Грујевски, Јакимовски и Бошковски нема да бидат спроведени во притвор, ќе се чека одлуката на Врховен

by fokus

Иако Апелација вчера ги прифати жалбите на СЈО и им одреди мерка притвор на Горан Грујевски, поранешен началник на Петта управа, Тони Јакимовски, екс шеф на кабинетот на Сашо Мијалков и Никола Бошковски, поранешен вработен во УБК, сепак тие нема да бидат спроведени зад решетки, бидејќи ќе се чека одлуката на Врховниот суд.

Како што вчера информираа од Апелација, осомничените за кои е поднесено обвинение за случаите „Таргет и Тврдина“ имаат право на жалба до Врховниот суд која што го одлага извршувањето.

Иако има поделени мислења за тоа дали жалбата го одлага извршувањето, правниците кои ги консултираше „Фокус“ појаснуваат дека во Законот за кривичната постапка постојат недоречености кои во овој случај можат позитивно да се искористат во полза на осомничените.

Поточно законот пропишува дека по одлуката на првостепениот суд одлуката за притвор станува извршна и жалбата до Апелација не го одложува извршувањето, додека не е пропишано што во ваков случај по поднесена жалба на одлуката на второстепениот суд. Затоа адвокатите се повикуваат на член 442 за суспензивно дејство на жалбата каде што пишува„ Ако во овој закон поинаку не е определено, со поднесувањето на жалбата на решението се одлага извршувањето на решението против кое е изјавена жалба“.

Сега одбраната на осомничените, велиме осомничени, бидејќи обвинети ќе станат откако обвинителните акти поднесени против нив ќе добијат позитивна оцена, имаат рок од 24 часа да поднесат жалба. Врховниот суд пак има рок од 48 часа да донесе одлука.

Грујевски и Бошковски немаат пасоши, односно им ги одзеде судот, додека Јакимовски кај себе ја има дипломатската патна исправа, која му беше оставена за да може да патува во Романија, каде што е генерален директор на Центарот СЕЛЕК.

Валентина Вурмо

Поврзани новости