Етничките тензии се последица на погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ

by Фокус

Апелираме до сите граѓани на Македонија веднаш да престанат со говорот на омраза на социјалните мрежи и да се воздржат од учество во етнички мотивирани насилства и вандализам, се вели во заедничкото соопштение на невладината Цивил и на Хелсиншкиот комитет за човекови права, по повод протестите најавени за утре за случајот „Монструм“.

„Родителите мора да разговараат со своите деца и да влијаат на нив да не се впуштаат во насилништво и вандализам за време на граѓанските протести. Ескалацијата на етничките тензии во земјава е последица на погрешните политики и практики на владејачките партии. Затоа, бараме токму од нив, политичките партии на власт, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да преземат итни мерки за превенција од насилството и смирување на тензиите кои можат да доведат до безбедносна криза“, стои во соопштението.

Двете невладини организации за човекови права апелираат и до медиумите да се воздржат од говор на омраза и да му дадат простор на мирољубивиот дел од општеството да го искаже своето мислење и став за состојбите.

„Апелираме до сите организации на граѓанското општество веднаш да преземат активности во насока на смирување на тензиите и воздржување од насилства во текот на граѓанските протести. Полицијата мора да се воздржи од пречекорување на своите овластувања и од бруталност, а службениците кои веќе ги прекршиле законите да ги земе на одговорност“, велат од Цивил и од Хелсиншкиот комитет.

Поврзани новости