Горан Ќосето за Макфакс: За 27 април треба да одговараат и пратениците

by fokus

Претседателот на здружението „Андон Јанев – Ќосето“, Горан Ангелов, во интервју за „Макфакс“, коментирајќи ги случувањата на 27 април во Собранието, вели дека влегувањето во законодавниот дом било без никаква цел. Според него, тој чин бил предизвикан од гневот кој бил насобран во народот.

„Сега излегува дека ние како здружение сме највиновни за случувањата од 27 април. Ние не бевме таму како здружение. Таму имаше најразличен народ. Цела вина се фрла врз нас, односно на Игор Југ и мене. Јас останав како последниот мохиканец во Македонија. Подготвен сум да си понесам одговорност, бидејќи понесен од емоциите, влегов заедно со останатите. Не сум удрил никого, не сум тепал никого, не сум украл, односно, не сум направил ништо лошо. Ние најавувавме дека доколку дојде до такво нешто, дека ние ќе влеземе. Не гледам тука организација, бидејќи ние тоа го најавивме. Во парламентот се пееше албанската химна, сакаа да постават нелегален претседател, па секој што се чувствува Македонец ќе влезе, нормално“, вели Горан Ангелов – Ќосето, за Макфакс.

Тој вели дека ако треба некој да одговара не треба тогаш да се заборават и пратениците.

„Свесен бев дека со влезот во Собрание правам кривично дело и ќе ја понесам одговорноста за тоа што го направивме. Јас барам аболиција за работите кои излегоа од контрола. Барам аболиција за луѓето кои се невини, бидејќи изливот на бес и емоции не можеше никој да го контролира. Со пеењето на химната, гласањето, пукањето од страна на полицаецот на Заев, сето тоа ги иритирало луѓето да направат таков скандал. Каде е одговорноста на пратениците? Ако бараме, да бараме целосна одговорност од сите“, додава Ангелов.

Поврзани новости