ФОТО Заев и Иванов си наздравија во Кавадарци: Сите се согласивме дека нашите вина се најубави

by Fokus
Денес по повод празникот Свети Трифун, премиерот Зоран Заев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски беа гости во Неготино, на свечената манифестација, каде се одржа чинот со закројување на виновата лоза.

Потоа, тие се упатија во Кавадарци, каде гостин на манифестацијата беше претседателот Ѓорѓе Иванов, кој заедно со градоначалникот Митко Јанчев го изврши симболичното закројување пред многубројните гости.

Околу тоа дали помеѓу премиерот и претседателот дошло до средба во Кавадарци, или пак се разминале, секој следејќи го секој својот протокол, Јанчев ни раскажа дека сепак, дошло до средба, но и до дружба, која што поминала во одлична атмосфера.

-Да, секако дека премиерот Заев и претседателот Иванов се сретнаа во Кавадарци, наздравија заедно со мене, и се дружевме. Средбата ни помина во одлична атмосфера со нашите убави вина, и сите се согласивме за едно нешто, а тоа е дека нашите вина се најдобри – ни потврди градоначалникот.

Покрај тоа што прошетаа покрај штандовите на градскиот плоштад, тие беа и на свечен прием во општинската сала во Кавадарци. Политичарите им го честитаа празникот на лозарите и винарите и им посакаа родна година.

Забавата за кавадарчани вечерва продолжува со концерт на Владо Јаневски, додека пак во Неготино ќе настапат годинешните претставници на Евровизија, групата Ај Кју и локални музичари и диџеи.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости