Грција во ЕУ и НАТО, а Македонија во Југославија – клучна за современите случувања

by fokus

Пишува: Венко Глигоров

Се вели дека за починатите и претходниците – се’ најдобро. Сепак, од анализата на активностите на нашите претходници, а посебно во последните 100на години може да се обсервира и оформува реално сегашната состојба и да се прават победнички планови за идната (благо)состојба на Македонија.

Често слушаме дека Македонија била (некогаш) најголема, дека Македонија била библиска и слично. Секако дека Македонија во овие искази била прва но само како географска територија, а не како некакво општествено уредување (освен она на Филип II и неговиот син Александар). Самуиловото царство е сепак Самоилово но не и Македонско (учебниците за историја во Оксфорд, Самоиловото царство го референцираат со Бугарско царство, на пример).

Сепак во многу работи во последните векови Македонија била прва во назадност и последна во благосостојба. Прва окупирана од османлиите, а последна “ослободена”. Македонија не фигурира во името на Кралството на СХС меѓу двете војни, … Значи во поголемиот дел од историјата, се зборува за Македонија како територија но не и како кралство, царство, држава, … За волја на вистината дури и Александар Македонски повеќе се спомнува во литературата како Александар Велики (дури и нашиот аеродром е крстен како Александар Велики, на пример).

Постојат исти трендови на уназаденост и денес, на пример, економијата на едниот дел од територијата на Македонија која е одржавотворена како Република Македонија е најнеразвиена на балканот во последната деценија до две (независно од кажувањата на политичарите) ….

Да напоменам за оние што не знаат, макар што може и да се изгугла, не сум историчар. Но. Имам искуство и солидно до-образование во странство за стратегија и спроведување на стратегија на компаниско и државно ниво. Инаку, пред да ме отфрлите како немеродавен за темата, иако како граѓанин секој има право да каже свое мислење, воопшто не е невообичаено бизнис книгите да се повикуваат на активности од историјата и обратно – преку бизнис активности (и интереси) да се креира “историјата”.

Вистината секогаш боли и колку и да боли не смее да се гледа (само) со розеви очила.Затоа се охрабрив да напишам повеќе редови за ситуацијата во која се наоѓаме и за одлуката пред која сме исправени – влез во ЕУ и НАТО преку договор со Грција. Познато е дека преговорите за името како услов за иднината на Македонија е сензитивна материја и дека оние со поскромен капацитет не може да ги согледуваат историските шанси што ги имаме, а се убедени дека Македонија од Александар до денес е светска сила … мора да ги удриме по нос и да ги освестиме таквите можеби-се-вистински патриоти но таквите патриоти несакајќи не’ водат во пропаст.

Поделбата и реалната блиска историја која сите ја знаеме

Македонија била поделена на три или четири делови на почетокот на минатиот век. Без да навлегувам какви и во колкав број народи опстојувале на целата територија на Македонија, факт е дека силите за обединување на целата територија на Македонија во форма на кралство или држава биле слаби … и-или силите за поделба биле посилни и затоа за големите сили било полесно да ја поделат македонската територија. Со други зборови, најверојатно Македонија не изградила сериозни лобисти во светот и не создала силни спреги кај народите кои живееле на целата македонска територија. Факт е дека Македонија е поделена и за тоа има секако причини меѓу кои и овие погоре кажаните.

Од историјата што сме ја учеле, таа од нашите учебници (во светските учебници за историја, историјата за Македонија е многу понеповолна за нас), уште ни е познато дека кога другите правеле кралства, Македонија е единствената територија на Балканот која немала “сопствено” кралство туку делови потпаѓале под другите кралства (и цркви) – веројатно ни ова не е случајно.

Познато ни е и дека имало разногласија помеѓу лицата кои во тоа време биле учени и лидерски настроени – кулминација било и меѓусебното требење и прерано покренатите востанија, како и себеуништувачките дејанија на солунските атентатори.

Понатаму, има одредени сознанија дека наши луѓе биле плаќани од други држави односно кралства за вршење на ликвидација, со типичен пример на атентатот во Марсеј. Овие платени убивства за туѓи државни интереси кај нас кај дел од луѓето се прокламираат како херојства на нашиот човек!!!!??? Веројатно оттука доаѓа и она “долга е раката на ВМРО”. Но кога те плаќаат да извршуваш прљави дејствија надвор, тогаш мајднсетот ти е спремен да можеш да правиш грозотии и дома, кај своите. Така и се случуваат братоубивствата и кодошлакот – типично опишани во народните преданија кои ги знаеме и со некаков вид на романтизам гледаме на нив.

Сево ова несвесно (или потсвесно) создава конфузија во македонското ментално и интелектуално ткиво, а чувството за обесправеност и неправди е доминанто – би рекол предоминантно. Затоа македонските народни песни се претежно тажни, а наместо да се префрлиме на иднината или да ни создава победнички дух – дури и химната ни е, барем јас така ја чувствувам, тажна и се воспеваат поединци од минатото кои дополнително ги земаат за свои сонародници и други соседни држави. Конфузијата со тоа постанува поголема, а така сум се чувствувал и кога сум учел историја во основното образование.
Македонија во Југославија, а Грција во ЕУ и НАТО

Се чини дека приклучокот за развој на Македонија во сегашните граници е фатен за време на Втората светска војна, а тоа е членувањето во федерацијата Југославија. Не навлегувам дали било исправно или не сето тоа. Фактите се дека Македонија почнува прогрес иако некои мислат дека прогресот можел да бил и поголем ако не сме биле во Југославија. Моите претци биле од струмичко-гевгелискиот регион со пристојно времетраење и живеење во Солун …

За разлика од Македонија, после Втората светска војна Грција ја тресе граѓанска војна … Кризната ситуација во Грција после пар децении се менува откако ЕУ и НАТО ја ставаат во нивните организации – највеќе заради опасности од продор на други сили во Егејското море, а со тоа и на Средоземното море. Оттогаш Грција има огромен подем во економијата и тоа десетици години со двоцифрен раст на бруто-домашниот производ. Иако последната деценија Грција е “заглавена”, таа сепак за Македонија е “велесила” и прозорец кон ЕУ и НАТО (во пракса и прозорец за шопинг и годишни одмори и бројни продолжени викенди кои ги создаде грујовата администрација).

Значи, Македонија стратешки се одредила за Југославија, а Грција се одредила стратешки за ЕУ и НАТО. Југославија се распаѓа, а Македонија има стратешка определба да биде во ЕУ и НАТО (не навлегувам дали е добро тоа или не, но сите релевантни партии се декларираат за ЕУ и НАТО). Затоа Грција е во поголема предност и поради уредувањето во ЕУ – има(ше) предност во преговорите со нас. Сплетот на околностите доведе до тоа Грција етапно да ја топи предноста во однос на преговорите и сега е убава прилика за Македонија да го реши својот опстанок и да направи солидна платформа за напредок (со идни можности за свое повторно обединување на целата територија во рамките на општетвеното уредување на ЕУ и НАТО).

Пред значаен чекор кој ја одредува иднината на Македонија

Конечно, за прв пат после подолго време имаме сојузници и олеснувачи за да можеме активно да учествуваме во процеси во кои ќе ја одредиме сопствената иднина. Оваа наша сегашност ни ја одредиле нашите претходници и независно дали се залагале или не се залагале, дали били добри или не – доведени сме во оваа ситуација. Џабе е да се зборува сега како можело да биде тогаш. Подобро е да зборуваме како може во иднина. Сплотеноста е важна и сите треба да се сплотиме околу тоа да направиме амбиент за прилагодување на нашето име согласно барањата.

Затоа е значајно да дадеме поддршка на процесите што ги води државниот врв на чело со двоецот Заев/Димитров и се надевам дека и Претседателот ќе се приклучи и ќе покаже државничка кохезија. Името на Македонија ќе биде “посоодветно” ако сите покажеме поддршка … и со тоа преговорите ќе се истераат без задирање во идентитетот на македонскиот народ.

Поврзани новости