Груевски до САД и ЕУ: Не можам да гарантирам дека ситуацијата нема да ескалира

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски доцна вчеравечер, освен со американскиот амбасадор Џес Бејли се сретнал и со евроамбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, информираат провладините медиуми.

Причина за средбите била како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, „скандалозната одлука на Државната изборна комисија” за поништување на гласањето во едно гласачко место во шестата изборна единица.

Груевски ги предупредил претставниците на САД и ЕУ дека нема да ги прифатат одлуките на ДИК, кои можат да ја променат прераспределбата на мандатите. На прашањето што ќе преземе партијата во спротивно, ВМРО-ДПМНЕ не сакала да каже, бидејќи како што велат, не можеле да го контролираат револтот на народот.

-Стана збор и за скандалозната одлука на ДИК за поништување на избирачкото место бр 0396-1 во општина Гостивар, и беа објаснети деталите за незаконската одлука на ДИК. Амбасадорот апелираше дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат, и праша која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК, на што беше одговорено дека партијата не  е во можност во моментот да му одговори на тоа прашање.

Амабасадорот потенцираше дека тие не ги коментираат одлуките на независни државни институции, каква што е ДИК, и колку што разбира конечната одлука треба да ја донесе Управниот суд доколку има жалба на одлуките на ДИК. На крајот на средбата амбасадорот уште еднаш посочи дека очекува лидерство во правец на неескалирање на состојбите, на што беше одговорено дека неможе да се предвиде што ќе се случи, бидејки има голем број револтирани граѓани чии постапки неможе да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат согласно законот– стои во партиското соопштените.

Поврзани новости