Архива: Груевски мора да биде дигнат на клоци од оние што го креваа на раменици!

Текстот е објавен на 11 јули 2010 во неделникот „Фокус“.

Пишува
Никола МЛАДЕНОВ

Мошне динамично е во регионот, кој и без тоа никогаш не страдал од досада. Еве, сосема неочекувано, без никаква најава, пред две недели во Софија осамна лично шефот на ЦИА. Посетата траела два дена, но, Леон Панета, заборавил, да се сретне со претседателот Прванов. На средбата, пак, кај премиерот Борисов, не присуствувал ниту неговиот бугарски колега од разузнавањето, кој е под ингеренциите на Прванов. Сите комплименти биле резервирани за Борисов, кој бил уверуван во решеноста на ЦИА, да направи се што треба за постигнување поголема безбедност за бугарскиот народ. Впрочем, такви биле и поздравите од Обама за Борисов!

Аналитичарите во Софија се особено фокусирани на изјавата на Панета, дека тој е шефот на ЦИА, а Борисов е лидерот на Бугарија. Во неа се чита директна порака за Прванов, но, многу позначајно, и индиректна порака до Москва, да знае кој е човекот на Вашингтон во Софија. Колку Путин да не помисли дека Американците со скрстени раце би гледале украинско сценарио и во Бугарија. Едноставно, Борисов доби јасна поддршка за неговата политика на намалување на енергетската блискост со Русија, спроведувана од неговиот претходник Станишев, која неминовно ги потхранува надежите на структурите околу Прванов и за политичко кокетирање со Кремљ!

Претходно, пак, кон Белград беше фрлен пробен балон за неговата подготвеност на разговори за евентуална поделба на Косово. Американски гео-стратези ја ставија и таа карта на маса, како можен излез од ќорсокакот на релацијата Србија – Косово. Се разбира, Тадиќ се уште го утврдува пазарот, арогантно изјавувајќи после посетата на Грција, дека неговата држава е, економски, културен и интелектуален центар, на овој дел од Балканот. Бездруго е охрабрен и од неодамнешната понуда на Турција до Белград, заедно со Анкара да биде клучниот гарант за стабилноста на регионот. Не треба човек да е особено бистар, за да сфати дека се наоѓаме пред договор за иднината на нашето опкружување во следните десет-петнаесет години!

Не случајно е српското отворање на сите прашања. Од Хрватска и Босна, преку Косово и Црна Гора, се до Македонија. Без оглед што нашите генијалци се прават наглуви, никој сериозен не ја занемарува последната ,несреќна, изјава на новиот ,умерен, поглавар на Српската црква, кој, практично, и нас не стави во истиот кош со Црна Гора, како нешто привремено. Добрите познавачи на српските прилики се убедени дека Иринеј само го кажал она што и самиот Тадиќ го мисли. Значи, битката за Србија е пред самиот финиш, а ние се правиме дека тоа нема никаква врска со нас, па спокојно си фаќаме џенем, дур до Мароко, а, богами, и до Казахстан ем Азарбејџан!?

За разумните, и ова е доволно за што поитно влегување на земјава во НАТО. Зар не ни е јасна сериозноста на моментот, штом, еве, и Борисов мора да добива уверувања од Обама за безбедноста на бугарскиот народ и држава!? Зошто се изложуваме на неизвесност во играта, за која изгледа имаме најмалку сила? Тоа не е пријатно сознание, меѓутоа, судбината на нациите е во директна зависност од способноста за проценка на сопствените можности. Погледнете ја меѓународната позиција на сите околни држави низ нивните средби со моќните светски чинители и се ќе ви стане јасно. Значи, никој нормален нема против борбата за нашите интереси до последен здив, но, дали некој се уште верува дека Груевци вооопшто водат некаква сериозна битка на надворешен план? Тие само глумат бестрашност на домашен терен, меѓутоа, за жал, никаде ги нема таму, каде што навистина се одлучува за нашата судбина. Па, нашиот Милошоски не може ниту амбасадори во Брисел на вечера да собере, а не, пак, до некое повисоко ниво од портирското во Вашингтон да стигне!

Токму тоа е основната причина за раскрстување со политиката на Груевски, која почна и завршува како ефтина пропагандна измама за широките народни маси, изманипулирани со благородната идеја за зачувување на националното достоинство. Време е, значи, да се соочиме со вистината, дека сме поведени во битка од луѓе, кои ниту имаат намера, ниту, пак, знаат да се борат на меѓународен план. Затоа, впрочем, и болката и билката ја лоцираат во нашето божемно неединство. Зар некој навистина верува дека нашето никогаш јасно дефинирано единство ќе му ги отвореше вратите на Груевски кај Обама, Меркел, Барозо… Или, конечно, кај Медведев?! Да не е, можеби, попрво обратното? Замислете си за момент, обмислена стратегија на нашиот умислен Пастир, која му обезбедува доверба кај меѓународните моќници. Дали ќе бевме неединствени, доколку видевме суштинско градење на наша цврста, аргументирана, одбранлива, веродостојна позиција на светската шаховска табла?

Едноставно, не може да се има доверба во човек, кој дејствува како изгубен во времето и просторот. Непријатно е да се каже, меѓутоа, ние сме тие што практично молат за милоста на ЕУ, а Милошоски не се стеснува од делењето лекции на Брисел, за тоа што тој би требал да направи во однос на спорот со Грција, доколку сака да си ги сочува европските вредности!? Сакаме на Запад, а ги криеме писмата на Фуле!? Сакаме со Америка, а Груевски бега од Гордон дур до Загреб!? Со раширени раце прифаќаме помош од секој што сака да помогне, ама не поднесуваме емисари и колумнисти, па макар тие доаѓале од самите врвови на европската хиерархија!? Простете, но, каков исход можеме да очекуваме после таквото водење на нашата наводно голема битка за името? Конечно, кој може да му помогне на оној што не кажува каква помош очекува!? Од кога не сме ја чуле ниту фамозната двојна формула, како наша официјална ,црвена линија,?

Времето покажа дека тезата за Груевски како голем економист била обичен мит, шарена лага. Таа надеж е неповратно загубена. Премиерот не е во состојба да сфати дека приоритет за гладниот човек е храната, а не џинџурењето на скопскиот плоштад. Но, божемната преродба на економијата беше јадицата за првите избори од 2006-та. На ред е расчистувањето со заблудата, која му донесе убедливо мнозинство во 2008-та. Со неа, пак, треба да се справи македонскиот народ. Политичката шут-карта за Груевски мора да ја покажат Македонците, и тоа на избори, за овој да не ни глуми после Че Гевара низ улиците. Значи, ниту Американци, ниту Албанци. Метафорично кажано, Груевски треба да биде дигнат на клоци од оние што го креваа на раменици. Кратко и јасно – затоа што биле прелажани од човек, кој ги повикал кон реката, за да ги предводи во препливувањето, иако ни самиот не знаел да плива!

Се разбира, никој не може да го спречи инволвирањето и на ,останатите,. Меѓутоа, нивната улога не смее да биде поголема од оние на пратечките вокали. Прошталната песна за Груевски мора да биде дело на самите Македонци. Тој не смее да падне поради Американците или Албанците на Ахмети. Се разбира, доколку сакаме неговото заминување да значи вистински крај за јаловата, штетна политика, која тој ја персонифицираше во изминатите четири години!