Груевски на средбата со Хојт Ји го повторил ставот за предвремени избори

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со Никола Попоски, Никола Тодоров, Трајко Велјановски, Владимир Ѓорчев и Александар Николоски остварија средба со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, известуваат од партијата.

На средбата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштенито, биле повторени ставовите за најновите случувања, политичката ситуација и аспектите за излез од кризата:

„Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека Македонија се наоѓа во длабока политичка криза подолг период и многу работи претходеа на ваквата ситуација, сето ова резултираше со влез на народ во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува физичко насилство, но во исто време го осудува и политичкото насилство кое го направи СДСМ врз институциите, деловникот, законите и уставот.

За ВМРО-ДПМНЕ политичкото насилство врз Уставот, законите и деловникот од страна на СДС предизвика гнев, а дополнителна провокација беше и интонирањето на албанска химна во македонското собрание. Сето тоа заврши со нелегален обид за избор на претседател на собранието надвор од сите процедури, на веќе официјално завршена седница, без официјален записник, без стенограм, без право на збор на пратениците, надвор од Деловникот за работа, законите и уставот“, се вели во соопштенеито.

 ВМРО-ДПМНЕ вели дека ваквиот преседан отвора лоша можност за во иднина – „на незаконски начин да се повтори ваквата процедура и да стане пракса, што би преставувало суспендирање на правниот систем на државата“.

„Во однос на дебатата во Парламентот беа користени сите законски и деловнички можности од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За Подобра Македонија за искажување на ставовите и позициите, низ парламентарната дебата, користејќи го максимумот на законот и она што го дава Деловникот.

ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со наметнување на тиранската платформа која има многу спорни и контраверзни делови опасни за понатамошното функционирање на државата. Нејзиното создавање и прифаќање по одржаните декемвриски избори за голем број на граѓаните преставува голема изборна измама.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека најдобар и најбрз начин да се излезе од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори“, стои во соопштението на партијата.“

Поврзани новости