Единствената шанса за Република Македонија

Пишува: Драган Алчинов

Секому му е јасно дека изминативе предвремени парламентарни избори беа повеќе од само една обична партиска трка. Овие избори во својата суштина беа референдум. Притоа, референдумското прашање беше многу јасно: ,,Дали сметате дека власта е над Законот?’’ Малку поопширно, прашањето се однесуваше на тоа дали граѓаните сметаат дека партијата откога ќе ја освои власта се издигнува над Законот и сите нејзини постапки се одликуваат со оправданост? Дали власта може да биде целосно криминализирана и притоа да наиде на поддршка кај граѓаните? Поконкретно, прашањето беше: дали се согласувате власта да продолжи со своите постапки обелоденети во проектот ,,Вистината за Македонија’’? И мнозинството граѓани одговорија негативно на ова прашање.

Но, сепак и покрај ова неспорно мнозинство, поделеноста на електоратот во шест изборни единици му донесе најголем број пратенички мандати на ВМРО-ДПМНЕ чиј лидер најавува дека наскоро ќе формира влада. И постои можност безрбетникот Никола Груевски да успее во своите намери, повторно по којзнае кој пат изигрувајќи ја волјата на граѓаните и беспринципиелно тргувајќи со македонските национални интереси. Во нормална земја, во која владее правото и функционираат институциите Никола Груевски сега ќе ја составуваше својата жалба пред Апелациониот суд. Наместо тоа, тој има шанса да формира владеачко мнозинство. Оваа шанса постои затоа што граѓаните ја пропуштија историската можност недвосмислено да се изјаснат за правично и праведно општество, концентрирајќи ги своите гласови и давајќи ја својата поддршка на единствената политичка сила која реално можеше да го собори режимот. И така, одговорот на прашањето дали Никола Груевски ќе успее да формира мнозинство во Собранието се сведе на салонски калкулации во кои пратениците од партиите на етничките Албанци треба да одлучат дали ќе коалицираат со него или не.

Коалицијата меѓу албанските политички партии и Груевски ќе донесе придобивки на двете договорни страни, но на штета на граѓаните. Албанските партии ќе добијат ветувања за поголеми етнички права, поголема моќ при одлучувањето и повеќе раководни функции. За возврат на тоа, Груевски ќе добие нов мандат, а со тоа и де факто аболиција. Договорот за коалиција меѓу Груевски и албанските партии ќе значи засилување на етничките заедници и легитимитет на криминалот. И сето ова ќе оди на сметка на граѓаните кои наместо да живеат во асална држава во која граѓанинот ќе биде пред се’, а Законот ќе биде над се’ ќе добие држава во која етничките заедници и мафијата ќе бидат пред се’ и над се’. И така, најголеми губитници ќе бидат граѓаните кои ќе ја загубат можноста да живеат во држава со уставен поредок и функционални институции.

Како второ, ќе загубат членовите на ДПМНЕ. За да може да коалицира, Груевски ќе мора да направи сериозни отстапки пред албанските партии. Познати се етничките барања на албанските партии: воздигнување на албанскиот јазик како официјален јазик во земјата, рамномерна распределба на буџетот, консензуално одлучување за сите битни прашања, а како шминка на сево ова се и имплементацијата на препораките од Извештајот на Прибе и продолжување на мандатот на Специјалното Јавно обвинителство. И никој не треба да се сомнева дека Груевски ќе ги прифати козметичките делови од барањата на албанските партии- без проблем ќе се согласи на продолжување на мандатот на СЈО и уште еднаш ќе ги потврди заложбите за имплементација на Прибе, знаејќи дека СЈО без специјален суд не значи ништо и дека ветувањето дека ќе го имплементира Прибе не значи дека и навистина ќе ги исполни препораките содржани во него. Со ова, Груевски уште еднаш ќе ги изигра своите сопствени поддржувачи. Иако целата негова предизборна кампања се сведе на борба против наводната двојазичност и федерализација, сепак единствената шанса да не заврши на робија му е во тоа да договори проширување на етничките права на Албанците. Нема да му биде прв пат на квази-патриотот Груевски кукавички и далеку од очите на јавноста да ги продава националните интереси додека пред камерите изигрува најголем Македонец и бранител на македонштината. Оној кој можеше да ја прошири употребата на јазиците, да ги амнестира Хашките случаи, да постави поранешен командант на УЧК за министер за одбрана на Република Македонија и да договара промена на името- без проблем ќе ги уважи барањата на албанските партии, особено сега кога влогот е преголем. Потоа оваа трансакција ќе ја правда пред членството дека под притисок на големите сили морал да ги прифати барањата на Албанците. А со оглед на тоа дека поголемиот дел од членството на ДПМНЕ се членови не заради патриотските чувства, туку заради клиентелистички мотиви- тие лесно ќе му простат на Груевски и ќе продолжат да го глорифицираат неговиот патриотизам.

Несомнено, од ваквата коалиција губитници ќе бидат и членовите на СДСМ кои успејаа да ја реформираат партијата, да изготват сериозна политичка понуда и квалитетни кадровски решенија. Можеби најголемото достигнување на СДСМ во овој период беше тоа што успеа да создаде политичка платформа прифатлива за сите граѓани и целосно во насока на повторно воспоставување на правниот поредок. Коалицијата меѓу Груевски и албанските политички партии ќе значи нулификација на целиот овој труд на СДСМ и нулификација на целата храброст на Зоран Заев.

Но, од коалицијата ќе загубат и етничките Албанци кои во големо мнозинство се определија против шурувањето на ДУИ и ДПА со ДПМНЕ. Ако може да се извлече еден заклучок од гласањето на Албанците, тоа е заклучокот дека тие ги казнија Ахмети и Тачи поради нивната верност до смрт кон Груевски. Затоа, во целосна спротивност на граѓанската волја ќе биде доколку раководствата на албанските партии решат да коалицираат со една албанофобска партија каква што стана ДПМНЕ под раководството на Груевски.

Сумирано, коалицијата на Груевски со албанските партии ќе значи воспоставување на суверенитет на етничките заедници и целосна легитимизација на криминалот. Етничките заедници ќе се претворат во носители на суверенитетот- што ќе биде вовед во федерализација на земјата. Криминалот на власта, пак, ќе се стекне со атрибутот на оправданост и прифатеност. Притоа, ќе загубиме сите- и ДПМНЕ и СДСМ; и Македонците и Албанците и сите останати етнички заедници; но, најмногу ќе загубиме ние граѓаните кои сѐ што сакавме беше да живееме во една нормална и средена држава.

Единствената опција која може да го сопре ова е коалицијата на СДСМ со албанските партии при што коалициската платформа ќе се заснова на евроатлантската определба на земјата и воспоставување на уставните принципи и вредности, односно коалиција која нема да задира во етничките прашања а единствено ќе се залага за граѓанска и европска Република Македонија. Таквата коалиција ќе го овозможи напредувањето на државата кон НАТО и ЕУ, ќе ја почитува волјата на мнозинството граѓани и ќе ги спроведе насушно потребните реформи зацртани во Извештајот на Прибе. Само таквата коалиција ќе значи трајно решение за кризата и вистинска шанса за Република Македонија.