Фотелјата на следниот јавен обвинител ќе ја топли некој од замениците на Зврлевски

by fokus

До изборот на новиот републички јавен обвинител, на местото на Марко Зврлевски, привремено ќе седне некој од неговите заменици. Советот на јавни обвинители има надлежност да именува вршител на должност од редот на јавни обвинители во Републичкото јавно обвинителство. Од Советот велат дека одлуката ќе биде донесена најдоцна следната недела.

-Согласно член 18, став 4 од Законот на јавни обвинители, ако на јавен обвинител му престане функцијата или биде разрешен, Советот од редот на јавни обвинители од тоа јавно обвинителство определува вршител на должност до именување на јавен обвинител. Ние ќе закажеме седница утре или во понеделник, во зависност од тоа кога ќе биде разрешен Зврлевски – вели претседателот на Советот, Петар Аневски.

Именувањето на нов јавен обвинител може да трае подолго и од самото разрешување на Зврлевски, поради чија расправа Собранието е блокирано веќе месец и половина. Пред изборот претходи процедура, која може да биде пролонгирана доколку Советот не се усогласи со предлозите на Владата.

Процедурата започнува со објавување на оглас на кој се пријавуваат кандидати за функцијата. Од пријавените Владата прави избор и бара мислење од Советот. Овде постапката може да заглави, затоа што додека не добие позитивно мислење од Советот, Владата не може да предложи нов јавен обвинител до Собранието. Советот до неодамна важеше за тело кое ги спроведува наредбите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, но изненадија кога го пријфатија владиниот предлог за разрешување на Зврлевски, што остава простор дека ќе донесат професионална одлука.

По усогласувањето на Владата и Советот, би можела да почне собраниската расправа за заменикот на Зврлевски. Тука, пак, наидува уште една препрека, затоа што опозицијата во парламентот може да ги употреби истите механизми на реплики и контрареплики за да ја одолговлекува дебатата.

Од тие причини е се уште рано да се прогнозира за името на следниот јавен обвинител, велат од парламентарното мнозинство. Меѓу имињата за кои се шпекулира во јавноста се: адвокатите Ѕвонко Давидовиќ, Александар Наков, Александар Тортевски и нотарката Лорија Ваневска.

М.В.

Поврзани новости