Геноцид врз сопствениот народ

by lali

Не сум бил во војска. Сторив сѐ за да ја избегнам таа апсурдна обврска. Сакате накратко да ви ја раскажам таа приказна? Бев приговарач на совеста уште во времето кога значењето на тој израз го знаеја малкумина во моето маало. Беше тоа Југославија на заминување, кога помалку наивните можеа да го намирисаат распадот.

Мојата одбивност кон оружјето беше зајакната со мојата верба во мир и во дијалог. Избегнував регрутација колку што можев, до моментот кога ми стана јасно дека ќе бидам уапсен ако не одам на регрутација. ЈНА (Југословенска народна армија) ме ослободи, привремено, на четири години.

Потоа, федерацијата се распадна. Мојот придонес кон тој распад беше скромен, но значаен, како и придонесот на многумина мои другарки и другари.

ДА! ЗА САМОСТОЈНОСТ

Распадот на федерацијата го помогнав со моето Да! за самостојност на Македонија на референдумот чиј датум стана ден на македонската самостојност и државност. Во годините што следеа, македонската самостојност ја помагав и како новинар и како граѓанин. Мојата нова, самостојна, демократска татковина се појави како тенок слој врз останките на Социјалистичка Република Македонија.

Така, истата земја, истите луѓе, истата заедница станаа мојата некогашна и сегашна татковина истовремено. Верувам дека чудното чувство на невидлив, а, сепак, толку опиплив премин го почувствувала и мојата баба по мајка, сплиќанката Ана Ивиќ, но далеку пожестоко, бидејќи преминот од некогашното кралство Југославија чиј жител беше таа, беше врамен со крвавата Втора светска војна во која таа учествувала како борец на Сремскиот фронт.

Во Швајцарија како келнер и готвач, како учесник на студиски престој во САД, како новинар во Велика Британија и Холандија. Помагав на различни начини. Уште пред распадот на федерацијата, без колебање потпишав пристапница кон првата политичка партија надвор од социјалистичкиот систем, Лига за демократија на професор Ѓорѓе Марјановиќ, пред тоа да биде законски можно.

Тогашниот орган на ССРНМ (Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија), весникот Вечер ги наведе првите дваесет членови на партијата во кои доминираа имињата на членовите на редакција Млад борец која во тоа време ја водеа Никола Младенов и Сашо Орданоски. Текстот беше како потерница. Исто како и оној од 2009 година кога истиот весник објави 15 имиња за кои тврдеше дека се грчки шпиони. И моето име беше таму. Тужевме во 2009 година, го изгубивме спорот пет години подоцна. Уште една од безбројните приказни за тажните партали од нешто што би требало да претставува судство во една земја.

Во тие, сега далечни 90-ти, ја фалев мојата земја како малечка, но убава, како мирољубива оаза среде балканската касапница, како проблематична, но дека заслужува внимание, поттик и почит. И тоа го правев бидејќи така чувствував јас, самиот, без да следам нечии наредби, без да очекувам награда за тоа.

Тивко, во себе, си велев дека скромноста, искреноста и упорноста се доблести од кои не смеам да се откажам и дека таква треба да биде и мојата татковина. Со тага и револт ги гледав криминалите и поделбите, насилствата и манипулациите. И не молчев. Зборував и за тоа. Од крајот на осумдесеттите до денес. Како поет на сцена, како активист на улица, како ексцентрик во кафе-баровите, како новинар во неколку од најважните македонски редакции во 90-те, како издавач и продуцент, како комшија…

Гласно, јасно, недвосмислено – говорев за тажните судбини на луѓето отепани од немаштина, за понижените и малтретираните, за бегалците искористени и од нашите политичари, за политичарите опиени од моќ…

МОЈАТА НОВА, ОСТАРЕНА ТАТКОВИНА

ЈНА од старата татковина ме ослободи, но мојата нова татковина ме казни за избегнување на воената обврска. Бев осуден на една година строг затвор во отсуство. Само добив Налог за упатување на издржување казна затвор во Идризово, на самиот праг на војната во 2001 година.

Благодарение на помошта од неколку пријатели, меѓу кои и амбасадорот на една западноевропска држава, успеав да го одложам за три месеци спроведувањето на казната. За тоа време успеав и да докажам дека процесот против мене се водел противзаконски и без мое знаење, да не говориме за тоа дека се работи за кршење на моето право на приговор на совеста. Подоцна, претседателот Борис Трајковски потпиша и амнестија за приговарачите на совеста, меѓу кои бев и јас.

Оваа приказна не завршува овде. Во 2006 година имав мака да си го продолжам пасошот. Кога ги подадов документите за продолжување, службеникот зад шалтерот ме погледна под око и ми кажа дека немам право да ја напуштам државата.

– Зошто? – прашав револтирано, велејќи си дека овие решиле да ме притиснат, правејќи си веднаш список од организации и луѓе каде ќе се јавам веднаш по посетата на овој шалтер.

– Не пишува на мониторот… – беше спокојниот одговор на безличниот апарат зад шалтерот. Друго објаснување немаше. Следеше неколкумесечна потрага по причината за тоа зошто не можам да патувам надвор од државата.

Поминав километри низ тесните ходници, чмаејќи пред не знам колку мали и зачадени собички со мрзоволни апаратчици или цајкани во цивил. На крајот, дознав дека амнестијата за моето одбивање да држам оружје в рака не била внесена во компјутер, па така, во системот сѐ уште сум фигурирал како кривично гонет. Затоа што никогаш не сакав да држам оружје. Ја внесоа исправката. Ми дадоа пасош.

На преодот од стариот во новиот милениум, мојата нова татковина остаре. Имаше војна. Кратка, но „слатка“. Војна која никогаш не заврши вистински. Потоа, властодршците ја направија мојата татковина уште постара. Мојата нова, остарена пред време татковина – ја антиквизираа.

УБИСТВЕНИ ДОЗИ НА ПОСЛУШНОСТ

Тоа беше своевиден геноцид. Да, геноцид може да се изврши и врз сопствениот народ, сме го виделе тоа во не многу далечното минато. Доволно е да ги споменам само Хитлер, Сталин, Мусолини, Мао. И точно е дека геноцидот започнува со повици на единство. Во мојата татковина, поранешната и сегашната, повиците за единство ги слушавме во повеќе наврати во изминатите децении. Никогаш не излезе на добро.

Геноцидот во Македонија кој (сѐ уште) се спроведува без „многу“ крв, започна со повици за единство придружени со една смешна, аматерски изведена, тродимензионална анимација на која сите се смеевме. Но, таа смешна анимација се претвори во невиден идеолошко-архитектонски погром кој трае.

Но, тоа беше само почеток. Чудовишното истребување на сопствениот народ се спроведе и преку бришење или преправање на историјата, гмечење и препарирање на идентитетот и потеклото. Во мојата татковина сега живее нација на Ариевци. На сите не-ариевци им се даде до знаење на различни начини дека не се добродојдени, дека се странци. На родната грутка.

Но, тие не им остануваат должни. И од спротивната страна се прогласуваат себе си за вистински Ариевци, за сметка на сите останати. Глупост, надменост, самобендисаност, затвореност, насилништво… И да го затворам кругот придавки: бескрајна глупост.

Сето тоа придружено со инјектирање убиствени дози на послушност.

ЏЕЛАТ, ПРЕДАВСТВО И КАЗНА

Стрелачки вод. Стојат исправени, во став мирно. Гледаат право пред себе, во правец на осудениците што треба да бидат стрелани, но гледаат низ нив, некаде, во некоја празнотија. Осудениците се со врзани очи. Студените цевки од пушките им се припиени до телото. Офицерот, со пиштол во појасот, гледа право пред себе, гледа, но не гледа. Неговиот поглед се сече под прав агол со насоката на погледот на стрелачкиот вод.

Тишина. .

Само лесниот ветар бранува перчиња од косата на осудениците. Ветрот влегува во очите и ги лади. Во непосредна близина се слуша кратко и отсечно гракнување на нестрпливите мршојадци, наредени во сличен строј на гранките од околните дрвја.

– Подготви се!

– Нишани!

Командите на офицерот звучат како да разговара со мршојадците, а гласот му е отсечен, метален и сув, како истрел.

Во тој миг, од стрелачкиот вод исчекорува еден млад војник. Ја спушта пушката покрај себе. Таа паѓа на каменестата земја. Тогаш, војникот, речиси со маршевски чекор, го преминува бескрајниот, трагичен простор меѓу извршителите и жртвите.

Застанува пред своите другари и немо го соопштува своето херојско решение да прими куршум во име на својата непослушност и пркос. Да биде еден од џелатите кој ќе се построи заедно со жртвите.

Се слуша повеќекратен истрел и тап удар на мртвите тела.

СОУЧЕСНИЦИ

Сме прочитале, слушнале или сме виделе на филм, кога џелатот врши предавство и застанува во одбрана на жртвата. Во денешно време гледаме нешто слично кај политичарите. Оние што ќе се налутат со своите лидери од, за нас, познати и непознати причини. Слично е, но далеку од тоа да е исто. Што и да направат кога ќе се одметнат од својата банда, политичарите имаат далеку поинаква агенда од младиот војник кој се постројува заедно со тие што треба да бидат стрелани. Некои од тие политичари сега се в затвор затоа што се дрзнале да проговорат поинаку од својот довчерашен лидер.  В затвор се и десетици други чија вина е што биле гласни.

Но, тоа се случува на некои врвови од пирамиди на моќта кои се такви какви што се, знаеме добро какви. Животот на инсектите, долу во прашината е поинаков. Моќта се одржува токму на нивниот грб. Секој ден, безбројни безимени пиони ја спроведуваат волјата на офицерите и ја извршуваат функцијата на џелат. Офицерите ја исполнуваат волјата на командантите, а тие ја спроведуваат волјата на водачот.

Стројат деца во шпалири, креваат рака, судат неправедно и ги извршуваат пресудите, наплаќаат, печатираат, потпишуваат, лажат, крадат, ограбуваат, апсат и тепаат. Запленуваат дрва од арамии и ги препродаваат, наместо да ги подарат на оние што немаат. Лечат туристи, а домашните пациенти умираат среде гомна. На богаташи им продаваат илјадници луѓе за трошни плати и очекуваат поклон до земја.

Знаат ли што прават? Знаат ли дека ја сносат одговорноста како извршители? Како да ја гледам раката на човекот што ја подал празната дланка кон мене на патарина? Ми зема пари. Да сум странец, ќе ми земе уште повеќе (40 денари = 1 евро). Ми зема пари за никаквиот автопат, затоа што чекам на патарина небаре сум на граничен премин, а притоа и ме срами, затоа што лаже дека 40 денари се едно евро и краде од луѓето кои минуваат низ мојата сосила остарена татковина.

Што да мислам за извршителите кои спроведуваат драконски казни врз луѓе што можеби и не погрешиле? Не ги почитувам и не можам да им мислам добро на тие што суделе против мене и таквите како мене, затоа што таква била наредбата „од горе“. И ги сметам за соучесници.

ЗЕМААТ ПЛАТА ОД СВОИТЕ ДЕЦА

За соучесници ги сметам сите што велат дека не смеат да излезат на протести затоа што ќе ја изгубат работата или ќе бидат казнети. Од оној што наплаќа патарина до оној што седи во столчето на судијата. Исти ми се сите. Имаат семејства да нахранат, знам. Но, немаат ли сите други што се жртви? Тие имаат потреба од плата која им ја дава режимот, но за да ја земат таа плата, создаваат жртви секој ден. И ме срамат. На крајот, и самите стануваат жртви. За да ја земат платата денес, стануваат соучесници во систем кој ќе наплати од нивните деца.

Не земаат плата за своите деца, туку ја крадат таа плата токму од своите деца. Оваа власт ги претвори жртвите во сопствени џелати. Со бескрајна леснотија го погуби достоинството и ги претвори илјадниците свои поданици во пипци на систем без човечност. И сето тоа придружено со гротеска и распуваност својствена за кралските дворови на, колку луди и смешни, толку и сурови владетели. Ги знаеме од книгите по историја, но ги гледаме и на вестите денес. Интересно, тоа се пријателите на оваа власт.

КАРАНТИН

Германија го сврте погледот кон мојата остарена татковина. Ги собра балканските суртуци на едно место и им раскажа што мисли за нив и што очекува тие да направат. Овде, пипците на власта, лакеите со подврски, лакирани чевлички и машнички, секогаш со мегафон во рацете, повторно кажаа дека најголем проблем се клетите Грци. Сѐ друго е в ред. Судство, медиуми, човекови права, меѓуетнички односи? Тоа се и онака предавнички мисли и измислици. Но, секако, ќе молчат за тоа овие апаратчици со контролирани антени во рацете (и на уште едно место).

Четири години во карантин. Тоа ни се случи. Германија ни даде четири години да се средиме. Но, судејќи по реакцијата на медиумските лакеи, пред нас се четири години карантин во кој безочните поданици ќе бидат соучесници во сопствениот геноцид. И ќе велат дека мораат и дека имаат семејства и дека тоа е „од горе“ и дека некој мора да страда за друг да живее и дека ако не се тие ќе дојде некој друг на нивно место…

Сите се оправдуваат со сите други. Ако не сум јас, ќе биде некој друг. Па, немој да бидеш ти! Можеме од таму да почнеме. За мене веќе нема невини (со)учесници во ова лудило. Секој што знае што се случува или барем насетува, а продолжува да ги следи наредбите или ги затвора очите, не заслужува почит. Без оглед на принудата која ја трпи. Без оглед на тоа колку се сурови командирите на стрелачките водови.

Тие мора да бидат сурови, затоа се командири на стрелачки водови.

И како што ќе се заострува карантинот, така ќе станува полошо. Мизеријата ќе биде причина повеќе Македонците уште повеќе да ги презрат и мразат Албанците и обратно. Како да не е доволно ова до сега. За тоа време поглавиците на секое од двете племиња ќе се капат во базени од пари и крв. Заедно. Поглавиците на помалите племиња ќе седат покрај базенот и ќе црпнуваат по некоја кованица или капка крв. А парите и крвта ќе бидат од сите – и помали и поголеми племиња.

За тоа време од мегафоните ќе трештат повици на единство на различни јазици и различни фреквенции од паралелни светови и исто таква турбо-фолк музика. И културно-едукативна програма за многудетни семејства!

Поврзани новости