Ги бркале од работа зaшто не се од ВМРО-ДПМНЕ, а судот викал амин!  

by fokus

 

 

Иако Законот за заштита од дискриминација беше донесен уште пред шест години, граѓаните сѐ уште не ги почувствувале бенефитите од ова законско решение. На хартија тие се заштитени од политичка дискриминација, а во пракса секојдневно „летаат“ од работа, доколку во раката наместо диплома не држат партиска книшка. Судовите, пак, наместо да делат правда, стануваат соучесници во дискриминацијата, бидејќи досега не открија ниту еден ваков случај

 Пишува: Валентина ВУРМО

Партиската книшка и однесувањето во духот на владејачката партија веќе со години се потребната квалификација за наоѓање работа, и нејзино задржување. Државните институции се киднапирани од партиските насилници, кои во заложништво го држат нормалниот живот на граѓаните. Нивната универзитетска диплома, познавањето странски јазици и стручноста единствено се ценат во некоја приватна компанија, која е ослободена од партиските стеги. Со партиското пусулче или „препорака“вратите многу полесно се отвораат во државната администрација, а се затвораат за оние кои не сакаат да и се покорат на партијата и избираат да размислуваат со своја глава.

Досега многумина граѓани останале без егзистенција поради политичка дискриминација, но за жал речиси ниту еден не успеал да ја докаже неправдата. Законот за заштита од дискриминација беше донесен уште пред повеќе од шест години, но за сето ова време ниту еден граѓанин не успеал да докаже дека е дискриминиран на работното место по основ на политичка припадност, што е неверојатно, бидејќи повеќе од очигледна е партизацијата на државната администрација.

На помош не им се нашла ниту Државната комисија за спречување на дискриминацијата, ниту надлежните судови, кои едноставно решаваат да замижат и да ја аминуваат политичката дискриминација.

ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ДОКАЖУВА ДЕКА БИЛ ДИСКРИМИНИРАН

 Од Македонското здружение на млади правници истакнуваат дека политичката (не)определеност е многу честа причина за дискриминација, но за жал таа многу ретко се пријавува, бидејќи праксата покажува дека битката на дискриминираните е однапред изгубена. Се губат време, пари и нерви, а правдата не се добива.

На своја кожа правниот пораз го доживеал вработен во Министерството за внатрешни работи (МВР), каде што работи од 1993 година. Поради докажаните резултати во работењето, тој напредувал во кариерата и во март 2006 година бил именуван за раководител на Инспекторатот за општ криминал и Инспекторатот за крвни и сексуални деликти. И се било во ред до моментот кога доаѓа до промена на власта, односно кога на парламентарните избори победата ја носи ВМРО-ДПМНЕ. Оттогаш почнува падот во кариерата на овој исклучителен професионалец, бидејќи срцето не му чукало во ритамот на победничката партија.

Неколку месеци по неговото унапредување, и покрај успесите во работата, во ноември 2006 година добил решение за прераспределување со кое бил деградиран на пониско работно место – инспектор. Две години подоцна, пак, добива нова работна позиција, и тоа далеку од своите најблиски, во друг град. Но изживувањето врз него тука не застанало. Од 2011 година распределен е на работно место самостоен инспектор за недозволена трговија со дрога и оружје во полициската станица во Кавадарци.

Против него, во 2014 година, била поведена и постапка пред Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при што бил казнет шест месеци да добива пониска плата за 15 проценти, наводно поради кршење на работната дисциплина на начин што го злоупотребил боледувањето. Имено, за грев му било земено тоа што додека бил на боледување, учествувал на јавен собир организиран од политичка партија од опозицијата.

По низата деградирања, вработениот поднесува тужба против МВР и бара од основниот суд да утврди дискриминација врз основа на политичка припадност и убедување и тоа од потежок облик, бидејќи дискриминацијата била повторена и продолжена. Тој дури приложил и психијатриско вештачење кое докажувало дека страдал од депресивно-анксиозен синдром, зголемен страв, зголемен крвен притисок, тахикардија, и се поинтензивни болки во пределот на ‘рбетот.

Гоце Коцевски, проект менаџер во Млади правници, посочува дека основот за назадување во кариерата на тужителот не биле грешки во работата, ниту несоодветно образование, ниту пак недостаток од резултати. Напротив, тужителот поседувал соодветно образование и постигнувал солидни, видливи и мерливи резултати во работата. Според него, основот е политичкото неприпаѓање кон владејачката партија, односно неговата политичка припадност, убедување и интерес кон опозициската партија.

-Тоа е видливо од тенденциозното истакнување од страна на МВР на присуството на тужителот на „политичка трибина“ наместо на „јавен собир“, вели Коцевски.

 ОД ВИШ ИНСПЕКТОР ДЕГРАДИРАН ВО СООБРАЌАЕЦ

На аргументите на дискриминираниот вработен, од МВР, пак, одговориле дека неговата тужба е застарена, бидејќи бил опфатен период од 2006 година наваму. Исто така, се правдале дека тужителот немал нееднаков третман, но и не приложил докази да ја докаже дискриминацијата, иако товарот на докажување паѓа на страна на тужениот.

Основниот суд носи одлука дека тужбеното барање е неосновано, бидејќи според судот, тужителот никогаш не бил распределен на работно место кое што е пониско од степенот на неговата стручна подготовка или стекнатото работно искуство. Судот утврдува и дека решението со кое работникот се казнува со парична казна во дисциплинска постапка поради наводна злоупотреба на боледувањето, е поништено како незаконито со пресуда потврдена и од Апелациониот суд во Скопје.

-Со тоа, според судот се потврдува дека во случајот не станува збор за дискриминација, туку за незаконито донесено решение во дисциплинска постапка, за кое веќе е одлучувано во судска постапка и има правна завршница. Останатите наводи за дискриминација судот ги одбива како неосновани поради тоа што тужителот не доставил ниту еден доказ со кој тие ќе се потврдат, појаснува Коцевски.

Од 2007 година па се до денес правдата ја бара уште еден припадник на МВР, кој за „Фокус“ појаснува дека не е член на ниту една политичка партија, но истакнува дека гревот најверојатно му било тоа што немал симпатии кон владејачката партија, туку вечно е  во опозиција, поради незадоволството од оние во чии раце е власта.

Голготата на Марјанчо Ангеловски почнува неколку дена пред новогодишната ноќ во 2007 година, кога од виш инспектор за безбедност на патен сообраќај при СВР Куманово, станува помошник командир во полициска станица за обезбедување на државната граница Белановце, Скопје Север. Веднаш по деградирањето, тој го обжалува решението на МВР и добива на суд, при што на министерството му е наложено да го врати на старото работно место. Но, наместо работодавецот да ја спроведе судската одлука, наредните години постојано го прераспоредува Ангеловски на нови работни места.

Работното место на кое што требаше да бидам вратен по хиерархија е на највисоко ниво во СВР Куманово, што е констатирано и во самата судска одлука. Но наместо да ме вратат на старото место, оттогаш постојано ме деградираат, а моментално сум распореден на најниско работно место со високо образование, од областа на сообраќајот во СВР Куманово, пониско и од моето решение со кое ја започнав кариерата во 1994 година после приправничкиот стаж, истакнува Ангеловски.

Тој извојувал само една правна битка, бидејќи кога го обжалил второто решение за распоредување, тужбата му била отфрлена од Основниот суд Куманово, а иста била и одлуката на Апелациониот суд Скопје.

Барајќи ја правдата, Ангеловски во 2011 година поднел Барање за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд, но и од таму добил негативен одговор, бидејќи судот се прогласил за ненадлежен.

Но и покрај многубројните изгубени правни битки, нашиот соговорник истакнува дека не се откажува. Тој во моментот подготвува апликација до Судот за човекови права во Стразбур.

И УСТАВНИОТ СУД НЕ ЈА ГЛЕДА ПОЛИТИЧКАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнуваат дека постојано примаат пријави од граѓани за дискриминација по основ на политичка припадност или пак по основ на претпоставена политичка припадност.

Најголем број од случаите се пријавени во областа на работните односи, особено во државната управа. Дел од луѓето кои ја пријавуваат оваа дискриминација во областа на работните односи не се одлучни да поведат судски постапки поради стравот од дополнителна виктимизација. Останатите, пак, не одлучуваат да поведат судски постапки поради високите судски такси и адвокатските трошоци, кои прават граѓаните да немаат пристап до правдата, истакнува Неда Чаловска-Димовска од Хелсиншкиот комитет.

Таа појаснува дека од случаите кои ги водел Хелсиншкиот комитет досега има поведено две судски постапки, во кои судовите не успеале да утврдат дискриминација по основ на политичка припадност.

Поради негативните одлуки, овие граѓани се обратија до Уставниот суд на РМ, кој покажа апсолутна неефикасност во заштитата од дискриминација. Имено, во едниот случај Уставниот суд постапуваше повеќе од година и половина и на крајот го отфрли барањето на дискриминираните лица. Во вториот случај Уставниот суд се уште нема закажано ниту јавна седница, иако од приемот на барањето има изминато година и половина, вели Чаловска -Димовска.

Нашата соговорничка споделува и фрапантен податок дека Уставниот суд во своето 24-годишно функционирање има примено околу 300 барања за заштита на правата и слободите, а само едно било прифатено.

Посочените случаи и податоци укажуваат на фактот дека овој правен институт не е ефективно правно средство во правниот поредок на државата, заклучува Чаловска- Димовска.

Случајот во кој ниту Уставниот суд не виде политичка дискриминација е за неколкумина вработени во ЈП „Комуналец“ – Гостивар, кои се членови на политичката партија Национална демократска преродба. По завршувањето на локалните избори во 2013 година дел од овие вработени добиле отказни решенија, а дел биле прераспределени на пониски работни места што не одговараат на нивната стручна подготовка.

Овој предмет падна во рацете на судијката-известител Вангелина Маркудова, која во излагањето на рефератот истакна дека вработените поднеле тужби за дискриминација по основ на политичка припадност до Основниот суд Гостивар кој донел правосилна одлука дека не постои дискриминација. Судијката истакна дека подносителите на барањето претходно не поднеле претставка до Комисијата за заштита од дискриминација. На крајот таа го заврши излагањето аргументирајќи дека Уставниот суд нема надлежност да одлучува за уставноста на ова прашање.

На Маркудова и реплицираше судијката Наташа Габер- Дамјановска која истакна дека тоа што подносителите на барањето не се обратиле до Комисијата за заштита од дискриминација не го спречува постапувањето на Уставниот суд. Дополнително, судијката укажа дека дури и подносителите да се обрателе до Комисијата, таа немало да може да постапува имајќи предвид дека подносителите на барањето веќе воделе судска постапка.

СКАНДАЛОЗНА ОДЛУКА НА НАЈВИСОКИОТ СУД

Судијата Сали Мурати наведе дека сè повеќе граѓани се обраќаат до Уставниот суд за заштита од дискриминација по основ на политичка припадност. Тој наведе дека товарот на докажување во постапките за дискриминација, според Законот за спречување и заштита од дискриминација, паѓа на товар на страната што е тужена. Судијката Гзиме Старова истакна дека најлесно е Судот да констатира дека нема надлежност, но како што рече, во државата генерално постои политизација при пристапот до работното место. Според неа, Уставниот суд има обврска и треба да постапува со посебно внимание, бидејќи одлуките на Судот можат да придонесат кон деполитизација.

Судијата Мурати во своето повторно обраќање се произнесе дека со решавањето на ваквите барања на граѓани до Уставниот суд, се зацврстува правниот поредок на државата и поради тоа предложи јавна расправа по предметот. Предлогот за свикување јавна седница по предметот претседателката Елена Гошева го стави на гласање. Шест судии беа „за“, тројца судии гласаа „против“.

Јавната расправа се одржа на 26 ноември 2015 година, односно 8 месеци по одлуката за нејзиното одржување. На расправата, судијката-известител Маркудова истакна дека подносителите на барањето се членови на политичката партија НДП, а директорот на јавното претпријатие е член на политичката партија ДУИ.

Подносителите на иницијативата раскажуваа за односот на новото раководство на јавното претпријатие кон нив. За нив тоа бил многу тежок период во кој биле подложени на континуирана дискриминација. Додека се движеле по ходниците на претпријатието им довикувале: „Вие од кај Руфи уште ли сте тука? Што чекате, одете си дома!“ (Руфи Османи, претседател на НДП – н.з.)

Исто така им се вршел и притисок да ја променат членската книшка од партијата.

Според претставниците на јавното претпријатие, пак, сите оспорени решенија за прераспоредување на работно место биле донесени врз основа на Актот за систематизација на претпријатието. Сепак, никој не ја слушна одбраната на директорот на ЈП „Комуналец“ – Гостивар кој бараше преведувач за да може да зборува на мајчин албански јазик. Бидејќи во судот немаше преведувач, седницата беше одложена.

Но наместо да биде закажано продолжение, 14 месеци по одржаната седница, Уставниот суд донесе Решение со кое го отфрли барањето за утврдување дискриминација од страна на подносителите.

Ваквото долготрајно постапување на Уставниот суд е загрижувачко. Уставниот суд и покрај процесните обврски да ја продолжи јавната расправа, на непрофесионален и таен начин донесе решение без да ги сослуша сите странки и учесници во постапката. Ваквото постапување е спротивно и на членот 55 од Деловникот на Уставниот суд кој утврдува дека на јавната расправа се поканува и Народниот правобранител чие излагање е задолжително, освен доколку не присуствува, а бил уредно поканет, велат од Хелсиншки, од каде што додаваат дека целокупното постапување укажува на фактот дека е неопходно воведување на институтот „уставна жалба“, но не без притоа да се зајакне капацитетот на судиите и самиот Уставен суд за кој, како што велат, се чини дека не остварува една од најважните улоги поради кои е основан – заштитата на слободите и правата на граѓаните.

ОТКАЗ ЗА УЧЕСТВО ВО ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

Политичка дискриминација од страна на судските институции не беше препознаена ниту во случајот со разрешените осум директори на основни и средни училишта во општина Гостивар, кои останаа без работа кога, на последните локални избори, во фотелјата седна новиот градоначалник.

Од Хелсиншкиот комитет објаснуваат дека иако во текот на судската постапка биле доставени голем број докази врз основа на кои Основниот суд Гостивар можел да утврди дека била сторена дискриминација, сепак била донесена негативна одлука. Иста одлука донел и Апелациониот суд, по поднесената жалба.

И покрај доказите врз основа на кои можеше да се докаже дека во конкретниот случај е вршена дискриминација од страна на тужените, судот одлучи да не го префрли товарот на докажување на страната на тужените и ја водеше постапката како обична граѓанска постапка во која тужителите треба да ја докажуваат основаноста на тужбеното барање. Сметаме дека судските постапки во кои се бара утврдување на дискриминација не може да бидат третирани на ист начин како и останатите граѓански постапки, поради сензитивноста на предметите, појаснуваат од Хелсиншкиот комитет.

Од таму велат дека во Законот за заштита од дискриминација јасно стои дека докажувањето дека немало дискриминација паѓа на товар на спротивната страна.

Претставка за политичка дискриминација најпрвин до Комисијата за заштита од дискриминација поднесе Небојша Трајковски, кој тврди дека пред нецели две години добил отказ од работното место во Општина Крива Паланка, каде што работел од 2007 година. Тој појаснува дека со години бил под страшен притисок, местенки и тортура, а на крајот бил и избркан, бидејќи како што вели, не бил симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ.

Се почна во 2013 година, кога најпрвин ми беше укинато работното место, па потоа бев распореден на друго, без основни услови за работа, за на крајот да добијам отказ. До Комисијата за заштита од дискриминација поднесов претставка, но таа беше одбиена. Се уште не сум поднел тужба, бидејќи во тек е работен спор, кој со одлука на Основниот суд заврши во моја полза, да бидам вратен на работа, но Апелација го врати од почеток, појаснува Трајковски.

Својата битка пред суд веќе ја води подофицерката Јасмина Дуриќ, која пред неполна година доби отказ од Министерството за одбрана, поради учество во Шарената револуција.

Таа најпрвин доби прекоманда од Скопје во Кичево, поточно од референт за логистика во одделението за односи со јавност во Министерството за одбрана добила нова позиција и тоа ракувач во кујната во касарната во Кичево. Потоа следуваше и отказот.

Во зависност од епилогот на судскиот спор пред домашните судови, Дуриќ, како што вели, спремна е правдата да ја бара и во Стразбур.

Поразителната статистика и примери дека ниту една надлежна институција во земјава не ја гледа политичката дискриминација, делува обесхрабрувачки врз граѓаните, кои биле жртви, да ја бараат правдата.

Во време кога правосудниот систем се дави во партизација, поинаков епилог не може ниту да се очекува.

Политичката дискриминација невидлива и за Комисијата

Од Комисијата за спречување на дискриминација не одговорија на нашите прашања колку претставки по основ на политичка дискриминација примиле од 2011 година па се до денес и како постапиле по нив.

Според податоците кои ги извадивме од годишните извештаи на комисијата, минатата година биле поднесени 15 претставки кои се однесувале на дискриминација поради политичка припадност, пет во 2015 година, седум во 2014 година, 12 во 2013 година, три во 2012 година и 15 претставки во 2011 година, или вкупно 57.

Од податоците во овие извештаи може да се заклучи дека во поголемиот број случаји комисијата не утврдила дискриминација.


Оваа истражувачка сторија е изготвена со помош на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.
Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „Судството – чувар или прекршител на човековите права’’, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

Поврзани новости