковар, во Сребреница, кој што го направи тоа што требаше да го направи со осомничените воени злосторници како Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, кој што прифаќа компримис со Косово, само да направи нешто битно за нацијата. Тоа е политичар кој што не сака проблемите да ги стави под тепих. За разлика од него, ние овде на чело на државата имаме едно лице кое се обидува со маркетиншки трикови, со своите пи-ар агенции да се одржи што е можно подолго на власт, за евентуално што е можно подолго неговата фамилија да оствари повеќе бенефити. А каде ќе оди Македонија, тоа не ги интересира.

 ГРУЕВСКИ СО УЦЕНИ И ИЗМАМИ ЈА ЗАДРЖА ВЛАСТА

ФОКУС Очекувате ли дека коалицијата помеѓу ВМРОДПМНЕ е толку цврста, како што ја нарекуваат во вашата партија тендерска, што оваа коалиција ќе го истера целиот мандат?

ЈАКИМОВСКИ Нивната коалиција е тендерска, но јас имам чувство, во очите им се гледа, дека тие се мразат и кога ги делат украдените пари. Тешко дека така долго ќе се одржат. Таа работа ќе пукне.

ФОКУС Кога ќе се повлече црта, што прогнозирате, по што ќе се памети Никола Груевски?

ЈАКИМОВСКИ Никола Груевски ќе се памети по тоа што Македонија ја донел во ќорсокак, дека направил злосторства кон многу семејства, дека ги затворал медиумите, дека ги апсел и ги тепал луѓето, дека во затвор држел бремени жени и дека се обидувал да ги замолче своите граѓани на секаков можен начин. Тој го излажал народот дека ќе им обезбеди подобар животен стандард, дека ќе им овозможи повеќе вработувања, дека подобро ќе живеат. Напротив, тој е премиер кој што најмногу пари потрошил на споменици и на останати глупости, а не изградил ниту еден енергетски капацитет, а и ниту еден метар автопат.

ФОКУС Сметате ли дека музејот на жртвите од комунизмот ќе треба еден ден да се прошири со одделение за жртвите на Преродбата?

ЈАКИМОВСКИ Мислам дека за тоа нема да биде доволно да се направи само еден музеј, туку ќе треба да се направат уставни измени. На овој начин, сите жртви од владеењето на Преродбата, по нивните судски пресуди, оштетите да не ги плаќа државата, туку да си ги плати партијата ВМРО-ДПМНЕ од својот имот, а доколку немаат, да се надомести од тие кои што ја воделе власта во тоа време. Па нареден пат кога ќе дојдат на власт, ако сакаат да си прават ваков политички циркус и реваншизам, ќе си платат од сопствениот џеб.

ФОКУС Може ли да се случи овде хрватското искуство каде ХДЗ е токму под истрага за финансирање на партијата? Бидејќи и овде на некој начин кампањата е второто име на оваа влада.

ЈАКИМОВСКИ Ние на чело на оваа држава немаме политичари. Господинот Ѓорге Иванов само кога спие сигурни сте дека нема да промаши нешто што зборува. Штом човекот отвори уста, ни од далеку не личи на претседател на држава. Господинот Трајко Велјановски е претседател на Собрание со најнизок политички капацитет, а господинот Никола Груевски спие до 12 часот, а после 12 часот му кажуваат нивните пи-ар агенции што треба да направи, каде треба лопата да фрли, каде треба да пресече некоја панделка. Практично нашата држава не ја водат политичари, туку маркетинг и пи-ар агенции. Но, тој маркетиншки балон ќе пукне и потоа ќе биде многу потешко.

ФОКУС Кога ќе пукне тој балон?

ЈАКИМОВСКИ Резултатити оваа влада нема да издржат уште многу. Економските тешкотии на фирмите се повеќе се зголемуваат. Значи 120 илјади стопански и физички субјекти се блокирани во моментов. Она што е најбитно за државата е да го собере данокот. Но, бидејќи бизнисите на се што е од опозиција ги уништија и веќе нема од каде да собираат арач, сега почнаа дури и меѓу себе да се затвораат и апсат, затоа што нема од каде да го полнат буџетот. Сметам дека една ваква влада која што нема резултати, не ќе може уште многу да издржи. Нема таква маркетиншка агенција, а и ниту еден медиум нема да може да ги покрие нивните глупости, кои што се очигледни. Она што Груевски го нуди на граѓаните, тоа е цел ден да гледаат турски серии, евентуално ако некоја македонска репрезентација во некој спорт може да направи некој успех, па народот нека се порадува, и така денот да му помине. Но очигледно е дека отрезнувањето доаѓа кај граѓаните. Груевски е наполно свесен дека 2006 година чесно победи, во 2008 година чесно победи, 2009 година исто така чесно, но 2011 година јасно му е дека 100 илјади гласачи тој ги уцени, им се закани, ги поткупи за да остане на власт. Но нема да може на овие 100 илјади гласачи два пати истиот трик да им го продаде!

 

Поврзани новости