Еден маркер за избори чини 460 денари!

by Фокус

За маркерите со кои се обележуваа гласачите на последните избори Државната изборна комисија (ДИК) платила речиси 7 милиони денари или 112 илјади евра. На веб-страницата на Бирото за јавни набавки објавена е вредноста на склучениот договор за 15 илјади перманентни маркери за потребите на изборите, што значи дека еден маркер чинел отприлика 460 денари.

Колку оваа сума е реална за набавка на маркер пенкала, особено ако се земе предвид дека голем број граѓани, а и невладини организации реагираа дека маркерот се бришел веднаш по гласањето?

Посетивме неколку места каде што се продаваат перманентни маркер пенкала и прашавме колку чинат најскапите. Добивме најразлични одговори, но ниту еден не гласаше на сума над 200 денари. Некои се продаваа за 40 денари, 100 денари, а најскапите беа околу 200.

Но, со оглед на тоа што претходно беше соопштено дека вакви маркери не се продаваат во земјава, пребаравме и на веб-страниците на компаниите кои се занимаваат со изработка на маркер пенкала исклучиво за избори. Па така, кинеските маркер пенкала за изборни процеси чинат 0.07 американски долари по парче, односно 3,18 денари. Може да се порачаат најмалку 5.000 маркери, а во описот стои дека мастилото содржи сребро нитрат од 5 до 25 отсто и бојата на прстот може да се задржи повеќе од 168 часа.

Дополнителен сомнеж за цената на маркерите што се користеа за изборите фрла и фактот што, според некои медиуми, тие биле набавени од Кина, а биле увезени од македонска фирма која зделката ја добила на тендер. Тие, наводно, биле специјално изработени за ЕУ пазарот и биле користени во Албанија на последните парламентарни избори. Членови на ДИК биле и во посета на нашиот западен сосед за да се запознаат со тамошните искуства при користењето на мастилото.

Да се користи видливо мастило за гласањето беше предлог на опозицијата, кој не се покажа најефикасен. Па така, дел од гласачите со недели се шетаа обележани на прстот со мастило, а на други пак, мастилото им се бришеше со обично влажно марамче, веднаш по гласањето. Сето ова, како што реагираа невладините организации што ги набљудуваа изборите (Цивил и Мост), оставаше можност за изборни манипулации.

Сосема друго прашање е незаконитоста во процесот, односно фактот што во член 108 од Изборниот законик децидно стои дека „по идентификацијата, избирачот добива гласачко ливче и му се обележува со видливо мастило палецот на десната рака, односно палецот на левата рака, доколку нема палец на десната…“. Но, ова не беше случај со последните двојни избори во земјава – поради фактот што многу гласачи останаа „обележани“ од првиот круг од претседателските избори, ДИК донесе одлука за вториот круг од претседателските и за парламентарните избори да се обележува левиот палец.

Па така, оние гласачи кои имаа проблем со бришење на мастилото, со недели по изборите шетаа со два обележани палци.

Поврзани новости