Фолкерките порачаа: Не во Европа, туку и во Америка ќе ве однесеме!

by Fokus
Tрадиционалниот фестивал на фолк песни, Роса Фест, кој вчера вечер се одржа во МОБ, успеа да ги собере на едно место речиси сите звучни имиња од нашата фолк естрада. Елена Велевска, Сузана Гавазова, Зуица Лазова, Нино Величковски, Стојне Николова, Благица Павловска, Росана Сариќ, Горан Тодоровски, Наум Петрески, Мишко Крстевски, Кате и Нели ти реков, Анастасија Петреска и многу други фолк пејачи беа дел од фестивалот, кој на изненадување на публиката, наместо на фолк, започна да приликува на микс од хип хоп и ар ен би музички настан.

Освен со песните во понови и помодерни аранжмани, фолкерите изненадија и со провокативната гардероба. Од високи црни чизми, мрежести хулахопки, па се до ултра длабоки деколтеа продефилираа на сцената. Како едни од највпечатливите и воедно најхрабрите во стајлингот беа Елена Велевска и Сузана Гавазова, кои порачаа дека со следење на светските модни трендови и рушење на застарените непишани правила, за тоа како треба да изгледаат фолк пејачките, може да се придвижиме напред, и фолк естрадата да се помести од мртва точка.

,,Кога можеме да се восхитуваме на храброста и експериментирањето со изгледот на светските музички ѕвезди, зошто не би се обиделе и самите ние да доловиме дел од светскиот сјај и на нашата сцена? Ги следам настапите на многу познати и наградувани топ музичари, и без скромност можам да кажам дека она што го имаат на пример Ријана, Мајли Сајрус, Кејти Пери или било која друга врвна пејачка, не е нешто недостижно и за нас, македонките. На нашето поднебје имаме преубави жени и девојки, имаме талентирани пејачки со одличен глас, и не гледам причина зошто ние би се криеле позади некои застарени правила според кои фолкерите треба да бидат закопчани од глава до пети, да го кријат својот сексапил и да не си дозволат промена во стилот на музицирање. Само со внесување на новитети може да се придвижиме напред и да внесеме свежина на фолк естрадата’’ – вели Елена Велевска, која доби голем број на позитивни критики за својот настап со песната ,,Прва во се’’.

Фестивалот е во организација на специјализираното фолк радио – Радио Роса и годинава се одржа по осумнаесетти пат. Познат е како настан на кој се изведуваат песни во духот на македонската народна песна, на кој учество земаат најеминентните композитори, текстописци и аранжери. Има ревијален карактер, односно нема награди.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости