Екс советниците на Тодоров – анонимни ликови, со по неколку функции во управни одбори и колекционери на уметнички слики и благородни метали

by Fokus

Кабинетот на екс министерот за здравство Никола Тодоров „вриеше“ од државни советници, кои напредуваа со брзина на светлината и само во рок од една година имаа скок од по неколку функции. Сепак, и по заминувањето на Тодоров од министерството за здравство повеќето од нив, можеби не на истите позиции, но останаа на работа во ресорното министерство.

Нивната кариера вртоглаво растеше, така што тие го имаат највисокото звање на државни службеници, а во меѓувреме се членови на повеќе Управни одбори и комисии, од каде што земаат дополнителни хонорари. Сите овие функции на државните советници може да се најдат објавени на страниците на Службен весник.

Еден од нив е и Ангел Митевски, десна рака на Тодоров, кој повеќе од десет години беше негов шеф на кабинет и во министерството за образование и во здравство. „Фокус“ за него веќе објави дека е и член на Управниот одбор на Стоматолошкиот клинички центар, како и член на УО на Фондот за здравство. Во меѓувреме, пред четири години за својата лојалност кон министерот, Митевски во 2013 година беше награден и со „титулата“ државен советник по здравствена политика, иако по професија е историчар, што предизвика лавина негативни реакции кај вработените во ресорното министерство.

Уште една на листата на државни советници на Тодоров беше и Татјана Васиќ. Таа во рок од неколку години вртоглаво напредува во кариерата, така што станува претседател на Управниот одбор на Медицинскиот симулациски центар и член на Управниот одбор на Центарот за традиционална кинеска медицина. За сите овие брзорастечки позиции, Васиќ зема дополнителни хонорари. Таа, исто така е именувана и како член на Комисијата за одлучување по барањата за зголемување на формираната цена на лекот.

На истата листа може да се пронајде и името на Сања Саздова, која исто така беше државен советник во кабинетот на тогашниот прв човек во здравството. Таа истовремено е член на Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот, а во нејзиниот анкетен лист може да се забележи дека поседува стан во Охрид од 46 метри квадратни во вредност од 29 илјади евра, потоа благородни метали и уметнички и колекционерски предмети.

Сепак, од сите државни советници во ресорното министерство, единствена од областа на здравството е Јованка Костовска, која работи како раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита. Таа, исто така фигурира и како надворешен член на Управниот одбор поставена од владата на скопската Клиника за гинекологија. Костовска редовно досега ги поддржува здравствените реформи спроведени од власта и редовно излегува во одбрана на тоа дека вакцините во Македонија се квалитетни и безбедни за користење.

И.М.

 

Поврзани новости