Граѓаните револтирани од лекување со СМС пораки: Скапи музички гости за дочек на Нова година, или солидарни фондови во општините?

by Fokus
Српските медиуми започнаа да ги објавуваат информациите која музичка ѕвезда каде и за колкав хонорар ќе настапува за Новогодишната вечер.

Мега популарната Лепа Брена веќе договорила настап во луксузен хотел во Петровец, а според тамошните медиуми, нејзниот хонорар за најлудата ноќ изнесувал вртоглави 100.000 евра. За разлика од неа, нејзнината колешка Дара Бубамара ќе пеела на сплав за далеку пониска сума, односно за 20.000 евра. Саша Ковачевиќ пак, ќе настапел во Земун, бесплатно.

Нашите поп и фолк музичари се уште не откриваат детали околу празничните настапи. Редовна пракса на фолкерите е да заминат на настапи во дијаспората, и обично практикуваат зимска турнеја, па освен Новогодишен настап, пејат и за прославите на Стара Нова година и се случува да имаат десетици гостувања во поголемите градови во земјите каде престојуваат.

Поп пејачите, кои послабо се бараат во дијаспората, најчесто се надеваат на Новогодишен настап на некој од плоштадите во Скопје или во општини кои имаат организиран дочек.

Минатата година, десеттина дена пред дочекот, голем број на општини ја откажаа прославата, поради реакции во јавноста дека непотребно се даваат милионски суми за изведувачите, и како тие средства треба да се пренаменат за помош на ранливи категории на граѓани.

Бранот на откажување од скап дочек во име на хуманоста започна во соседна Србија, и набргу ја зафати и Македонија. Град Скопје тогаш појасни дека планираните средства во висина од околу 33 илјади евра ќе бидат донирани во социјални цели. По Скопје, и Кавадарци се откажа од дочекот, кој според тогашниот градоначалник Александар Панов, изнесувал 5 илјади евра. И Битола и Велес се приклучија кон општините кои во име на хуманоста се откажаа од славењето со музички ѕвезди на плоштад, но до денес, сеуште нема конкретна информација каде отидоа финансиските средства заштедени од прославите.

Повеќето балкански музички ѕвезди, на кои Македонија им е омилена дестинација за гостување и надополнување на буџетот, имаат специјална тарифа за настап на Нова година. Па така, средно платените пејачи од регионот, ако за концерт на друг датум би наплатиле сума од 20 илјади евра за настап од еден час и четириесет минути, како што обично практикуваат, за најлудата ноќ оваа сума се зголемува дури двојно. Како едни од најскапо платените за дочекот се Здравко Чолиќ, за кого српските медиуми пренесуваат дека добива хонорар од 60 илјади евра, а веднаш по него е Жељко Јоксимовиќ, со сума од 50 илјади евра. Чолиќ настапи во Велес за време на манифестацијата ,,Питијада 2017’’ на почетокот на октомври, како што тогаш изјави поранешниот градоначалник Славчо Чадиев, со попуст, за 38 илјади евра.

Месец и половина пред дочекот, новите градоначалници се уште мудро молчат околу празничните планови на општините. Единствено, завчера од Општина Крушево изјавија дека поради тешка финансиска состојба, се откажуваат од дочекот на 2018 година, и истиот им го препуштаат на локалните кафулиња, дискотеки, пицерии, ресторани и хотели. Освен Крушево, останатите општини се уште не излегле со информација околу тоа дали, кој и за колку пари ќе ги забавува граѓаните.

Во вчерашните реакции на јавноста околу хуманитарната акција за собирање на финансиска помош за операција на седумгодишната Валерија Зафировска од Штип, многумина се јавија со предлог секоја општина да отвори солидарен фонд, следејќи ги најавите на штипскиот градоначалник Благој Бочварски, кој вети дека солидарна сметка мора да се отвори, со цел да им се помага на болните граѓани кои се соочуваат со скапи сметки за лекување и тешки операции.

Голем број од корисниците на социјалните мрежи предлагаат парите наменети за скапи музички гости да се пренаменат за лекување на оние кои не се во состојба да го платат, а јавноста да има увид во тоа колку средства за која цел се намениле, односно каде завршил секој денар од хуманитарната помош.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости