Хелсиншки: Вранишковски е првиот политички затвореник во Македонија

by Фокус

Архиепископот Јован Вранишковски е првиот политички затвореник во Македонија по нејзиното осамостојување, пишува Хелсиншкиот комитет во неговиот извештај за 2013 година, објавен вчера.

Комитетот нотира дека во текот на 2013 година, Вранишковски, заедно со уште 18 други лица (меѓу кои неговата мајка, сестра и вујко, свештени лица, следбеници и поддржувачи на нерегистрираната Православна Охридска Архиепископија) беа обвинети за наводно перење на пари преку здружение на граѓани кое планирало да изгради објект за средби помеѓу верниците.

Полициската акција за апсење на обвинетите беше наречена „Расколник“, што за Хелсиншкиот е еднакво на предрасуда и претставува директна повреда на принципот на пресумпција на невиност на обвинетите. Со неправосилна пресуда на Кривичниот суд во Скопје, Вранишковски беше осуден на тригодишна затворска казна, а сите останати обвинети на двегодишна затворски казни која нема да се изврши доколку лицата во рок од пет години не сторат ново кривично дело.

„Претставници на Хелсиншкиот комитет ги следеа сите судски рочишта, но не беа убедени во аргументите понудени од Јавното обвинителство за докажување на вина кај било кој од обвинетите’, стои во извештајот.

Организацијата за одбрана на човековите права информира дека на денот кога било закажано објавувањето на пресудата, судскиот совет одлучил предметот да го врати во фаза на главен претрес и во истиот момент, без знаење на обвинетите и нивниот бранител, соопштил дека пред судот ќе сведочи лице кое наводно договарало продажба на имот со Вранишковски. Сведокот тврдел дека тој за земјиштето преговарал во негово име и во име на неговите соседи кои го ополномоштиле преку писмено полномошно.

„Првообвинетиот негираше дека некогаш се сретнал со сведокот по што бранителот побара полномошното да биде презентирано како доказ пред судот. Во тој момент судскиот совет ја напушти судницата и по 20 минутно советување соопшти дека предлогот се одбива, а судската постапка завршува. Првостепената пресуда беше обжалена, а на Апелациониот суд во Скопје му беа потребни повеќе од седум месеци за закажување на јавна расправа во април 2014 година. Кога јавната расправа требаше конечно да се одржи, судот ја одложи за во мај затоа што Вранишковски не беше спроведен од КПУ „Идризово“. Во мај, управата на затворот, без да го извести судот за причините, повторно не го спроведе обвинетиот“, потсетува комитетот во најновиот извештај.

Поврзани новости