Ѓоко Ѓорчев: Од мерак станав фантом!

by fokus

Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев заедно со оперската певица Кристина Палија го сними дуетот од познатиот мјузикл ,,Фантом во операта’’. Иако во јавноста е познат како македонски Том Џонс, вели дека воопшто не му било тешко да го смени музичкиот правец и да се впушти во оперските води.

,,И самиот сум изненаден од тоа колку добро звучам како оперски пејач! Со Кристина Палија направивме одличен спој на нашите вокали, а материјалот кој што го снимивме е светски класик, од еден од најизведуваните мјузикли во светот. Дуетот кој што во оригиналот го изведуваат Кристин и Фантомот го отепавме со невиден жар, а пофалби добивме од композиторот Огнен Неделковски, од Владимир Дојчиновки – Дојчин, од оперската дива Славица Галиќ – Петровска…

Сите мои блиски се изненадени, бидејќи никој не очекуваше да ме види во улога на оперски пејач, и морам да кажам дека со голем мерак и посветеност работев на овој проект’’ – вели неготинчанецот, кој што годинава ќе слави јубилеј, дваесет и пет години на сцената.

,,Со Кристина се подготвуваме за снимање на спот за нумерата и нашата екипа реши во него да се појавиме во слично издание како и во оригиналот, односно како Кристин и Фантомот. Значи, освен моите оперски способности, публиката ќе го види и мојот актерски дар и верувам дека добро ќе го доловам ликот на светски познатиот фантом’’ – раскажува Ѓорчев, кој што зад себе има шест албуми со поп песни, од кои што голем број беа хитови во деведесеттите години на минатиот век.

,,Јас сум еден немирен дух, постојано нешто работам, се впуштам во нови проекти, експериментирам. Овој период сум максимално ангажиран и околу подготовките на музичката манифестација ,,Најдобар глас’’ која што е еден вид на заштитен знак на младите и талентирани музичари од Неготино, и која што откри многу нови таленти во изминативе децении.

Подготвувам уште една песна, во поп стил, повторно дует со Палија, доста време минувам во студио, но не се жалам, бидејќи со љубов работам. Се подготвувам и за јубилејниот концерт кој што наскоро ќе се случи во Скопје, но датумот сеуште не е прецизиран’’ – изјави тој, додавајќи дека во план му е и летна турнеја низ поголемите градови во земјава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости