Груевски најави ново покачување на пензиите

by fokus

По два дена откако Светската банка алармираше дека македонскиот пензиски фонд е во опасност и е неодржлив на среден рок, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најави ново покачување на пензиите.

-Ноемвриската пензија, која ќе биде исплатена на почетокот на декември годинава за околу 300 илјади пензионери ќе биде покачена за 5 проценти или за околу 670 денари месечно по пензионер, без разлика на политичката криза која влијаеше на економијата во земјава, но беше ублажена од преземените чекори на Владата – изјави денеска Груевски.

Во понеделникот пак, Светската банка, во извештајот за економскиот развој на Македонија посочи дека пензискиот фонд е доведен во опасност, поради новите вработувања со последните владини мерки.

Во извештајот се нотира дека дури 89 отсто од новокреираните работни места се со фискален стимул. Само во минатата година од 21 илјада нововработени дури 18.700 работни места биле стимулирани од Владата.

Кај овие работни места работодавецот е ослободен од плаќање на социјални придонеси и слични давачки, па дефицитот во ПИОМ се пополнува со буџетски пари.

Инаку, со ребалансот на буџетот за годинава, предвидено е во пензискиот фонд да се префрлат 432 милиони евра за да има навремена исплата на пензии. Догодина пак, дури 452 милиони евра, односно 45 отсто од пензиите ќе се исплаќаат од буџетот, а не од пензиските придонеси.

Поврзани новости