И Груевски ли бил соросоид кога се жалел на кршењето на човековите права кај меѓународните организации?

Текстот е објавен на 11 мај 2012 во неделникот „Фокус“ број 880.

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Оваа вмровска гарнитура луѓето ги диференцира и третира само според еден критериум- како ги вреднуваат остварувањата на Владата на Груевски. Согласно ваквите нивни оценки, потоа ви следува адекватна преродбеничка порција за вашата морално –политичка (не)подобност, за што, верувам, црпеле инспирација од традициите на Комунистичката партијата под водството на Тито и Лазо. При тоа, ако сте далдисани од епохалните дострели на преродбата, тогаш имате сериозни шанси: а)да ви изградат споменик на плоштад, б) некоја улица да го носи вашето име, в) претседателот Иванов да ви закачи орден на вашите патриотски гради, или, во најамал рака, г) да ве заплисне новиот бран и да ве однесе на некое директорско или амбасадорско место.

Доколку сте „застраниле“ и јавно споделувате мислење дека во владеењето на Груевски гледате демократура, тогаш не ви гине нешто од широкиот спектар на алатки прилагодени за успешно справување со непријателските орди. Се почнува со најблагата мерка – етикета на предавник, платеник, соросоид, бранковист, иако сите, горе –долу, се од ист ранг. Нормално, прво ќе ве исплукаат, за да може етикетата подобро да ви се залепи. Ако оваа педагошка мерка не е ефикасна, се оди на други, до најтешката барем за сега, да заглавите во затвор.

Инаку, ваквите операции се одвиваат по веќе добро увежбано сценарио. Постои нешто како марксистичка поделба на трудот- се знае кој дава наредба, кој, што би рекли Словенците „лако прихаја“ на задачата, кога стапува на сцена тешката артилерија, кој од медиумските специјалци и како ќе му го зададе финалниот удар на „мрсникот“ за преродбата.

Е токму деновиве бевме сведоци на уште еден римејк на истиот партизански филм, со музичка подлога од евергрин рефренот, во оригинална верзија: „Ко друкчије каже, клевеќе и лаже, осетит нашу ќе пест“. Инаку,  повод за портокаловата драмолетка беа оценките за слободата на медиумите срочени од „Фридом хаус“.

САРМА СТАНДАРДИ ЗА ПРОФЕСИОНАЛНОСТ

Во нај­но­ви­от из­ве­штај на меѓународната ор­га­ни­за­ци­ја „Фри­дом ха­ус“за сло­бо­да­та на ме­ди­у­ми­те бе­ле­жи­ме пад од 20 ме­ста во спо­ред­ба со ла­ни. Се најдовме на 115 ме­сто од вкуп­но 197 др­жа­ви. Пред нас се ран­ги­ра­ни Ле­со­то, Си­е­ра Ле­о­не, Тан­за­ни­ја и Банг­ла­деш. Ние со години сме во групата држави со делумна слобода. Но, она што е најалармантно овој пат се три заклучоци. Прво, дека сме на последно место во регионот. Второ, дека со Украина најмногу сме назадувале. Трето, дека нѐ делат само седум поени за да им се придружиме на земјите во најдолната група- во кои нема слобода на медиумите. Квалитетот, пак, на портокаловите реакции за овој „катиљ абер“, верувам дека можат да нѐ збогатат барем со уште едно поенче до следната фаза – неслобода.

Сепак, во моите првични прогнози имав една утка. Очекував дека груевци ќе го расплачат мамичето на „Фри­дом ха­ус“, како што претходно удрија по „Репортери без граница“. А на репортериве им најдоа маана дека ги финансирал Сорос. Поточно, делумно и погодив. И овој пат вината за загрозените медиумските слободи ја здогледаа на друга адреса- бриферите на „Фридом хаус“, кои, пак, незибежно се соросоиди. Сорос, бре, им е како ноќна мора!

И нормално, Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ го отвори ревијалниот дел, иако, до ден денес ми делува саркастично да се вика за комуникации, бидејќи центарот има чудно вреднување на зборот комуникација. Во секој случај, а тоа го пласираа уште како ФАКТ, соопштија дека „луѓе и инсталации блиски на СДСМ и фондацијата СОРОС на Владе Милчин се тие кои што од Македонија ги испраќаат негативните информации, извештаи и формулари и од нивни лични и политички причини креираат негативна перцепција и го нарушуваат имиџот на Македонија“.

Но каде што застана Центарот со општиот опис на негативците, таму продолжи ТВ Сител. Според професионалните стандарди кои ги бендисува Центарот, Сител ги идентификуваше виновниците што го нарушуваат имиџот. Со други зборови, овде слободата на медиумите е во процут, Фридом е океј, ама злочестите брифери ги наседнале овие фридомовци.

И што разбравме од авторот на прилогот, Александар Спасовски познат под прекарот Сарма. Како што дознавал Сител или според извори на Сител, иако не прецизираше накај каде им е лоциран изворот, како нарушувачи на имиџот се набројани Ацо Кабранов, Борјан Јовановски, Сашо Орданоски, Роберто Беличанец, а среде ова друштво бев скицирана јас, лично и персонално, ама без име и презиме како ситна боранија- само со назнаката – уредничката на дневниот весник Фокус, кој исто така – обзнани Сарма, е под директна контрола на СДСМ и Сорос. Аууу, се наежив! Според професионалните сарма- стандарди, какви што му пријаат на Центарот што го раководи Илија Димовски, штетниците по имиџот на Македонија не беа прашани за „фактите на изворот на Сител“, а и еднствениот кој ја имал таа привилегија да демантира дека контактирал со „Фридом хаус“, потоа неговата изјава како штетна по професионалноста и сарма – стандардите, не доби простор и троа секунда во прилогот.

Инаку, „сарма“ стилот се примени уште при првичниот допир со извештајот. Оваа информација од Фридом хаус, професионално нели, државната агенција МИА ја објави како вест во која тврдеше дека слободата на печатот не била во опаѓање. Сме биле лани на 96 место, а сега на 115, но, државната агенција овој заклучок го извлече од генералната состојба на медиумите во светот. Значи, општо земено не излажала ама конкретното го пропуштија- немаше ни збор за она што се случува Македонија. Потоа оваа вест некритички ја пренесоа провладините. Ќе да сме заработиле уште едно поенче од ваквата професионалност која ги задоволува стандардите од моделчето на ВМРО- Грујовистичка.

ЦРВЕНИТЕ КМЕРИ ВО ПЛАНЕТАРНА МИСИЈА

Потоа следуваше Слаѓана Димишкова како прв човек на Македонската асоцијација на новинари (МАН) на ТВ Алфа во рубриката „пола-пола“. На прашањето за извештајот од Фридом хаус, Димишкова јавно (се) праша „Зошто Фридом хаус да ни биде референтна организација?“ И плус ја прошири и надгради тезата-прашање, со препораката „кога зборуваме за слобода на медиумите треба да се погледнеме себе си и да ги унапредуваме професионалните стандарди“. Да пукнам, ама не можев да укапирам- дали унапредувањето да го делкаме според сарма стандардите како референтна мерка?

Но, дека ваквите „одјеци и реаговања“ не се исклучок туку правило, ќе приповторам неколку сцени од пред само неколку месеци. Кога лани „Репортери без граници“ објавија нивно вреднување, според кое Македонија за две години паднала 60 места на листата за слобода на медиумите, премиерот Никола Груевски во Собранието се посомнева во рангирањето. Значи трендот не е од сега, туку има континуитет.

– Има различни рангирања од различни меѓународни институции и тоа во голема мера зависи од фактот кој ги финансира овие институции. Така, „Репортери без граници“ е финасирана од Сорос, додека според „Фридом хаус“ Македонија бележи континуиран напредок и подобрување во областа на медиумите – изјави Груевски, не оспорувајќи ја референтноста, нели, на Фридом хаус.

Откако Фокус, спротивно на сарма стандардите, побара одговор од портпаролот на Владата Мартин Мартиноски како Џорџ Сорос влијае врз резултатите на „Репортери без граници“, не добивме објаснување. Немаше коментар ни дека покрај Сорос оваа организација ја финасира и француската Влада. Или, дали можеби и Саркози е Соросоид?!

Но, ете, сега кога и од оваа адреса се регистрира слободен пад на медиумските слободи во Македонија, мораше да се пронајде друга злосторничка адреса, нормално повторно соросоидна.

Но, ајде да ви ги освежам споменките уште некој месец троа поназад. Се сеќавате ли на писмото до Филе што го напиша и потпиша новинарскиот професионален крем, по вмровски вкус? Кога му отворија очи на еврокомесарот дека „слободата на медиумите е непостоечки проблем“. Дека „тази дупка не е дупка“ туку е измислена во лабораториите на „црвените кмери и евроболшевици“! И види сега, евроболшевиците и кмерите се инфилтрирале прво во репортерите, а сега и кај фридомци! Или, влијанието на соросоидите и на СДСМ добива загрижувачки планетарни димензии!

СОРОС ВЛИЈАЕЛ ЗА ЛОШИТЕ ИЗВЕШАТИ ВО ВРЕМЕТО НА СДСМ!

И кога веќе шетаме низ времепловот, да се задржиме малку и на периодот кога Бранко Црвенковски дрмаше со медиумите и слободата на изразување. Состојбата и тогаш беше бајаги инспиративна. Фокус и тогаш креваше глас и ги анализираше загрижувачките појави што Брисел и Вашингтон ги регистрираа во периодот на златното доба на транзиционерот Бранко – политичко влијание врз медиумите, економски притисок, судски пресуди против новинари за клевета. Дадовме солиден публицитет кога Стејт департменот констатира дека власта на СДСМ врз медиумите врши „економски притисок преку уцена со владините огласи“. Нормално, медиумите кои земаа пари од владата на СДСМ го проследија извештајот со громогласна тишина. Од денешен аспект гледано, барем не се дрзнаа да ја оспорат референтноста на адресите од каде што доаѓаа овие шлаканици. Ниту пак, да прават црн список на брифери кои го нарушиле имиџот на Македонија!

Да, кој ли тогаш ги брифираше овие меѓународни организации? Сорос ли го уривал имиџот на Македонија и во бранково доба?! Или, штом СДСМ е толку влијателна во опозиција, сигурна била уште посилна на власт, па излегува дека самата си се офирала кај меѓународните фактори кои ја оценуваат слободата на медиумите во светот!

Патем, чисто поради стандардите, и денес регираме од Фокус за бесмислените владини кампањи со кои се копрумпираат медиумите со народни пари кои што се „раздаваат“ според лојалност кон преродбата. Сега мудро молчат оние другите, броејќи ги парите од Илинденска. Море, не молчат туку јавно ги подржуваат ваквите коруптивни финансиски трансакции по слободата на медиумите. Така и се третираат и од сите релевантни мониторинг мисии, иако од Центарот за комуникации тврдат дека се било согласност законот и европските практики. Ете, европејците не знаат како е по европски!

И да се задржам уште малку во времето на СДСМ. Според Фридом хаус во извештајот за 2005 година, значи сдсмовско време на квадрат, Фокус посвети бајаги простор на фактот што бевме рангирани на 110 место, од 194-те оценувани држави. Исто постапивме и кога во 2006 нѐ подбраа и нас новинарите за „делумната слобода“. Случајот „Фабрика“ беше регистриран како етички скандал. Наведоа дека новинари од повеќе големи медиуми навечер, со посредство на агенција за односи со јавноста, хонорарно работеле за владата, пишувајќи говори и изјави за министри. Она што беше уште позанимливо е дека Фридом хаус забележа и како повеќето медиуми го одмолчаа овој етички скандал. Фокус не беше меѓу нив, молчеливите. Од оваа дистанца, иако не штедевме арсенал на критики на сдмовските дострели во слободата на медиумите, тие се правеа чукнати, што би се рекло, и си тераа по свое. Овие, пак, сега најлефтерно веднаш го убиваат гласникот!

И откако ја добивме Преродбата, во првите години, според Фридомот де, Македонија не котираше најдобро иако беше подобро пласирана од бранково време. Со меѓународниот протекторат Босна и Херцеговина котиравме најлошо од балканските земји според слободата на медиумите, делејќи го 98-то место. Ама тоа наспроти 110-то е грандиозен успех. И нормално, и бриферите на фридомци тогаш имаа интегритет, односно не беа соросоиди. Арно ама бргу се расипаа. Не се веќе подобни како што беа.

И фридомци изгубија критериум, и паднаа под влијание на СДСМ. Сосема кусо, во извештајот на „Репортери без граница“ објавен есента 2010 година, Македонија преродбеничка падна за 34 места. Потоа и Фридом хаус регистрираше лани а за претходната година, најголемо уназадување на слободата на медиумите. И се редеа така извештаи од лоши брифери и злочесто финансисери од Амнести инернешанал, ОБСЕ, Европска федерација на новинари, Европската комисија.

СО ОСПОРЕН ИДЕНТИТЕТ АМА СО ЕТИКЕТА

Ако секој светски ден за слободата на медиумите, 3 мај, главно беше одбележуван со таканаречената манифестација „пет минути громогласна тишина“, оваа 2012 добивме громогласна хистерија од професионалците поради вреднувањето од Фридом хаус. И сега, обезимена, со оспорен идентитет, иако солидно нацртана и етикетирана, се најдов меѓу кодошите кои го нарушија имиџот. Согласно моите години и новинарско искуство, од Центарот и вмроидите од грујовистичка сорта и не очекував поинаква рекција. Не верував дека малку ќе се замислат, ќе пробаат барем како старите комунисти чии манири одлично ги восприемаа, да си удрат другарска самокритика. Ама поради читателите на Фокус, кои се доволни свесни и едуцирани, ( затоа немаме изгледа владини кампањи за ги освестат или да се осмелат), сметав дека е сосема нормално, како и секој мај, еднакво критички да проговорам за (не)слободите. Само што сега сум со обесена табла на врат како брифер кој го урива имиџот на джавата.

И конечно да ја расветлам недоумицата кој ми бил колега- информатор во времето на СДСМ? Кој, де, ги хранел Фридом хаус и сличните меѓународни асоцијации со податоци за состојбите во Македонија. Имено, кога пред 9 години го направив единственото интервју со тогаш тазе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, нормално како ненормална постојано да бидам критичар на власта, го прашав и како се справуваат со бранковите театри со апсењата на вмровците кои ги следеа долги притвори, за медиумите и такви ми ти работи. И еве што другарот Грујо, сега пастир на стадото возљубеници, ми одговори:

„Ја известуваме меѓународната заедница, ги известуваме сите меѓународни невладини организации за нарушување на човековите права, подготвувме неколку извештаи што до сега се испратени на многу адреси“, реферираше опозиционерот Груевски за нивните мисии, кои, пак, денес ги третираат како предавнички.

Зарем тогаш Груевци биле соросоиди штом чукале на овие порти? Дали со нивните брифинзи придонесоа да се подобри имиџот на Македонија? Прашуваа ли кој ги финансира овие организации? Да не имаат вмровците доживотна лиценаца како единствено овластени да ја оценуваат состојбата дома, ем да се брифери на меѓународната зедница.

Да биде уште посмешно, за подготовка на „соросоидниот“ најнов извештај, претставниците на Фридом хаус разговарале односно биле брифирани и од Владата и од неколку државни институции. Зошто нивниот збор не натежнал, е прашање на кое треба самите да си најдат одговор!

Со други зборови, не се измениле критериумите според кои овие угледни меѓународни организации ги креираат ранг листите. Не е нарушен ниту нивниот углед, оти зад нив стои децениска традиција. Не се промениле ниту стандардите според кои Фокус ја анализира слободата во нашата сфера- медиумите. Единственото нешто што доживеа радикален пресврт е што Груевски драматично го смени диоптерот откако се всели во одаите на Илинденска. Оние медиуми за кои најмногу го одврза ќесето под формата владини реклами, сега се и најгласни во величањето на неговиот лик и дела. Тие се и во првите борбени редови на разгорената „патриотска“ војна против оние кои не им се под контрола. А проблемот е што наумиле буквално се да контролираат. Кој упорно се опира, ќе биде збришан!

И после целава хронологија за принципите, сарма стандардите и аголот од кој се вреднува слободарскиот дух од Груевци, логично ми е да прогнозирам дека следната година нема да ни биде better ( англиски- подобро) туку по нашки – бетер! Море, данбетер!

П.С. Со оглед на тоа што вообичаено се прават рекламни спотови после секој прогрес на Македонија на некаква ранг листа, еве, овој пат, нема да се буниме доколку Владата ги овековечи ранг листите на Фридом хаус и репортери без граница. Да стори, де, уште една владина кампања. Алал нека ги трошат народните пари!

ФРИДОМ ХАУС

Фридом хаус е основана во 1941 година во Њу Јорк, како реакција на заканата од нацизмот. Нивното мото денес е дека ширењето на демократијата и зајакнување на човековите права и граѓанските слободи се најдоброто оружје против тоталитарните држави.

Како што објаснуваат за Фокус од оваа организација, рејтингот на Македонија годинава е влошен за безмалку 20 места поради неколку фактори. Тука се вбројува одлуката во Советот за радиодифузија да се приклучат нови членови од ВМРО-ДПМНЕ, како и затворањето на медиумите од Перо Наков, што им овозможи на провладините медиуми доминанатна положба на пазарот. За ваквиот надолен тренд влијаел и фактот што државата е се уште главниот огласувач со што ја загозува независноста на уредувачката политика, но, и затоа што драконските казни за клевета водат кон автоцензура.

И што од сето ова е нереферентно?!

РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА

„Репортери без граници“ е невладина организација стационирана во Париз која работи веќе 25 години. Таа ги штити новинарите кои се малтретирани или затворани поради тоа што го работат, парично помага преку 300 журналисти кои се соочуваат со високи глоби и финасиски ги поткрепува фамилиите на затворените репортери.

Според оваа организацијата од 2009 година до 2011 година Македонија има огромен пад во слободата на говорот. Организацијата главно се самофинасира. Француската влада им покрива околу пет отсто од буџетот, додека донатори се и други француски државни институции, покрај нели ноќната мора на вмровците- Сорос.

Како станав брифер
КАЗНАТА ОД 15.000 ЕВРА Е „РЕФЕРЕНТНА“ ЗА СТРАНЦИТЕ

И покрај „изворите на Сител“, со претставниците на Фридом хаус не сум имала чест да разговарам. Ама сепак „го уривав имиџот на Македонија“. Благодарение на Антонио Милошоски, и, уште повеќе, на судијата Ивица Стефановски со 15-те илајди евра казна досудена за душевни болки на екс министерот, имав можност да брифирам едно чудо други фактори. Пресудата на Стефановски сосе тужбата посебно ја скенираа, одговарав на прашања, се сретнав со Дуња Мијатович од ОБСЕ, со луѓето од СЕЕМО, со претставници на амбасади кои ја мониторираат медиумската и судската сфера… Секако, сторив и други предавнички думи, на пример, за улогата на владините реклами за преродбеничкиот медиумски вознес.

Сепак, она што особено ме трогна, се случи на средбата со претставничките на „Амнести интернационал“. Откако ги снимија тужбите од Ѕинго против Фокусовци и казната за Милошески, ме прашаа дали дозволувам да бидам спомената со име и презиме. Заблудена од влијанијата на СДСМ, стотици милји одалечена од сарма стандардите, маѓепсна од соросовите финти, се исчудив на прашањето. Ама, ваквиот пристап бил мотивиран од нивното искуство, дека повеќето овде се плашеле да бидат споменати со име. Подоцна разбрав дека луѓето од „Репортери без граница“ ја навеле Македонија како единствената земја во која се соочиле со овој проблем. Стравот од реакциите изгледа им се покажа како оправдан. Груевци сепак експресно идентификуваа виновници за нарушениот имиџ на Македонија кога се медиумските слободи во прашање. Ама гарант бате Саше и дада Гоца ќе излезат со „цврсти докази“ за осомничените во акцијата „Брифер“. Звучи шашаво ама функционира! Оти е портокалово!