Фамилијата вљубена во даночниот рај: Фирма од Дубаи во мрежата за набавка на медицинска опрема

by Fokus

Текстот е објавен на 24 февруари, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1116

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Во услови кога министерот за здравство Никола Тодоров шета од болница во болница и промовира медицинска опрема вредна милиони евра, а провладините медиуми секојдневно трубат дека здравствениот систем во Македонија е меѓу најдобрите во Европа, тогаш не ни останува ништо друго освен да и погледнеме на вистината во очи и да видиме што покажува сликата на терен.

Ако до пред некое време лекари бегаа во приватното здравство и заминуваа на работа во странство, сега во 21 век умираат родилки и бебиња поради болнички инфекции, болниците мака мачат за основни лекови и потрошен медицински материјал (гази, инфузии, антибиотици), а клиниките алармираат дека лекуваат со застарена терапија, која може да биде кобна за животот на пациентите. И додека вака изгледа реалната слика во македонското јавно здравство, министерот Тодоров упорно тврди дека во клиниките и болниците низ земјава досега е набавена медицинска опрема од над 300 милиони евра. Од друга страна, пак, опозицијата ја убедува јавноста дека преку набавката на медицинските апарати власта прави вистинска пералница на пари и дека ретко некои од апаратите се инсталирани и се користат во државните болници.

На веб-страницата на Бирото за јавни набавки може да се најдат тендерите за набавка на медицинска опрема, откако пред неколку години беше донесена одлука за централизирана набавка на опремата преку Министерството за здравство. Прво што паѓа в очи е дека сите овие тендери ги добиваат фирми и луѓе блиски до владејачката гарнитура, што можеше да се слушне и од „бомбите“ што пред две години ги објави опозицискиот лидер Зоран Заев.

„Фокус“ веќе пишуваше за некои од фирмите што редовно ги добиваат тендерите, а зад нив се кријат имиња на роднини, кумови и пријатели на функционерите од ДПМНЕ. И покрај многубројните текстови во медиумите, до денешен ден соработката не прекинува, бизнис империјата продолжува да се шири, па дури почнаа да се регистрираат и оф-шор компании.

ЧЕТИРИ ФИРМИ, ИСТИ АДРЕСИ, ИСТИ СОПСТВЕНИЦИ….

Повеќе од 160 тендери за набавка на медицинска опрема во скопските клиники и болниците низ земјава во последните неколку години спровело Министерството за здравство под раководната палка на Тодоров. Со истото темпо продолжува министерот/пратеник и во наредниот период, откако пред две недели промовираше набавка на 1.200 нови медицински апарати за Тетовската болница што е спротивно на законот, со оглед на тоа што се уште нема формирано влада, па не се знае во која улога Тодоров спроведува тендери. Во улога на министер или во улога на пратеник? Тетовската болница е првата од мега проектот за набавка на медицинска опрема во државните болници вреден рекордни 33 милиони евра.

Како што во неколку наврати „Фокус“ пишуваше, главна улога во набавката на апаратите имаат и неколку фирми за медицинска опрема и трговија со фармацевтски производи. По објавувањето на приказните во јавност, тие само ги затскриваат трагите и продолжуваат да си работат. Шемата е следната. Повеќето фирми кои се појавуваат како нови, функционираат на исти адреси и со исти сопственици и управители, само што некои се порано, а некои подоцна основани. При секое наредно преземање на документите од Централниот регистар можат да се забележат новите промени што фирмите ги направиле во последниот период.

Една од нив, која беше доста актуелна во 2013 година беше компанијата „Метрополитен“ чиј сопственик, а истовремено и управител е извесна Вера Иванова, која заедно со фирмата „Орка Холдинг“ во сопствеништво на бизнисменот Орце Камчев го поделија стопанисувањето со центрите за дијализа, откако претходно на јавно наддавање беа елиминирани другите три фирми, светски гиганти што конкурираа на огласот. Целата постапка, според обвинувањата од опозицијата и здруженијата, во тој период ја следеа низа недоследности, нетранспрарентен јавен повик и фаворизирање на одредени фирми, кои според нив, се блиски до владејачката партија.

Значи, откако фирмата „Метрополитен“, основана на 24 јануари 1992 година ја доби лиценцата за дијализа, според документите од Централниот регистар на 29 јануари 2014 година го основа дијализниот центар „Диамед Македонија“ со неколку подружници низ градовите во источна Македонија. Документите исто така покажуваат дека овластено лице на оваа приватна здравствена установа е истата сопственичка Иванова. Но, тука не завршуваат фирмите на нејзино име, за кое понатаму во „бомбите“ на Заев може да се слушне дека се поврзани и со кумот од првиот брак на екс премиерот Никола Груевски, Ристо Новачевски.

Од опозицијата се сомневаат дека тој стои зад бизнисот со дијализата во Македонија, иако неговото име на документите никаде не фигурира. Во неколку наврати досега, опозициските пратеници редовно од собраниските седници го нарекуваат Ристе Дијализа Новачевски, сакајќи да му стават до знаење дека се информирани за сите негови бизниси и фирми, од кои на повеќето, неговото име не може да се најде на хартија.

КОЈ СТОИ ЗАД ФИРМАТА ОД ДУБАИ?

Сепак, тоа не е единствениот начин што ја покажува поврзаноста на Новачевски во бизнисот со дијализата во Македонија. Фирмата „Метрополитен“ која е сопственик на дијализниот центар е лоцирана на улицата „Јадранска магистрала“ бр. 100 во скопската населба Бутел. Според документите од Централниот регистар, на истата адреса се наоѓаат уште две фирми, од кои едната засега непозната во јавноста е „Метро Медикал“ чија приоритена дејност е трговија со медицинска опрема и фармацевтски производи. Се работи за релативно млада фирма, основана на 26 февруари 2015 година, што значи дека на бизнис пазарот опстојува речиси две години. Новачевски се води како сопственик, но и како управител на оваа компанија. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека „Метро Медикал“ е основана со паричен влог од 453.138 евра, од кои само 10 илјади евра вложил првиот венчален кум на Груевски, додека остатокот од парите, 443 илјади евра ги вложил извесен Филип Иванов, кој се води како втор сопственик.

Неговото име е непознато за јавноста, но преку него на некој начин се доаѓа до поврзаноста на Новачевски со бизнисот со дијализа, кој е тежок половина милијарда евра. Иванов има само 19 години, а неговата адреса на живеење е на улицата „Сремски Фронт“ бр. 28 во скопската населба Ѓорче Петров, истата адреса на која живее сопственичката на четирите фирми Иванова, па така, освен што со помладиот сопственик на фирмата имаат исто презиме, имаат и иста адреса на живеење. Ова значи дека станува збор или за нејзин син или за близок роднина.

Но, мрежата од компании основани на истата адреса е поширока. Една од нив е и „Метромед“, која според документите исто така се наоѓа на улицата „Јадранска Магистрала“ бр. 100 во Бутел, но за разлика од другите компании, нејзината приоритетна дејност е маркетинг и консалтинг, односно дејности на советување во врска со работењето и останато управување. Според документите од Централниот регистар, историјата на фирмата е позната, таа е основана пред речиси четири години, на 17 јули 2013 година со паричен влог од 8.000 евра, а нејзин сопственик и управител, како и на другите две фирми, е Вера Иванова.

Сепак, првата фирма „Метрополитен“, основана пред повеќе од 25 години е клучна. Преку неа, со текот на годините почнува да се шири мрежата од фирми кои одиграа голема улога во набавките за здравствениот сектор во последните седум-осум години. Според историјатот на промени од Централниот регистар, само пред неколку месеци, на 8 април 2016 година, фирмата освен Иванова добива уште двајца нови сопственици и тоа компанијата „Метромед“, која исто така се води на нејзино име и друга фирма, надвор од територијата на Македонија. Станува збор за „Смарт Холдинг Лимитед“, оф-шор компанија лоцирана на улицата „ХДС Бизнис Центар 3204“ Jumeira Lakes Towers во даночниот рај Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Се обидовме да дознаеме каде точно е лоцирана оваа фирма, но податоците што излегуваат на интернет под тоа име покажуваат дека наводно се работи за деловна зграда во која е сместен хотел со пет ѕвезди во Дубаи или трговски синџир на хотели.

Оттука се поставуваат прашањата – која е причината што компанијата „Метрополитен“ после толку години добива сопственик и тоа фирма од даночниот рај Дубаи, која е нејзината дејност, што е целта на нејзиното сопствеништво и дали тоа е изведено на сличниот начин како што беше основана компанијата „Сирах Инженеринг“, со која директоруваше Новачевски, а чиј сопственик беше фирмата „Сирах Лимитед“ од даночниот рај Белизе, преку која експремиерот Никола Груевски планирал да купи земјиште од 11 илјади квадратни метри на Водно?

Според досегашната практика во Македонија, вистинските сопственици на компаниите блиски до владејачката партија ретко се појавуваат на функции во фирмите и се чуваат во анонимност, а обично непознати имиња фигурираат во документите, со што не се остава простор да се открие кој е всушност вистинскиот сопственик. Секојдневно, зад затворени врати никнуваат нови фирми, се менуваат сопственици, се со цел да се скрие потеклото на фирмите, односно кој всушност стои зад нив. Од друга страна, пак, медиумите ги откриваат и пишуваат за нив, ама ништо не се менува. Кучињата лаат, карванот си врви!

Рамка1

ТЕНДЕРИ НА АНГРО

Според Бирото за јавни набавки, компанијата за медицинска опрема и трговија со фармацевтски производи „Метрополитен“ најмногу тендери „лапнала“ во последните неколку години, од кои во периодот од 2012 до 2015 година има преку 60 тендери за медицински потрошен материјал, лабораториски потрошен материјал, реагенси, набавка на лекови, сервисирање и одржување на медицинската опрема, набавка на медицински инкубатори….Но, на фирмата најмногу и се „посреќи“ во 2013 година кога влезе во бизнисот тежок половина милијарда евра.

Рамка2:

СОПСТВЕНИЧКАТА НА „МЕТРОПОЛИТЕН“ ГО ИГНОРИРА ФОКУС

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со Вера Иванова, сопственичката на фирмите, да ни објасни која од фирмите со што се занимава и зошто како сопственик на компанијата „Метрополитен“ се води друга фирма и тоа од Дубаи, Обединетите Арапски емирати и каква е дејноста на фирмата? Но, до затворањето на овој број од неделникот не добивме одговор.

Истите прашања ги испративме и на службениот мејл на компанијата, но и од таму не добивме никакви одговори.

Рамка3

ПРВИОТ ВЕНЧАЛЕН КУМ ИМА ФИРМИ НА СЕКОЈ ЧЕКОР

Листата на фирми со кои управува првиот венчален кум на експремиерот Груевски, Новачевски е долга, а меѓу нив претежно можат да се најдат компании за трговија со медицинска опрема, за фармацевтски производи, за изградба на станбени и нестанбени згради, за трговија со садници со цвеќе, но има и такви кои се поврзуваат со него, а неговото име не фигурира на ниту еден документ. На дел од фирмите, Новачевски се води како сопственик, додека на дел, како управител. Според документите од Централниот регистар, една од фирмите е „Анџела Ристо“, која се занимава со трговија на мало со цвеќе, садници, семе, ѓубриво, домашни миленици и храна за нив во специјализирани продавници. Таа е регистрирана на 24 јануари, 1993 година, со почетен влог од 317.200 денари, што значи дека на пазарот опстојува речиси 23 години. Покрај него, во сопственичката структура фигурира извесна Лена Самарџиевска, чие име и презиме е речиси идентично со името на неговата сестра, која работи во кабинетот на Груевски како негова лична секретарка.

Поврзани новости