Ѓорѓи Крстевски: Господине Заев, ангажирајте се, оти авторите се измамени и оставени на цедило!

by Fokus
Поп пејачот, автор и композитор Ѓорѓи Крстевски е еден од низата музичари кои останаа без државна помош за домашни композиции, откако Министерството за култура соопшти дека се поништуваат одлуките за доделување на субвенции.
 
Доделувањето на субвенции за поттик на домашната музичка индустрија деновиве ја бранува јавноста. Законот со кој музичарите добиваа околу 512 илјади евра годишно започна да се спроведува во 2014 година, но наиде на голем број на критики од јавноста. И додека јавноста на социјалните мрежи не ги штеди критиките на сметка на музичарите, но и политичарите кои го донеле овој закон ( беше донесен во времето кога министерка за култура беше Елизабета Канческа Милевска), музичарите кои останаа без субвенциите реагираат дека им е нанесена штета, не само нив, туку и општо на македонската музика.
 
Некои од нив веќе најавија тужба со која ќе бараат доследно почитување на законот, додека пак други реагираат дека неправедно се нападнати, како да се криминалци, иако ти не се оние го донеле законот.
 
Ѓорѓи Крстевски, чие име често се спомнуваше кога беа субвенциите во прашање, за ,,Фокус’’ раскажува за актуелната состојба со домашната музика, за тоа колку субвенции добил и колку пари потрошил за снимање на песни и спотови, за плаќањето на огромни хонорари на пејачите од соседството кога ни гостуваат, но и за обвинувањата дека пејачи кои добивале субвенции се партиски послушници.
 
– Пред да одговорам на прашањата и дадам свое мислење за актуелната состојба за Законот за поддршка на македонската музика, ќе си дозволам јас да поставам неколку прашања, до вас новинарите и јавноста и до секој еден кој живее под ова мало и напатено парче небо. Не барам одговор, самите одговорете си, во себе, со својот морал и својата свест.
-Колку турбо фолк и останати ѕвезди од соседството гостуваат на нашите општински прослави, нови години, градски прослави, вакви и онаквиленди и останати настани и колку МИЛИОНИ евра Буџетски НАШИ пари им се исплаќаат ?
-Колку концерти и гостувања во кафичи и дискотеки имаат истите тие годишно и колку МИЛИОНИ евра се одлеваат на тој начин од МК, секако во кеш!? ( не прашувајте колку наши изведувачи имаат настапи во нивните земји и колку пари се влеваат во МК, ќе биде смешно нели ?)
-Каков е примерот што и го даваме на нашата младина со таквите постапки и колку тоа ќе не чини во иднина, како углед, воспитување, самосвест, култура, и колку генерации осакатуваме ?
-Зошто Македонија е единствената земја во светот што нема музичка телевизија?
-Зошто Македонија е единствената земја во светот каде на радио и ТВ далеку повеќе е застапена странската музика од домашната?
-Колкави се годишните авторски хонорари на нашите автори во споредба со оние во соседството ? (за светот да не збориме)
-Колку чини песна и спот на балканските изведувачи?
-Од која земја е следната серија што ќе се прикажува на нашите телевизии ?
-Кога, (не дали) кога е следниот концерт на Аца Лукас и компанија и колкав е нивниот хонорар ?
Ок, благодарам. Одиме понатаму – започнува Крстевски.
 
 По јавно упатените прашања до медиумите, тој се осврна на трошењето на субвенциите, односно даде свое појаснување колку од добиените пари им остануваат на музичарите, откако ќе ја снимат песната, односно спотот.
 
– Прво и основно, на 3.000 евра одобрени средства одземете персонален данок и ДДВ. Остатокот од околу 2.100 тина евра се расположливи средства со кои изведувачите треба да реализираат спот и песна. Значи реално и во пракса не се 3.000 , туку 2.100 евра, кои се делат за музика, текст, аранжман, снимање, миксање, продуцирање, студиски трошкови, инструменталисти (тамбураши, армоникаши, виолинисти, гитаристи), пратечки вокали, спот (камера, режија, сценарио, монтажа, локации, логистика, гардероби, стајлинг, дрон, дневници, кетеринг, патни трошкови, итн…)
Второ, и во случајов најважно! Во Законот е предвидено да се конкурира со готова или демо песна, што подразбира музика, текст, аранжман и горе-долу сите претходно набројани ставки, освен спот. Што значи изведувачот и авторите самите инвестираат огромни пари и многу време за да може да конкурираат согласно Законот! На тоа додадете 1.000 денари средства за обемна документација, нотарски и останати трошоци по песна за конкурс. Е сега, имаме ли претстава колкава е штетата и неправдата што се нанесува на изведувачите, авторите, и сите инволвирани страни кои инвестирале СОПСТВЕНИ средства за да конкурираат, со поништување на 5 квартали каде претпоставувам се стигнати 500 -тина и повеќе песни ??!!
Знам, лесно е во ова конфронтирачко и фрустрирачко време да запалиш нечии страсти, со надуени суми, со пола вистини, со помпезни наслови какви се начитавме периодов, но вистината е друга и ајде да ја погледнеме сликовито, реално и практично – појаснува музичарот.
 
Тој открива дека за три години, ако се одбијат даноците, добил 12.500 евра државни пари за музика, сума за која тврди дека пејачки од соседството кај нас ја заработуваат за еден настап.
 
– Како изведувач имам конкурирано скоро на сите конкурси, одбиен сум сигурно над 20 пати, а за 3 години исплатени ми се 6 песни и спотови, и бидејќи сите ги интересира само колку тоа значи во пари, еве, околу 12.500 евра расположливи средства, кога ќе се одбијат даноците. Е сега, ако еден докажан уметник во МК кој оставил зад себе успешни албуми, безброј хитови, концерти, се става на ѕидот на срамот за 12.500 евра за кои треба да изработи музика, текстови, аранжмани и спотови за 6 песни, а некоја второкласна певаљка од соседството ќе дојде и за 1 настап и 6 часа сосе пат ќе земе исто толку пари што некој газда ќе и ги тупне, во кеш се разбира, каде нашата младина еуфорично ќе се просељачува и на тоа никој нема да реагира ниту од медиумите ниту од државата, тогаш оваа наша напатена земја има сериозен проблем. Не мислите така ??? (првокласните пеачи не ги спомнувам , тие доаѓаат и ни земаат од 40.000 -100.000 евра за еден настап, БУЏЕТСКИ ПАРИ на разно разни општински и градски прослави, нови години, и останати настани… и тоа трае и трае, а вие молчите и молчите, и пак ги сакаме, и пак ги слушаме, и пак ги каниме… а тие нас, ниту не слушаат, ниту не канат, а пари да им спомнеме би ни се изнасмеале во лице, а секако и би ни побарале пари за да гостуваме во нивните емисии и медиуми. Тоа драги мои е суровата реалност додека ние овде сами меѓу себе се јадеме.
 
И знам, сега ќе речете – кој ви е крив, не сте доволно квалитетни и конкурентни како останатите од Балканот, затоа не ве слушаме, нив си ги сакаме имаат убави песни, спотови… е да, не сме, и не може да бидеме кога нивен спот чини од 10.000 евра па нагоре, а ние со 1.100 евра треба да направиме чуда…  Во право сте. И знам, сега ќе речете – па нив државата не им дава, сами си заработуваат, алал нека им се парите, и ОП, тука доаѓаме до главниот проблем! Да, сами заработуваат, но имаат по минимум 5-6 музички телевизии со огромни рекламни буџети, ние немаме ни една !
Имаат безбројни музички емисии и шоу програми, ние имаме можеби само една.
Беспрекорно цврсто си го штитат пазарот, пејачите и авторите, ние нашите ги плукаме и ги мразиме!
Од авторски права заработуваат десет пати повеќе од нашите автори!
Од изведувачки права земаат исто така огромни суми, ние кај нас немаме изведувачки права! – категоричен е Крстевски.
 
 Додава дека не пола милион евра годишно, туку дури ни пет милиони евра не можат да ја исправат сегашната состојба на естрадата.
 
– И не е точно дека песните нигде ги нема и не се слушаат. Многу субвенционирани песни и спотови на МАКЕДОНСКИ јазик се вртеа на Балканика, МТВ Адриа и др. ”Еве ме пак” која ја изведува Александра Јанева е субвенционирана песна на која јас сум автор и беше меѓу најголемите хитови последните 2 години, со речиси еден милион прегледи. Многу млади и квалитетни изведувачи добија шанса што никогаш немаше да ја добијат – да снимат песна и спот. За субвенционирана песна ‘Ти победуваш’ е снимен спот на 4 локации во Америка – колку за тоа се додадени СОПСТВЕНИ средства, колку време е изгубено, колку логистика треба, сигурно не мислите дека за 1.100 евра е возможно тоа, нели?
Тоа што ние немаме музичка телевизија и музички емисии, тоа што радијата повеќе милуваат да пуштаат странска и балканска музика е друга тема и друг муабет!
И Меси и Роналдо нема да ги знаеме кои се и како играат ако не ни ги пуштаат секој викенд во прајм тајм на ТВ, а тие пак ќе си бидат феноменални фудбалери. Се разбираме нели? 
 Драги мои, естрадата ни е во тежок нокаут, не пола милион годишно, 5 милиона годишно не не оправаат! Треба национална стратегија, која ќе опфати многу сегменти, инаку ни нема спас, нит јазик ќе ни се чуе на радио и телевизија, нит ќе имаме естрадни и музички херои на кои младите генерации ќе се радуваат и огледуваат, и ќе ни останат само странските серии, странските шоуа, и кичот и турбо фолкот, секако – на странски јазици – вели Крстевски.
 
Исто како и претседателот на комисијата која одлучува по конкурсите за доделување на поддршката, Коста Карев, и тој се согласува дека законот има недостатоци кои многу луѓе ги злоупотребиле, но смета дека не треба сите да се ставаат во ист кош.
 
– Да, законот има многу фалинки што некои луѓе ги искористија и злоупотребија (најспорна беше категоријата Ѕвезди каде се конкурираше со име и презиме, без песна, што е апсурд!) и токму од неа бидејќи е така поставена излегоа песните кои створија најмногу револт во јавноста и лош имиџ за законот. Можеби имало и нерегуларности и спорни моменти, и ако е така нека се откријат и санкционираат виновниците, но не смее заради неколку виновници да трпат сите останати невини, и да се ставаат сите во ист кош – ниту е реално, ниту е правилно, ниту е фер! Во неколку наврати беа понудени решенија за измени во Законот, со цел да се оневозможи злоупотреба и да се дојде до поефикасно функционирање, но не беа спроведени… зошто, не знам, прашајте ги надлежните – раскажува музичарот.
 
За крај, тој се наврати и на обвинувањата дека пејачите кои што добивале субвенции се партиски послушници, а му упати и отворен апел на премиерот Зоран Заев, порачувајќи му лично да се ангажира, бидејќи смета дека изведувачи и автори се измамени и оставени на цедило.

– И апсолутно неточни и некоректни се обвинувањата дека сите што добивале субвенции биле партиски послушници и слично, можеби некои и се, не знам. Но знам многу пејачи и автори кои добивале, а кои немаат никаква врска со политика. Што се однесува за мене лично, мислам дека е смешно било што да кажам на таа тема кога сите знаете дека никогаш немам пеено ниту за една ниту за друга политичка партија. Дека ниеден мој сингл, спот, проект, ниеден од моите 3 албуми, ниеден концерт, не е поддржан од ниту една влада, или државна институција. А, имам конкурирано. Дека многу пред времето на субвенции самостојно и секако со сопствени средства ги снимив песната и спотот – “Моја Македонија “, дека самостојно и без никаква владина или било каква спонзорска помош ја реализирав во 2008 година велосипедската тура под мотото „Моето име е Македонија” возејќи низ 15 градови во државава, каде во Струмица плакетата со мотото му ја предадов на сегашниот премиер Г-нот Заев, тогашен градоначалник.

И кога сме веќе тука, сакам јавно да апелирам и да го повикам премиерот лично да се заангажира за оваа апсурдна ситуација каде се укинуваат одлуки донесени според ЗАКОН, каде стотици изведувачи и автори се труделе, трошеле време и пари со години, за магично преку ноќ бидат укинати одлуки и авторите и изведувачите бидат измамени и оставени на цедило. Згора на тоа јавно плукани и со сериозни обиди за нарушување на нивниот углед кој со години макотрпно го граделе – раскажа за 
,,Фокус’’ Ѓорѓи Крстевски.
Вики Клинчарова
 
 

Поврзани новости