ЃОКО ЃОРЧЕВ ПРОФЕСИОНАЛЕН, НЕГОТИНЧАНИ ПОТФРЛИЈА

by fokus

Синоќа во спортскиот центар ,,Младост,, во Неготино се одржа хуманитарнен концерт за помош на поплавените, чиј што иницијатор и организатор беше популарниот поп пејач Ѓоко Ѓорчев. Иако концертот беше најавен во голем број на медиуми со недели наназад, сепак неготинчани не излегоа во голем број, и можевме да забележиме дека поголемиот дел од столчињата во спортската сала останаа празни.

На концертот насловен ,,Ѓоко Ѓорчев и пријателите за Скопје,, покрај Ѓоко, настапија и голем број на пејачи, помеѓу кои и Александар Белов, Зои Блаж, Влатко Илиевски, Мартинијан Кириловски, Александра Јанева и други. Пејачите цели два часа ги забавуваа присутните со своите хит песни, а Ѓоко со својот енергичен настап, и покрај тоа што е веќе навлезен во седмата деценија од животот, пееше рамо до рамо со своите неколку децении помлади колеги и покажа дека гласот сеуште одлично го држи. Доброто озвучување и осветлување на бината направија присутните, иако во помал број да уживаат во настанот. Неговата сопруга, пратеничката Благородна Бојаџиева, исто така беше дел од публиката од каде што го фотографираше Ѓорчев, кој што буквално го остави срцето на сцена, во емотивен настап.

,,Секогаш сум тука кога треба некому да се помогне, и веднаш по поплавите си ветив дека ќе сторам нешто за сите засегнати во катастрофата. Песната отсекогаш била мојот начин да им излезам во пресрет на луѓето, затоа и се одлучив за овој хуман настан. Им благодарам на медиумите, помеѓу кои и ,,Фокус,, кои што веднаш ме поддржаа, им благодарам и на моите млади колеги кои што веднаш се согласија да ми гостуваат. Двајца од планираните гости не дојдоа на настанот, и покрај тоа што беа најавени, но не сакам да навлегувам во нивните причини за откажувањето на гостувањето. Презадоволен сум од публиката која што навистина цели два часа се забавуваше, но морам да го кажам и тоа дека моите изјави дека Неготино е град со големо срце, овојпат не се остварија. Не сакам да критикувам, но очекував поголема излезенот на настанот. Тие кои што дојдоа, поминаа одлично, а оние кои што го игнорираа концертот, пропуштија добра забава и можност да дадат свој хуман придонес,, – ни изјави Ѓорчев, кој што поради специфичната боја на глас, е познат во јавноста како македонски Том Џонс.

Инаку, дознаваме дека на билетарницата се продале 60 билети кои што беа по цена од 100 денари. Главен покровител на концертот беше Општина Неготино и градоначалникот Ванчо Апостолов. Ѓоко вети дека ќе стори се што е во негова можност, да присобере што е можно повеќе средства за поплавените.

Вики Кличарова

Поврзани новости