Груевски им порача на кандидатите за негови наследници да не го злоупотребуваат неговото име

by fokus

Актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, му се обрати на членството на партијата и на канидатите за негови наследници за да им порача изборот за нов претседател да се одвива на демократски начин, без закани, уцени и заплашувања.

„Поминаа три дена од одлуката за одржување на вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Собирањето потписи за поддршка и внатрепартиската кампања започна.Чуствувам потреба да испратам неколку пораки до кандидатите и потенцијалните кандидати за претседател на партијата, до нивните соработници во нивната внатрепартиска кампања, до делегатите на Конгресот и до партиските тела и членови“, напиша тој на својот фејсбук профил.

Сите кандидати и нивни соработници, вели Груевски, како и сите делегати и општински и месни комитети имаат сериозна одговорност процесот на кандидирање и избор на нов претседател да помине во максимално мирна, фер и демократска внатрепартиска атмосфера и натпревар.

„Кандидатите не смеат да се делат според сегашниот нивни статус и функција во партијата. Секој член на партијата кој влегува во изборна трка треба да добие ист третман, фер однос, еднакви шанси за преставување и максимална отвореност од секој делегат, ОК или МК во контекст на негово преставување. Не треба да има било каква привилегија за оние кои во моментот се на повисоки партиски функции, во однос на оние кои не се“, додава тој.

Под точка четити Груевски вели дека оние кандидати кои во моментот се на повисоки партиски функции, не смеат да ја злоупотребуваат партиската инфраструктура, логистика, функционерите кои хиреархиски им се подредени и воопшто не смеат да ја користат моменталната партиска функција во контекст на актуелната внатрепартиска кампања и преставување, собирање потписи и било каква друга активност која е во целите на нивната лична кампања за претседател на партијата.

„ Апелирам кон кандидатите за претседател на партијата во процесот на собирање потписи да не користат никакви форми на притисок, заплашување, закани, уцени, измами, изнудување или било која друга нечесна и нерегуларна форма и начин при собирањето на потписите. Доколку во овие три изминати дена некој од делегатите во вакви околности се потпишал на нечија кандидатура, го информирам дека треба писмено да ја информира правната комисија на партијата и писмено може да го повлече својот даден потпис за некој од кандидатите. Доколку оцени за потребно може да ме информира и мене лично со цел да влијаам на побрзо покревање на прашањето во внатрепартиските тела“, вели Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им порачува на кандидатите да не го злоупотребуваат неговото име во контекст на собирањето потписи за поддршка и во контекст на гласањето.

„Треба да се знае дека станува збор за лажно преставување и информирање, и доколку тоа е пресудно при носењето одлука за поддршка, треба да се одбие давањето подршка или глас. Никого од кандидатите не сум овластил да се повикува на моја наводна ексклузивна поддршка, заради собирање потписи за подршка или гласање. Ниту еден мој соработник, пријател, роднина, колега или било кој сопартиец“, посочува тој.

Голема чест и одговорност, вели, да се биде кандидат за претседател на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација-Демократска Партија за Македонско Национално Единство.

„Секој треба да биде на нивото кое сите членови го очекуваат од него и со ништо да не го наруши угледот на партијата и на другите кандидати, да се однесува според правилата за фер плеј и согласно основните морални начела. Оној кој делувајќи спротивно од овие препораки сега во оваа фаза ќе го наруши угледот на партијата и конкурентите во партијата, не е достоен да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ и делегатите треба да го имаат во предвид ова“, завршува Груевски.

Поврзани новости