Душко Млекарот доби 6.500 евра за времето кое по грешка го помина во притвор

by fokus

Душко Илиевски, во јавноста познат како Млекарот, неговиот татко Томе и брат Цане, добија 6.500 евра обешететување за времето кое по грешка го поминаа во притвор. Поголемиот дел од оваа сума ја добиле за 12 дена кои ги поминаа зад решетки, а дел добиле и на основ претрпен страв.  Оваа одлука вчера ја донесе Основниот суд во Битола, откако сите тројца ја тужеа државата бидејќи неосновано беа обвинети за нелегално одгледување на марихуана, но на крајот успеаjа да добијат ослободителна пресуда, бидејќи беше утврдено дека во нивната нива расте див коноп.

Семејството Илиевски е незадоволно од досудениот износ, бидејќи тие бараа вкупно обештетување од 80.000 евра.

-Не сме задоволни од пресудата. Како можеше Мијалков да добие 6.000 евра за тоа што бил навреден, а ние исто толку за притвор одреден по грешка на институциите. Или, пак, премиерот бара од Заев 50.000 евра. Веќе еднаш прашав, а сега ќе повторам, зарем нивната душа повеќе боли од нашата, изјави за „Фокус“, Душко Илиевски.

Тој најави дека тука не застанува и дека ќе оди до крај.

-Оваа одлука ќе ја обжалиме на Апелација, каде што треба да платиме такса од 96.000 денари. Ќе одиме до крај, бидејќи сакаме предметот да стигне до Судот за човекови права во Стразбур, додаде Илиевски.

Тој е незадоволен и од фактот што судот не му досуди обештетување за нарушување на пресумпцијата на невиност, бидејќи премиерот Никола Груевски, пред целата македонска јавност, го обвини дека садел марихуана.

-Судијката како доказ не сакаше да ги прифати снимките на кои се гледа како премиерот Груевски ме обвинува дека сум садел марихуана, а ја одбија и снимката на која се гледа дека и портпаролот на МВР го говори истото. Судијката рече дека овие докази не биле потребни, вели Илиевски.

Тој додава дека без овие докази му е оневозможено да докаже дека пред целата македонска јавност од премиерот и МВР бил прогласен за криминалец.
-Ја прашав судијката сега како, без овие докази, да докажам дека бев јавно линчуван и дека сум политички затвореник, вели Илиевски.

Илиевски, заедно со неговиот татко и брат, во 2010 година беа спектакуларно притворени во нивната нива и подоцна обвинети дека се занимавале со незаконско производство на канабис сатива. Вакво обвинување добија и лично од премиерот, кој пред медиумите предвреме ги прогласи за виновни.

Откако беа притворени тие тројцата 12 дена поминаа во истражниот затвор во Битола.

По неколку месеци судење, Основниот суд во Битола со решение ги ослободи тројцата од обвинението за кое беа товарени и ги прогласи за невини.

Поврзани новости