Грујевски, освен Варелов, поседува повеќе тајни идентитети?

by fokus

Откако медиумите објавија дека Горан Грујевски, поранешниот прв човек на Петтата управа на УБК, поседува таен идентитет, односно лични документи на името Владимир Варелов, „Фокус“ неофицијално дознава дека Грујевски располага не со еден, туку со повеќе лажни идентитети.

Според досегашните информации кои беа објавени во јавноста, тој државата не ја напуштил како Варелов, што дополнително ја подгрева нашата информација дека тој сепак располага со најмалку уште еден таен идентитет. Сепак, останува отворена можноста и покрај неколкуте патни исправи во рака, тој нелегално да ја напуштил државата, или пак се уште да се крие во Македонија.

Неодамна Телевизија 24 вести објави дека Грујевски неколку пати ја напуштил и влегол во државата со тајниот идентитет. Според информациите на телевизијата тој патувал неколку дена пред Врховен да го потврди притворот за него, и тоа повеќе пати влегол во Србија и Бугарија. Но, сепак не избегал како Варелов.

Од МВР засега не соопштуваат детали за потрагата, туку само информираат дека активно трагаат по бегалците. Неодамна пак министерот Оливер Спасовски истакна дека Специјалното јавно обвинителство води истрага за тајните идентитети на Грујевски и на други лица, што треба да открие точно кои лица со колку тајни идентитети располагале.

Поседувањето на таен идентитет е незаконско, бидејќи тоа не го пропишува ниту еден закон или правилник на МВР, освен во случаите за заштита на заштитените сведоци. Сепак, според поранешни разузнувачи, во МВР понекогаш се користела нелегалната пракса, агенти, за извршување на тајна задача да добијат лажен имунитет, но истиот им бил одземан експресно по завршувањето на задачата.

Грујевски и Горан Бошковски, обвинети во случајот „Таргет и Тврдина“ на СЈО, веќе два месеци се во бегство, откако Апелациониот суд им одреди притвор.

Притворот за обвинетите Аплеациониот суд го одреди на 18 јули, но тие веднаш не беа спроведени зад решетки, бидејќи им беше оставен простор да се жалат пред Врховниот суд, а во поуката на Апелација беше наведено дека правото на жалбата го одлага извршувањето на решението.

Грујевски е обвинет за кривичните дела „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Фалсификување службена исправа“, а Никола Бошкоски се товари за кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Фалсификување службена исправа“.

В.В.

Поврзани новости