Горан Кан, синот на Цветанка Ласкова: Касандра ја паметите, Коштана ја заборавивте!

Откако пред неколку дена Цветанка Ласкова беше именувана за советничка за култура на премиерот Зоран Заев, не изостанаа коментарите од страна на поддржувачите на ВМРО ДПМНЕ, во кои се навратија на времето кога Ласкова ја донесе во земјава најпознатата латиноамериканска сапуница ,,Касандра’’ која што за краток период стана најпопуларната теленовела, што ги собираше гледачите од сите возрасти пред екраните.

И покрај тоа што серијата имаше лош технички квалитет, успеа да ја освои публиката ширум светот, па дури и да влезе во Гинисовата книга на рекорди, како сапуница на шпански јазик, која се емитувала дури во 128 држави.

Околу споредбите на Ласкова денес, како советничка за култура, со оние од времето кога успешно работеше во нејзината продукција за откуп на разни серии и документарни филмови, разговаравме со нејзиниот син, популарниот лик на домашната техно хаус сцена, диџеј Горан Кан, кој смета дека е жално да се фрлат во сенка сите награди, признанија, учества на фестивали и представи на неговата мајка, и постојано во преден план да се става Касандра.

,,Жално е тоа што сите ја врзуваат мајка ми со носењето на Касандра во Македонија, а тоа беше во минатиот век. Нејзината фирма ги донесе и повеќето документарци и играни филмови во тоа време. Ама и по тоа е штета да ја паметат, затоа што уште од седумдесеттите години таа се занимаваше со музика, имаше турнеји низ Русија, Австралија, Америка и каде ли уште не ја претставуваше Македонија низ светот.
Безброј фестивали, представи како на пример Коштана, награди на различни полиња, беа засенети со Касандра… Штета! Јас само можам да кажам дека последните дваесет години, сакала или не, таа слуша техно музика покрај мене’’ – вели Горан.

Како мало потсетување, серијата ,,Касандра’’ кај нас започна да се емитува во далечната 1997 година. Поради огромниот интерес на публиката и популарноста која што ја достигна во Македонија, главните ликови на серијата ја посетија земјава, се појавија во повеќе градови, гостуваа и на скопскиот стадион пред неколку илјади публика, каде што беа дочекани како големи холивудски ѕвезди. Во време на емитувањето на теленовелата, беше актуелна изреката – Каде и да си, за ,,Касандра,, дома да си. Но освен Касандра, Ласкова донесе и многу други популарни серии, филмови и емисии во земјава, заедно со нејзиниот сопруг Миша и нивната продукција.

Цветанка Ласкова е претседателка на Форумот на жени на СДСМ, активист, но и легенда на македонската народна песна. Во политиката се активираше во 2009 година, кога се приклучи на Градскиот одбор на СДСМ, и стана претседателка на Комисијата за култура, а од 2011 е на чело на Форумот на жени на СДСМ.

Вики Клинчарова