Фолк пејачката Марија Тодоровска за експлицитните снимки: Снимена бев без мое знаење!

by fokus

Лесно им е на постарите генерации во чие време немало мобилни телефони, па така нема ни докази за сите нивни грешки, непромислени работи и киксови – вели на почетокот на својата приказна фолк пејачката Марија Тодоровска (25) од Битола, позната во јавноста како Марија Луиса.

-Мене модерната технологија, и можеби на некој начин вербата во луѓето и во искреноста ме чинеше доста скапо. Деновиве се најдов во центарот на вниманието на јавноста, не по своја вина и сакам да појаснам за што точно се работи, бидејќи планирам да чекорам низ животот со гордо крената глава и немам зошто да се срамам или пак правдам. Бев во врска со дечко кој не живее во Македонија цели две години. Мислев дека се сакаме, се што правев со него, правев од чиста љубов. Кога тој започна да инсистира на брак, ја прекинав врската, бидејќи сфатив дека не е таков каков што ми се прикажува и има сериозни проблеми со однесувањето.Не требаше да чекам долго за да ја покаже својата вистинска страна. Мои пријатели од него добија видео клипови, кои за некого можеби се со порнографска содржина, но за мене тоа е само љубов, во која што сум верувала цели две години. Затоа, на сите кои што го виделе видеото со мене, сакам да им појаснам дека тоа не е никакво порно, туку снимка од двајца млади, кои некогаш биле вљубени. Јас не сум и никогаш нема да бидам порно актерка, и сум навистина вознемирена од сето ова што ми се случува деновиве. На тие што сакаат да судат, би им порачала да не избрзуваат со коментари и ставови, бидејќи тоа на секој може да му се случи. Ако не вам, можеби на некој ваш близок, бидејќи сите знаеме колку е технологијата застапена во животот на народот, посебно на младите луѓе – раскажува Марија, вознемирена поради видеото кое деновиве е топ тема помеѓу естрадните кругови, но и пошироката јавност.

Таа додава дека поранешниот дечко кој го снимил и пуштил во јавност видеото веќе го пријавила во полиција. Ангажирала и адвокат, и тврди дека правдата ќе ја бара на суд.

-Ова е одмазда поради прекинатата врска. Жал ми е што некогаш верував дека секој еден е способен за љубов, дека во секој човек има добрина. Животот ме демантираше, не сите кои биле покрај мене ми мислеле добро, туку дури и сакале да ме видат на дното. Јас немам од што да се срамам. Два видео клипа со мене се снимени најверојатно со мобилен телефон, без мое знаење. Има и една видео монтажа со мене. Сега се тргнати од интернет, но сите кои што ги гледале треба да ја дознаат вистината – раскажа за ,,Фокус’’ Тодоровска.

Потресена поради настанот, и на својот Фејсбук профил објавила појаснување, со цел да ги информира пријателите, но и своите слушатели за што точно се работи, бидејќи постојано добивала повици од нив, кои биле затекнати од случувањата. Таа е присутна на естрадата околу седум години. Има редовни настапи во ресторани и локали во земјава, но и по неколку турнеји низ Европа годишно.

Вики Клинчарова

Поврзани новости