Груевски стана дел од незрелите светски диктатори!

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 30-ти декември 2011-та година во неделникот „Фокус“ во новогодишниот двоброј 861-862

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

Што мајка бара Груевски во дијагнозата за водачот на Северна Кореја? Анализата на Вашингтон Пост не го спомнува со ниту еден единствен збор, а, сепак, токму со неговата фотографија е илустрирана „медицинската белешка“ на Ким Јонг-ун!? Една слика, илјада зборови? Да, но само за оние што сакаат да видат, дека нашиот Пастир стои рамо до рамо и со диктаторот од Свазиленд. Останатите бездруго ќе поверуваат дека, ете, и на влијателниот американски весник му се случува да згреши!

Фитилот го запали Бранко. Се пожали на стравот што го зафатил народот. Истиот народ, кој пред едвај седум месеци беше толку охрабрен што го соколеше дури и раководството на СДСМ. Така барем велеше Црвенковски на стартот од јунските парламентарни избори. Што се случи во меѓувреме, за Б.Ц. повторно да помисли дека народот подлегнал на истата болка?

Да, се случи истото што се случуваше и тогаш, пред изборите. Опозицијата дре­ме во канцелариите и нема поим, какво е расположението меѓу луѓето. Како и на почетокот од кампањата, кога тргна да го храбри наро­дот, а после два-три митинзи заклучи дека не­мало потреба од такво нешто, оти, нели, народот не бил уплашен. Се разбира, изборите го сторија своето. Тие беа надежта, дека власта може нас­коро да биде поразена, па стравот беше заменет со одважност. Но, дали само новиот мандат на Груевски го врати стравот кај граѓаните?

Според мене, состојбата е уште полоша. Што е полошо од стравот?! Безнадежноста.

Чувството на немоќ, дека состојбата може да се промени. Тоа е, чинам, денешното распо­ложение мегу луѓето, кои ја загуби]а вербата во можноста да се промени власта на регуларен, демократски начин. Уште повеќе, мнозинството граѓани се чувствуваат изневерени, предадени, оставени сами на себе. Од авион се гледа удвоената агресивност на власта, меѓутоа, уште повидлива е отсутноста на опозицијата. Едноставно, нема водство, кое би артикулирало елементарен отпор. А, штом нема отпор, тогаш не може ништо друго да се очекува, освен уште побезобѕирно владеење. Нормално, Груевци веќе мислат дека народот ужива во малтретирањето што секојдневно му го приредуваат. Точно, штом луѓето молчат, тогаш арно им е! |

Дали заборавивме што беше одмолчано во седумте месеци после изборите? Прво, убиството на Мартин Нешковски. Второ, апсењето на Бошкоски и признанието на власта, дека преку неговото следење ги следела и останатите опозициски лидери. Трето, лакрдијата од лустрирањето на Милчин. Четврто, рушењето на Космос. Петто… Бесмислено е да се реди понатаму. На опозицијата не и треба ниту половина од наведеното, за да се дигне на нозе. Пардон, на секоа друга, освен на нашава. Пред сѐ на онаа од левицата, затоа што десницата беше „оправдано отсутна“ после изборниот дебакл. Значи, што правеше СДСМ за сето тоа време?

Наместо жесток одговор, од Бихаќка стигнаа 100 дена раат за новата влада!? Која нова влада, кога Груевски и Ахмети ја потврдија победата!? Бесмислено, но, во тој мо­мент неопходно. Црвениот немаше време за друго, освен да смислува начин за опстанок на лидерската партиска позиција, наспроти воспоставениот принцип на сменливост на водачот што ги загубил изборите. Едноставно, мораше да смисли нешто, кое ќе го куртули од судбината на Рада и Бучко. Нормално, штом се сака – ќе се смисли. Бранковиот пораз стана рамен на победа, оти бил многу помал од оној на претходниците. Машала!

Арно ама, таа мудролија си има многу лоши страни. Како може, на пример, Бранко да вади народ на улица, кога безмалку вчера доживеа изборен пораз!? Мораше, значи, да се смислува нешто трето. Помните, белки, се фрли шашмата со обединувањето на сѐ што мисли опозициски. Но, и тоа не оди со Црвениот на чело. Наместо лично да појде кај другите опози­циски партии, тој чекаше тие да дојдат ка] него!?

И – толку. Пардон, меѓувремено се најавуваше некаква жешка есен и се формираа совети, за водата да не стои бистра. Во таква ситуација, народот повеќе треба да стравува од опозицијата, отколку од власта. Чиниш ујдисана е со неа, па затоа не прави ништо за да ја заузда. Е, тоа е, богами, за плашење!

За жал, не е само Бранко тука, кога треба на Груевски да му се помогне. Вториов знае да се реваншира. Се обиде да биде „дубински“ аналитичен, и, вообичаено во такви прилики, ја оплеска работата. Пастирот бил шокиран од дијагнозата што Црвенковски му ]а плеснал на народот!? Како смее некој да каже дека народот се уплашил, кога тој ист народ храбро јуриша на сите душмани од Солун, преку Брисел, сѐ до клет Вашингтон?! Пишува писма, протестира, вика, пцуе… по секој оној што не може брзо да му врати. Хм, зар мала храброст е тоа?!

Шегата на страна, оти конечно стигнавме до моментот на вистината. На сцената се качи ,премудрата, Јана Лембанова, ко]а без ронка страв тргна во Лубовна офанзива на Илинденска б.б.  И Груевски сакала да го бакне, ама не ѝ дале. Просто го обожувала, па затоа немало ништо лошо ни за владата да каже. Да, де, додека не излезе пред камери­те, за да си го признае лицемерието, без кое не можело да се опстои. На здрав]е. Ете, најпосле, некое фајде од фарсата наречена „црвен килим за граѓаните“. Власта глуми дека многу го сака народот, а народот ѝ враќа со иста мера.

Сеопшта хипокризија, и тоа меѓу луѓето што ја поддржуваат Преродбата. На здравје. Сѐ е кажано, нема веќе потреба ниту од „дијагнозите“ на Бранко, ниту од „лековите“ на Грујо. Не знае човек, дали им е потешко на оние што се крстат во власта или на оние што сѐ уште не ја загубиле вербата во опозицијата!!!

Во ваква ситуација, сосема нормално е да се очекува спас од сосема трета страна. Штом власта спроведува самоволие, а опозицијата не е способна да ѝ се спротивстави, тогаш, вообичаено, погледот се врти кон Бри­сел и Вашингтон. Едноставно, ниту Груевски сам од себе ќе се поправи, ниту Бранко ќе не оправи. Што може, значи, да се очекува од меѓународниот фактор?

Ако се цени според предбожиќното издание на Вашингтон пост, привршува трпението за „преродбениците“. Влијателниот амери­кански весник, кој важи за близок до Белата Куќа, прати необична порака. Во анализата за капацитетите на новиот владетел со Северна Коре]а, сосема неочекувано влетува и нашиот Пастир. И тоа со фотка, како илустраци]а на текстот, иако во него не се спомнува со ниту еден единствен збор. Зборувајќи за младоста како хендикеп во водењето држава, Груевски се најде во друштво со Ким Џонг-Ун и диктаторот од Свазиленд, кралот Мсвати. Под фотката на на­шиот Водач, не случајно е прибележано дека во политиката влегол на 26 години, премиер станал на 36, а од „противниците е опишан како корумпиран, макијавелист и подготвен да ги уништи независните медиуми“.

Ова не е доволно за менување на состојбите? Богами – не е. Тешко нас, ако помислиме дека некој од надвор ќе ја заврши нашата работа. Како и секогаш, сами одлучуваме каква ќе биде и следната година. Да сториме сѐ, да биде барем помалку несреќна од оваа што заминува!WashPost Grujo

Поврзани новости