Ибрахимовиќ во лов на диви свињи на Серта: Мојата посета требаше да биде тајна, ама…

by fokus

Светски познатиот фудбалер роден во Шведска, а со босанско потекло, Златан Ибрахимовиќ деновиве е во Штип. Тој бил забележан на неколку локации во градот, а веста за неговата посета која требало да биде тајна, набргу се проширила низ земјава, па негови обожаватели денес заминале во Штип, со цел да го видат одблизу и да го запознаат.

Еден од големите обожаватели на Манчестер Јунајтед, клубот за кој Ибрахимовиќ потпиша едногодишен договор во 2016 година, Ненад Гичев од Кочани, веднаш штом слушнал дека неговиот спортски идол е во Штип, не се двоумел, и пристиганл во ресторанот каде Златан со синот и неколку пријатели од Босна бил на ручек. Тој ни раскажа за искуството и средбата со фудбалерот.

-Пријателите и роднините знаат дека сум голем фан на Манчестер Јунајтед, па веднаш штом Ибрахимовиќ дошол во Штип ми се јавија. Дознав во кој ресторан руча, го облеков дресот од Јунајтед и се упатив таму. Златан седеше на една од масите, беше среде ручек заедно со син му и група на пријатели од Босна. Кога го забележа мојот дрес, ми се насмеа, а јас се упатив кон него, да се поздравиме. Беше љубезен, средчен, не му сметаше што фанови го прекинуваат среде ручек. Му кажав дека сум негов обожавател, се фотографиравме и малку поразговаравме на српски, односно на босански – ни раскажа Гичев.

Тој додава дека Ибрахимовиќ му кажал дека всушност посетата требало да биде тајна, но во мал град како Штип новостите бргу се прошириле. Со него се фотографирале спортсити од РК Брегалница, но и други гости од ресторанот, а набргу потоа веќе цела Македонија дознала за неговиот престој во градот.

-Овде сме на лов, тоа е причината за посетата – открил фудбалерот.

Инаку, во овој период од годината актуелен е ловот на диви свињи. Ловџиите од Штип и околината најчесто ловат на Серта, но и на Плачковица. Ибрахимовиќ планирал да остане во Македонија до средината на неделата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости