Гркинката Елизабет победник на интернационалната вечер на Охрид фест: Не можам да престанам да плачам!

by fokus

Синоќа со интернационалната вечер, заврши 24 – то издание на Охрид фест – Охридски трубадури. Највисоките награди отидоа во рацете на гркинката Елизабет Христоу, прво место од публика и второ од стручното жири, и кај Маја Оџаклиевска, која настапи во дует со русинот Иван Акулов.

Дуото на Маја и Иван го освои првото место од жири комисијата и второ од публика. Трето награден од жири комисијата беше Ѓоко Ѓорчев, додека третото место од публика го доби Трио Џентлмен.

Атрактивната грчка пејачка Елизабет Христоу беше видно возбудена поради двете освоени награди. Солзи радосници на сцената, емотивно заблагодарување на публиката на англиски и грчки јазик.

Позади сцената, веднаш по доделувањето на наградите, таа еуфорично ги прегрнуваше сите кои и честитаа и не можеше да се совземе.

,,Ова е голем настан за мене, не можам да престанам да плачам. Не знам како да и се заблагодарам на оваа прекрасна публика што телефонски гласаше за мене, трогната сум. Сите ве сакам, Охрид ќе си го носам во срцето засекогаш’’ – ни изјави таа, додека членови од нејзината екипа, исто така видно возбудени, се обидуваа да ја смират и и подаваа шамивчиња, за да не и се расипе шминката, додека солзите неконтролирано и течеа.

Радоста ја сподели и со останатите учесници од земјава и регионот, кои ги опсипа со бакнежи и прегратки, повторувајќи им дека не и се верува оти токму таа е наградената, во конкуренција од докажани и искусни пејачи.

И Маја Оџаклиевска беше пресреќна поради освоените награди. Се заблагодари на публиката, потсети дека Охрид е нашиот најголем бисер кој што треба да го негуваме.

Заедно со српската пејачка Маја Николиќ, која ја освои наградата Долни Сарај, денес од Охрид заминаа во соседна Грција, на шопинг. Наредниот ден се враќале во Белград, Србија, како што велат, преполни со позитивни емоции од фестивалот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости