Граѓански организации: Обвинителството да отвори истрага за незаконско прислушување!

by Фокус

Граѓаниските организации од Платформата за борба против корупција денеска истакнаа дека внимателно го следат објавувањето на снимените телефонски комуникации и побараа објавените снимки да бидат предмет на истрага поради постоење на основи за сомневање за незаконско прислушување, а со цел утврдување кој ги снимал разговорите и ја нарушил приватноста на граѓаните.

„Бараме содржината на снимките да биде посебно и внимателно испитана, затоа што разговорите укажуваат на можни незаконски активности. Без разлика кој е изворот на снимените разговори, содржината сугерира постоење на корупција, вклучително и масовна злоупотреба на службената положба, што се казниви дејствија за кои се гони по службена должност. Потсетуваме дека под корупција, меѓу другото се подразбира и состојба во која институциите се „приватизирани“ за интересите на политичките партии на власт и поединци и сакаме да укажеме дека тоа доведува до неурамнотежена и нелегитимна политичка моќ која се користи за остварување на поединечни интереси, наспроти општиот и интересот на граѓаните. Таквата состојба, дополнета со состојбата на контролирани медиуми, се нарекува заробена држава, во која е оневозможено владеењето на правото“, велат Граѓанските организации.

Тие ги повикаа надлежните институции да се фатат за работа.

1. Јавното обвинителство веднаш да покрене постапки за гонење непознати лица за неовластено и незаконито прислушување и да отвори постапки за сите наводни злоупотреби, незаконито постапување, корупција и нарушување на човекови права кои се наведуваат во објавените снимки, а посебно да ги испита индициите од снимките дека:
–    МВР се ставило во функција на спречување на политичко делување во време на избори;
–    Постоело прекршување на избирачкото право, преку незаконско издавање на лични документи;
–    Ресурси на МВР биле употребени како партиски штaб;
–    Постоела  манипулација во реализирањето на правото на користење социјална помош и бенефиции;
–    УЈП селективно постапувала при контроли и казнување;
–    Постоеле притисоци и закани за губење на работно место на вработени во јавната администрација.

2.    Јавното обвинителство да поведе постапка за утврдување дали ресурси на МВР биле употребени за незаконито прислушкување и за резултатите од истрагата да ја извести јавноста.

3.    Државната комисија за спречување на корупцијата да се произнесе по случаите и да ги преземе сите мерки во рамките на нејзините надлежности.

4.    Судскиот совет да поведе постапка за несовесно и незаконито  постапување на судиите за кои постојат индиции дека постапувале под влијание на носители на функции.

Од Плаформата за борба против корупцијата истакнаа и дека доколку повиканите институции не ја известат јавноста дека преземаат мерки за да ги истражат наводите во наредните 30 дена, ќе сметаат дека не постапуваат по својата службена должност.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 год. од страна на 15 граѓански организации: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики.

 

Поврзани новости