Груевски и Јанакиески во СЈО не сакале да слушат 315 „бомби“ кои се доказ во „Траекторија“, но сега тоа го бараат од судот

by Fokus

Никола Груевски, Миле Јанакиески и Владимир Пешевски, како и останатите обвинети во случајот „Траекторија“ денеска седнаа на обвинителна клупа, но рочиштето се прекина по еден час бидејќи на дел од обвинетите во 11 часот треба да им се суди во друг предмет.

За време на овој еден час, адвокатите на обвинетите бараа од судот да им дозволи увид во таканаречените бомби, кои СЈО ги користи како доказ, но тие досега немале можност да ги слушнат. Тие инсистираа дека главната расправа не може да започне се додека не ги преслушаат разговорите по што би можеле да спремаат квалитетна одбрана.

Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова објасни дека во овој предмет како доказ се користат 315 „бомби“, кои како што рече ги доставила само до судот бидејќи поголемиот дел од нив јавноста не била во можност да ги слушне, па стравувале дека доколку ги дадат и на одбраната, истите можат да се злоупотребат, односно да се разможат или да се интервенира во нив.

Адвокатите по ова образложение на обвинителката истакнаа дека се фрапирани и навредени, па посочија дека по логиката на обвинителката се создава сомнеж дека некој веќе можеби и интервенирал во доказите.

Таа посочи дека обвинетите и нивните адвокати имале можност овие снимки да ги преслушаат за време на предистражната и истражната постапка во просториите на СЈО, но тие одбиле, поради што добиле само транскрипти од телефонските разговори.

Адвокатката Светлана Савиќ истакна дека таа од судот побарала да ги слушне овие разговори, меѓутоа добила одговор дека за тоа во судот не постои техничка можност, па затоа извршила само увид во транскриптите, а во кои недостасувале транскрипти за четири или пет разговори.

Судијата Горан Бошевски посочи дека за овој предлог на одбраната ќе се произнесе на следното рочиште, а денешното го прекина бидејќи Груевски и Јанакиески се обвинети во случајот на СЈО, „Насилството во општина Центар“, кое треба да започне во секој момент.

Судењето за „Траекторија“ продолжува на 26 декември.

В.В.

Поврзани новости