Град Скопје: Возачот на камионот е виновен за оштетената фонтана

by fokus

По инцидентот кој се случи непосредно пред дочекот на ракометарите на Вардар на плоштадот „Македонија“, од Град Скопје реагираат на како што велат, невистините што во текот на изминатите два дена беа пласирани во медиумите во врска со пропаѓањето на камион во површинската фонтана на плоштадот, како и на обвинувањата дека станува збор за неквалитетна градба на оваа фонтана.

„Грешката за пропаѓањето на камионот во површинската фонтана на плоштадот „Македонија“ е исклучиво кај возачот на камионот кој претходно беше предупреден дека возењето по оваа фонтана е забрането.

Сакаме да нагласиме дека површинската фонтана на плоштадот е градена според сите стандарди за изведба на ваков тип фонтани.  Водата што прска од фонтаната понира меѓу плочите, се прочистува и се враќа во системот. Поради таквиот начин на работа, површинските фонтани никаде во светот не се предвидени по нив да се движат возила, а особено не тешки товарни возила“, велат од Град Скопје.

Околу плоштадот „Македонија“ имало кружна црна патека од гранит којашто е предвидена да издржи тежина на камиони. Дополнително, пред одржувањето на пречекот на европскиот ракометен шампион „Вардар“, на плоштадот имало и 5 (пет) чувари кои ги насочуваа камионите со опрема да се движат токму по црната гранитна патека.

„Камионот на ЈП „Улици и патишта“ што пропадна во површинската фонтана носеше огради (сопственост на МВР) предвидени за просторот пред и околу бината. Но, и покрај укажувањата на чуварите, возачот на камионот го заврте возилото кон фонтаната и пропадна“, додаваат од Град Скопје.

Во текот на вчерашниот ден екипи на Градот Скопје вршеа увид во направената штета на површинската фонтана на плоштадот „Македонија“, која ќе биде поправена и ставена во функција.

Поврзани новости