Европската федерација на новинари побара од Хан реформи во Македонија пред изборите

by Фокус

Европската федерација на новинари денеска испрати писмо до еврокомесарот Јоханес Хан во кое бара реформите во медиумите во Македонија да се спроведат пред изборите и Европската унија да не се откажува од тоа.

Федерацијата која претставува над 300.000 новинари од цела Европа потсетува дека минатата година беше потпишан договор  дека треба да се организираат слободни предвремени парламентарни избори и да се преземат итни реформски мерки за што сите страни се согласија, а еден од итните приоритети од Договорот е реформата на медиумите и слободата на изразување во Македонија со цел да има слободни и кредибилни избори, како апсолутен предуслов за демократски избор.

-Заедно со нашите локални членки, сериозно сме загрижени дека ЕУ не е целосно конзистентна во своите изјави за реформите на медиумите. Од оваа недела, ЕУ престана да инсистира дека е потребно да се случат реформи за медиумите пред изборите кои се презакажани на 5-ти јуни. Ние сме убедени дека ако не го искористиме овој момент за спроведување на медиумските реформи, кога сите потписници се на преговарачка маса, ќе пропуштиме одлична можност да имаме сериозни промени кои сите ние ги чекаме толку долго, а се од клучно значење за Македонија и во регионот. Тешко е да се има фер избори кога главните медиумите се под директно влијание на Владата, се вели во писмото.

Европската федерација на новинари го повика еврокомесарот Хан да изврши притисок  врз Владата за реформите во медиумите во Македонија да се случат пред изборите, како што е наведено во Договорот на Пржино.

Поврзани новости