И вработените во труд и социјала бараат извинување од Спасов

by fokus

-Еднаквоста во различноста, правдата и толеранцијата се базични услови за почитување на основните човекови права. Базичната еднаквост на секое човечко суштество значи дека формалната и материјалната еднаквост треба да биде императив во функционирањето на демократското општество, почитувана од претпоставените и од извршителите во секоја институција или организација.  Да се остави државен службеник без основни средства и услови за работа е спротивно на залагањето за еднаквост и еднаков третман на сите вработени. Особено што во институцијата во која работиме е механизмот за еднакви можности и недискриминација и секторот кој ги креира политиките за забрана на мобингот на работа и за заштита на работничките права, наведуваат во својот допис неколкумина вработени во Министерството за труд и социјала кои тврдат дека се деградирани и под закани. Во продолжение на писмото наведуваат:

-Професионализмот и одговорното однесување се наш имепратив пред кој нема да замолчиме. Политичкиот конфронтизам ќе го оставиме на политичарите, а ние државните службеници ќе се однесуваме професионално и одговорно и зборот политика и понатаму ќе го споменуваме само во насловот на министерството во кое работиме и во контекст на креирање политики кои ќе овозможат еднаквост и почитување на правата на секој граѓанин во оваа наша држава.

И да ве информираме,  дел од нас ниту биле ниту пак се членови на политичка партија.

Да се биде одговорен сведок и гласно да се проговори за понижувањето, за деградирањето,  за заплашувањето и за мобингот не е обид за политичка конфронтација или  нарушување на углед, туку почеток на барање правда согласно сите позитивни законски прописи и меѓународни конвенции за заштита на човековите права кои Република Македонија ги има ратификувано. Нема да не заплашите, туку само дополнително ќе не охрабрите да застанеме на страната на правдата и на почитувањето на еднаквоста.

Дел од вашиот демант е испратен на погрешна адреса, нам професионалците во државната администрација. Ние единствено сме одговорни за спроведување на активностите предвидени во описот и пописот на нашите работни задачи, а тоа е професионално и одговорно учество на креирање на политики и нивната имплементација. И да ве потсетиме, за нашата професионалност изминативе кој 10, кој 15 кој 20 и повеќе години оценети сме со нависоки оценки и со добиени меѓународни сертификати и пофалби од сите оние кои пред вас го следеа нашето работење. Само вам ние не ви чиниме!!!

Блокирањето на телефонските броеви на повеќе од 30 вработени, без известување, а дел од нив на оправдано боледување и отсуство од работа, само зборува за одличното и професионално организирање на работата во министерството од ваша страна и од страна на овластените лица од вас. Испраќањето на дописи до Фондот за здравство за итни проверки на боледувањата на државните службеници со уредни боледувања зборуваат за тоа колку добро и организирано делувате. Зарем тоа не е притисок? Но тој не е од наша страна туку од ваша.

Затоа, длабоко се извинуваме ама извинување од нас потпишаните во отвореното писмо до вас нема да добиете!

Јованка Тренчевска, советник

Наташа Методијева, соработник  

Јасмина Јовановска, раководител на одделение

Зихра Мемети, раководител на сектор

Поврзани новости