ФЛИП – ФЛОП ПОЛИТИКА

by Фокус

Да не дозволиме некој и понатаму да ја владее нацијата со сеидба на постојани стравови и анксиозност, со сеење на раздор, омраза и одмаздољубивост, наместо со надеж за извесна просперитетна иднина, наместо со ентузијазам и восхит за слободата, правдата и еднаквоста, наместо со добрина, милост и човечност едни кон други.

Eдмунд Бурк (Edmund Burke), политички теоретичар на 18-от век забележал: “Ниту една друга емоција или страст, толку ефективно не ја заробува моќта на делување и резонирање на умот, како што тоа го чини стравот.“

          Во современата македонска историја, честопати сме биле сведоци на колебливи политички водства, на голема доза на несигурност во политичката визија, како и на отсуство на храбри и визионерски политички одлуки, да не речам постоење на големи дози на страв и плашливост при владеењето.

Во услови на постоење на таков тип на политички водства, нацијата најчесто била изложувана на сериозни опасности, постојани закани и на вештачки одржувана состојба на континуирана загрозеност, како на внатрешен план, така и на надворешен. Коренот или изворот на колебливоста, несигурноста и плашливоста е во постоење на сериозна доза на внатрешни стравувања, кои пак произлегуваат од слаби и недооформени карактери и нестабилни личности во политичките водства.

Политичката психологија, генерално се занимава со трагање по одговори за потеклото на политичките идеологии од психолошки аспект, за  однесувањето на политичките номенклатури, за психологијата на гласачкото тело или на нацијата во целина, потоа за тоа како определени настани и емоции ги оформуваат индивидуалните светогледи, како и преку експериментални обиди да се дадат одговори за тоа кои се определените психолошки квалитети кои го оформуваат политичкиот светоглед на индивидуално и групно ниво и слично. Понови истражувања одат дотаму што се прават и мапирања, се користат невро-скенови и генетика со цел да се разбере како функционира мозокот во политиката.

Дру Вестен (Drew Westen), професор по политичка психологија на Емори универзитетот во САД, после 20-годишна клиничка пракса на Харвард универзитетот, во своето дело “Политички мозок – Улогата на емоциите во одлучување за судбината на нацијата“ изнесува сериозна научна аргументација во поглед на приматот на емоциите над умот и разумското спознание, кога станува збор за политиката и политичкото одлучување.

Уметноста за фокусирање на емоционалната внатрешност на индивидуата или групата, честопати се користи, да не речам злоупотребува, особено во политиката со цел да инспирираат и да се издејствуваат посакувани политички акции. Стравот е една од компонентите на емоционалните играрии во политиката.

Политичките психолози, генерално се согласни дека постојат најмалку осум основни емоции во човечкото битие. Но, и дека веројатно само пет главни од нив влијаат значајно на носењето на политички одлуки. Притоа, се цени дека само “најдобрите“ политичари умеат сосема солидно да ги користат односно злоупотребат за свои политички цели.

Имено, на позитивната страна се вброени надежта, ентузијазмот, воодушевувањето или восхитта. А на негативната страна се стравот, анксиозноста, гневот, омразата и осветољубивоста. Секако, од духовен и теолошки аспект, недостасуваат добрината, милоста или милосрдието и човечноста. Но, овие како да се “слепата точка“ (“blind spot“) во погледот или светогледот на политичарите.

Поконкретно, стравот како емоционална состојба се злоупотребува, особено интензивно во предизборните периоди. Но, не секој страв има одлучувачка улога при носење на политички одлуки од страна на гласачкото тело, на пример. Стравот од смртта е највисоката точка, за која политичките психолози сметаат дека е финална и одлучувачка поента.

Сеидба на страв

Е сега, ако сево ова го вмрежиме низ македонската политичка матрица на актуелниов политички момент, сосема извесно доаѓаме до заклучокот дека моменталната гарнитура на власт, во предизборието се определи за интензивирање на сеидбата на страв помеѓу граѓанството, и тоа ни повеќе, ни помалку, за стравот од смрт, кој е сосема извесен при разгорување на евентуален меѓуетнички конфликт. Не случајно, се шири атмосфера на недоверба и се форсира клима на анимозитет помеѓу Македонците и Албанците, не случајно се провоцираат едни со други на национална и верска основа. Фокусот е на она внатрешно, најинтимно чувство на идентитетска припадност и верска определба, точки околу кои нема топење, на ниту една од страните. Тие добро знаат или некој ги “посоветувал“ дека токму тие чувства ги поттикнуваат луѓето да се држат уште поцврсто за традицијата, ритуалите, за “своето“. Технички, ова потпаѓа под т.н. “менаџмент теорија на терор “.

Очекуван резултат од ваквиот брутален концепт на емоционално поигрување со нацијата е приклонување кон “својот“ табор, односно кон политичките групации кои се наметнуваат себеси, иако често неоправдано, за национален “бедем“ или како непоколебливите во одбрана на “своето“. И токму поради ваквиот концепт, се́ почесто ќе слушаме и гледаме на националните провладини телевизии, прилози кои ќе го хранат националното и етничко его, хероизмот на историските дејци за самобитност и славењето на историското минато. И тоа, паралелно и истовремено, и́ во двата наводно закрвавени табори. Оти нивниот меинстрим е во ништо различен, што пак укажува дека и советниците им се здружиле или се од иста провиниенција, нели на еден трошок да одработат за двоецот.

Ако на ова се додадат и спомениците и градбите и националните иконографии, симболите, независно дали национални или верски, тогаш сликата се комплетира. А заклучокот се потврдува. Веројатно е дека станува збор за подолгорочен проект, кој за среќа, е подложен на притисок од слободољубивата јавност, така што основите на истиот стануваат се́ попесокливи, и неодржливи под налетот на демократскиот бран на прогресивниот дел од нацијата.

Резултатите од сите научни истражувања во политичката психологија, се поклопуваат во споменатите очекувања на политичките гарнитури кои владеат според концептот на сеење на внатрешен страв, а кои патем, се колебливи и несигурни во своите политички погледи и проекции. Но, за сите по дифолт, неискреноста и скриените агенди се заедничкиот именител.

Кои се скриените агенди на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ?

Е ова е клучно, круцијално и кардинално прашање за сериозна јавна политичка дебата. Кои се скриените агенди на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? Македонците и Албанците особено, ќе треба да се прашуваме постојано, но и да трагаме по сите елементи кои не водат до и́ најмала трага кон постоење на скриена агенда, која во краен случај, емпириски секогаш се потврдува како погубна за народот и етникумите.

Гневот кај ваквиот безобѕирен модел на владеење е природен нус производ на созреаната во демократска смисла политичка нација. Кога правдата, слободата и еднаквоста ја запоседнуваат политичката сцена, во сета нивна силина и убавина, тогаш автократските властодршци го губат тлото под нозете. И затоа, се́ побројни се реакциите, притисоците, негирањата и бруталното газење и гаснење на секоја дури и најмала демократска искра која се појавува на јавната сцена. Затоа се и нападите, навредите и омаловажувањата кон Специјалното јавно обвинителство и тимот кои се фронтмени во финалната пресметка со се́ што е назадно, ретроградно и проклето безобразно во власта, со се́ што е корумпирано до бесвест, со сите оние залутани во власта кои истата ја сфаќаат како дедовина и дека можат со неа да прават што си сакаат и што им е мило и им се снило.

Но, таквата политичката демагогија попатно, го изнедрува на сцена и гневот кај тие кои досега суверено и горделиво се “перчеа“ дека се недопирливи. А тоа е видлив знак на слабост и ранливост, знак на поматен ум, на уште поизразена колебливост, несигурност и несмасност, но и знак на надеж за нацијата, дека бедемот сепак се соочува со сериозни пукнатини, дека ѕидовите на Ерихон се под сериозно силен притисок, дека се́ посилниот демократски и прогресивен бран ќе ги дораспука нејаките ѕидови на се́ послабата и поразединета власт, власт со изгубен компас, а обременета со огромна недоверба внатре (никој никому повеќе не верува, и секој гледа да си ја спаси сопствената кожа), недоверба која тежи и го притиска “титаникот“ кон немирното море и неговите страотни длабочини.

Истражувањата во областа, покажуваат и нешто друго, а тоа е дека постои граница на пресврт, точка на поврат, маргина од која се́ се враќа обратно пропорционално, и се́ потоа започнува да содејствува за добро на оние кои биле предмет на политичкото фингирање. Ако граѓаните ги оставите заробени предолго во состојба на страв и анксиозност, се случува ретрограден процес и потоа пресврт. Нашиве веќе ја прејдоа критичната точка. Оттука натаму, станува се́ поизвесно. Надежта преовладува над стравот. Визија со надеж го пади стравот. Сигурната увереност во демократскиот и прогресивен потенцијал на нацијата и во вредносните капацитети на општеството го топи стравот и гневот, така што тие, полека, но сигурно и извесно испаруваат од политичката мапа. Надежта, неповратно стапува на сцена. Кој сфати – сфати.

 Време е за “Reverse Ferret!”

Но, да се вратиме накратко на насловот.

ФЛИП-ФЛОП политиката е израз кој се употребува да означи ненадеен пресврт или очигледна нагла промена на политичките погледи, мислења, ставови и одлуки, потоа непредвидлива промена на политичките позиции, како и брзоплето напуштање на претходен конзистентен став во политиката. Флип-флоперси пак се политичарите кои говорат едно, а мислат и прават друго, значи кои се неискрени, недоверливи, колебливи, несигурни и најчесто поради сево ова и омразени од граѓанството, основно поради своите “задни“ намери во политиката, а за кои јавноста станала свесна во дадениот момент. На пример, како во случајот со актуелниве политичари кај нас, соголени после објавувањето на прислушкуваните материјали. Една од илустрациите која прилично добро го дефинира значењето на кованицата е дека поранешното момче на некоја девојка е целосно неодлучно околу својата сексуална ориентација, затоа што тој флип-флопира, т.е. постојано го менува ставот и со тоа се колеба да одлучи дали е машко или женско.

Во природните науки, дури е и пожелно едно откритие, под притисокот на научната аргументација на друго откритие, да прифати промена на претходната научна позиција. Но, во политиката, таквиот чин многумина го сметаат за погубен. Дали би било така и во нашиот случај?

Според мене, секако не е и́ невозможно да се примени и во политиката. Според мене, време е за т.н. “reverse ferret”, фраза која пак означува  ненадејна промена на, на пример уредувачката политика на некој медиум, и враќање на претходната позиција на уредничкиот тим. Во политиката?

Да. И во политиката, јас велам, време е за “Reverse Ferret!” Време е за враќање на демократијата во нејзиниот полн капацитет. Време е нејзиното изворно значење да го вратиме највисоко на пиедесталот на општеството.

Да не дозволиме некој и понатаму да ја владее нацијата со сеидба на постојани стравови и анксиозност, со сеење на раздор, омраза и одмаздољубивост, наместо со надеж за извесна просперитетна иднина, наместо со ентузијазам и восхит за слободата, правдата и еднаквоста, наместо со добрина, милост и човечност едни кон други.

авторот е Претседател на ИНТЕГРА – Институт за доблесна и вредносна политика и еден од фронтмените на ФРОДЕМ – Фронт за демократска Македонија

 

Поврзани новости