Ексклузивни фотографии од затворот „Идризово“: Во ќелија со влага и мувла спијат 16 осуденици

by fokus

Откако „Фокус“ објави дека во македонските затвори, речиси се може да се купи со пари, од ќелија без влага и лебарки, со интернет и телевизор, па се до дрога, алкохол и жени, затвореници од затворот „Идризово“ ни пратија фотографии со кои сакаат јавноста да види како живеат оние осуденици кои немаат пари да си го дозволат затворскиот „луксуз“, кој чини стотина евра.

Затворениците појаснуваат дека во ќелијата од која ни испраќаат фотографии, а на кои е видлива мувла и влага, живеат 16 осуденици. Тие појаснуваат дека просторијата е со големина од 25 квадратни метри.

Станарите на најголемиот затвор во земјава „Идризово“ ни испратија и фотографии од ходникот. И таму состојбата не е подобра.

На едната фотографија може да се забележи дека на плафонот, фали дел од ѕидот и е закована талпа. Затворениците појаснуваат дека изминатите денови, кога врнеше многу дожд, се срушил дел од плафонот, па за да не врне, заковале талпа. Тие стравуваат дека истата секој момент може да се откачи и да падне некому врз глава.

Нашите соговорници често пати се жалат дека во затворите немаат топла вода, па затоа се сноѓаат како знаат и умеат. Следната фотографија ни ја испратија со појаснување дека на овој начин, со жици ставени во кофа со вода, ја затоплуваат водата за да можат да се избањаат и да ја исперат облеката.

Покрај мизерните услови, осудениците се жалат и на храната која ја добиваат. Со фотографија покажуваат како изгледа нивниот ручек и вечера. Еден леб, паштета и варено јајце е ручекот, а виршли, за кои како што појаснуваат, се или замрзнати или мувлосани, е нивната вечера.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости