Граѓаните повторно користат сини картони, откако на електронските здравствени картички им истече рокот

by Fokus

Граѓаните повторно користат сини картони за лекување и земање лекови, откако на електронските здравствени картички им истече рокот од пет години, потврдуваат од Фондот за здравство за „Фокус“.

Сините картони заминаа во историја од пред седум години, а граѓаните беа принудени да извадат електронски здравствени картички, кои поранешената влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ најпрвин во 2011 година ги најави како бесплатни, за подоцна секој граѓанин од свој џеб да плати 250 денари.

Пред една година од Фондот за здравство беше испратен маил до сите матични лекари од кои се бара да ги известат своите пациенти дека треба да ги обноват електронските здравствени картички од 2011 година и за нив повторно да платат по 250 денари, со што буџетот се наполни за нови 8 милиони евра.

Со оглед на тоа што Фондот за здравство има нов директор Ден Дончев, според нашите информации тој треба да има средба со министерот за здравство Арбен Таравари за да одлучат дали понатаму ќе продолжат да се користат електронските здравствени картички или ќе се вратат сините картони.

Од самиот почеток, електронските здравствени картички ги следеа низа скандали, од фирмата која ќе ги прави па се плаќањето од 250 денари.

И.М.

 

 

 

 

Поврзани новости