АРХИВА Душевните болки власта ќе ги лекува со 760.000 евра од опозицијата

by fokus

Текстот е објавен на 29 август 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 986

Тужбите за клевета и навреда им тргнаа од рака на владејачките функционери. Со нив мавтаат на секој изречен збор од опозицијата, а оние од опозицијата, пак, мака мачат секој ден да ја вршат работата на МВР и обвинителството. Прибираат докази за наводни афери на владејачките функционери, ама сè некако задоцнуваат. Возот им избегал, делото застарело. Па, наместо бараните решетки за нивните политички противници, добија околу 40 тужби за клевета, тешки 760.000 евра. Ем останаа без правда, ем го обраа бостанот!

Пишувала
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Наместо да добијат кривична завршница, многубројните „афери“ на власта без исклучок завршуваат пред граѓанскиот суд, каде што на обвинителна клупа, по некоја извитоперена правда, седнуваат тие што се посомневале во чесноста на одредени владини функционери. Па, така, товарот го носат тие што се осмелиле, во случајот, опозиционерите, а не можните сторители на криминал и корупција.

Покрај измешаноста на улогите, она што боде очи се и огромните парични обесштетувања што ги побаруваат „наклеветените“ како надомест за нивната душевна болка. Наместо симболично да побараат едно евро, нели, најважно е вистината да излезе на виделина, се бараат илјадници евра. Е, токму тука лежи зајакот. Се удира по буџетот на „клеветниците“, односно на партијата, за таа дополнително да ослабне, бидејќи без пари не претставува баш некаква опасност.

Дека сè е во парите покажуваат и сите досегашни изборни циклуси во Македонија. Победата секогаш ја носи партијата што не штедела на изборната кампања. Според конечните финансиски извештаи за последните избори, ВМРО-ДПМНЕ потроши 1,4 милиони евра, а СДСМ, скромни, 195.000 евра.

Парите победата на ВМРО-ДПМНЕ му ја донесоа и во 2006 година, кога за првпат се случи тогашната опозиција да потроши повеќе средства во кампањата од тогашната владејачка партија, СДСМ. Па, затоа веќе не изненадуваат огромните финансиски апетити на политичарите од власта, кои со што повеќе пари сакаат да си го исчистат образот, но и финансиски да ја уништат ривалската партија. Со еден удар да убијат две муви.

ЕДЕН МИЛИОН ДЕНАРИ, ПАРИ ЛИ СЕ?!

Финансиското уништување на противникот е веќе до толку усовршено, што безмалку функционира како рекет-служба. Шемата е едноставна. Се поднесува тужба, се приложува психијатриско вештачење или, пак, душевната болка едноставно се докажува на жими мајка и на крајот тука е судијата кој ја срочува сочната пресуда. На судиите, пак, повеќе никој не треба да им сугерира како да ја одмерат правдата. Самите си знаат како да го држат кантарот.

А, шанси за докажување дека се лојални имаат колку што сакаaт. Пресметката покажува дека во изминатите две-три години, против членови на опозицијата биле поднесени триесетина тужби, а уште десетина се во најава. Но, да се вратиме на парите. Сите овие тужби тежат неверојатни 760 илјади евра. Односно, доколку политичарите од опозицијата ги изгубат судските случаи, толкав ќе биде финансискиот удар за партијата.

„Досега се исплатени над 36.000 евра, а останатите побарувања од тужбите кои се сè уште во тек се околу 730.000 евра“, појаснуваат од СДСМ.

Најголемото побарување за залечување на душевната болка го има премиерот Никола Груевски, кој од лидерот на опозицијата Зоран Заев бара неверојатни 500.000 евра. Премиерот го тужи Заев за јавното обвинување дека тој бил вмешан во наводната криминална продажба на „Македонска банка“. Овој случај не доби завршница во кривичниот суд, бидејќи обвинителството не виде криминал, но затоа случајот експресно се пресели во граѓанскиот суд. Епилогот на овој случај е можен уште наредната недела, бидејќи на 1 и 2 септември се закажани две рочишта. Тогаш се очекува во судот да се соочат Груевски и Заев и да ги изнесат аргументите.

На премиерот му се посреќи со тужбите, бидејќи не толку одамна на овој начин си „заработи“ 10.600 евра од Тито Петковски, кој, според одлуката на судот, го наклеветил Груевски дека бил спремен да го промени името на државата. Но, еврата сè уште не легнале на контото на премиерот, бидејќи како што ни објасни Петковски, тој ја оспорил пресудата пред Уставниот суд и поднел барање за одлагање на извршувањето.

ШИЛЕГОВ И МАКРАДУЛИ МАГНЕТИ ЗА ТУЖБИ

Рекордот во тужби, пак, засега го држи портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Тој, иако по професија е адвокат, сепак сè почесто се наоѓа од другата страна во судницата. Во моментот против него се активни четири тужби, а во најава има уште 12, од моќни бизнисмени во приватни компании.

Според првостепената пресуда, Шилегов на министерската Гордана Јанкулоска треба да ѝ исплати 8.130 евра, иако таа му бараше 16.000 евра или еден милион денари. Ако помисливте дека Шилегов е оштетениот во случајот, грешите, бидејќи судијката дури и му се смилува, па реши да му заштеди 8.000 евра. Можеше да биде многу полошо!

Министерката, пак, за неколку дена, колку што имаше рочишта, си ја заработи ова солена сума бидејќи ѝ била нанесена душевна болка од тврдењето на Шилегов дека на сомнителен начин ја зголемила својата имотна состојба. Штом се осмелил да се посомнева, има и да си плати. Не залудно министерката до судот достави и невропсихијатриско вештачење за да го докаже степенот на душевната болка. Тоа што неколку дена не можела да ги погледне блиските и соработниците в очи, дебело си го наплати.

По исти стапки тргна и нејзината колешка Елизабета Канческа- Милевска, која пресмета дека 16.000 евра се лек и за нејзината душевна болка, исто така нанесена од портпаролот на СДСМ. Министерката за култура, пак, ја повредиле зборовите дека треба да сноси одговорност за проектот „Скопје 2014“.

Не е јасно дали на функционерите од власта сумата од 16.000 евра им е среќна, ама вистинска коинциденција е што толкаво е и побарувањето на првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, од Шилегов. Тој, пак, се навредил од тврдењето на портпаролот дека самиот себеси ја продал фирмата во Прага. Шилегов вели дека може само да претпостави зошто тројцата владини функционери бараат идентична сума.

„Сè што е под еден милион денари очигледно е дека за нив е ситна сума. Па, затоа, за да се запазат стандардите, си бараат милионска отштета“, вели Шилегов.

Нешто поскромен, пак, бил уредникот во „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, кој на Шилегов му бара 11.000 евра. Ако Јанкулоска, Канческа-Милевска и Мијалков не открија што ќе си купат ако добијат отштета, Латас јавно се пофали. Додека гостуваше во една телевизиска емисија истакна дека парите ќе ги потрошел на нов џип.

Со четири тужби, и тоа правосилни, може да се „пофали“ и Јани Макрадули, кои вкупно го чинеле 5.500 евра, плус судски трошоци. Од овие пари, 3.500 евра завршиле во џебот на Мијалков, а остатокот кај министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

„Кога пресудите станаа правосилни, и средствата беа исплатени. За жал, не ми е познато на што ги потрошиле парите“, иронично додава Макрадули, кој објаснува дека за сите четири пресуди поднел претставка до Судот за човекови права во Стразбур.

„Засега немам добиено одговор, но очекувам позитивни резултати, како што завршиле и случаите на двајца шпански пратеници и еден португалски пратеник, за кои судот одлучил дека не се виновни, бидејќи јавниот интерес е пред сè, објаснува Макрадули.

БОНЕВА ЕДНАШ НАКЛЕВЕТИЛА ЗА 800, А ЕДНАШ ЗА 10.000 ЕВРА

Трипати на обвинителна клупа седнала и поранешната пратеничка Весна Бендевска. На генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, Бендевска, според информациите од СДСМ, му исплатила 800 евра, бидејќи на прес-конференција го наклеветила Божиновски дека примал плата во исто време и од Собранието и од Владата, и дека бил недостоен да ја извршува функцијата генерален секретар. Оваа казна е една од најмалите што му била изречена на обвинет за клевета.

Но, освен една од најмалите казни, Бендевска ја има добиено и една од најголемите парични казни за клевета. Таа на министерот Зоран Коњановски му исплати 10.000 евра. Судот одлучи дека за време на предизборната кампања во 2008 година го наклеветила тогашниот министер за одбрана дека во периодот кога бил директор на РЕК „Битола“ имало голем број хаварии, намалено производство и разни проблеми во работењето на компанијата.

Третиот тужител на Бендевска бил и поранешниот министер за финансии Трајко Славевски, но оваа тужба поради застареност не доби судски епилог.

Од контото на опозиционерите се одлеале и уште 7.800 евра, кои во два наврата им биле исплатени на функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Поранешниот пратеник од Струмица, Панче Орцев, на сограѓанинот и колега Васил Пишев му исплати 1.400 евра. Орцев го нападнал Пишев дека имал резервна татковина, Бугарија, и дека од таму се финансирал.

Истата сума, младата социјалдемократка Ивана Спасовска ѝ ја исплати  на Силвана Бонева. Опозиционерката Милка Георгиева, пак, на своите сограѓани од владејачката партија, Сашо Николов, Николчо Миовски и Мане Манев им „искешира“ 5.000 евра.

Исто парично обесштетување судот ѝ измери и на министерката за култура Канческа-Милевска. Клеветник во случајот беше поранешниот пратеник Игор Ивановски, кој се посомневал во чесноста на министерката, повторно поврзана за проектот „Скопје 2014“. Ивановски сè уште не ги исплатил средствата бидејќи судот не му ја доставил пресудата.

Покрај правосилните пресуди, кои речиси по правило се во полза на тужителите, кои, пак, сосема случајно се од редовите на владејачката партија, во тек се уште десетина процеси. И тука се вртат илјадници евра, пари кои обичниот македонски граѓанин не може да ги заработи за целиот животен век, за разлика од нивните избраници, кои ова материјално богатство го добиваат за неколку дена без една капка пот. Освен, се разбира, со разболена душа која, нели, повеќе боли од онаа на „обичните смртници“, кои не добиваат никакво обесштетување за нивниот живот, проследен со секојдневно душевно растројство.

Но, да се вратиме повторно на милионот. Токму толку, или претворено во евра, 16.000, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, му бара на советникот во општината Сашо Тодоровски. Илјада евра помалку, пак, е побарувањето на битолскиот градоначалник Владимир Талевски, кој бил наклеветен од Васко Ковачевски. Толкав е лекот и за душевната болка на Љубисав Иванов–Ѕинго, што наводно му ја нанел Јован Манасиевски.

Со многу понескромни барања се тужителите на Магдалена Несторовска, од која Стевче Јакимовски бара 50.000 евра, Општина Карпош 30.000 евра и фирмата „Линк медија“ 20.000 евра.

Покрај политичарите од владејачката партија, меѓу тужителите е и синдикалецот Живко Митревски, кој од Мила Царовска бара, ни повеќе ни помалку, туку округли 10.000 евра.

Со закана од тужба, пак, се соочи и шефот на кабинетот на Заев, Љупчо Николовски, и тоа од неговиот сограѓанин, градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.

ЌЕ СЕ ОСМЕЛИ ЛИ НЕКОЈ СУДИЈА ДА ДОСУДИ 1 ЕВРО!?

Од Основниот суд Скопје 2, под чија капа се тужбите за навреда и клевета, не ни одговорија колку предмети регистрирале од оваа област и колку од нив се правосилни. Според податоците на Здружението на новинари на Македонија, регистрирани се околу 300 активни тужби, од кои само мал дел се правосилни.

Очигледно е дека декриминализацијата на клеветата и навредата не ги даде очекуваните резултати. Посочените примери сведочат дека наместо демотивирање, тужибабите се сè повеќе мотивирани да поднесуваат тужби, бидејќи доаѓаат до лесна и брза заработувачка, без разлика дали средствата ќе завршат во нивниот џеб или, пак, ќе ги донираат за матичната партија.

Ако до неодамна тренд им беше на овој начин да ги замолчат, па дури и да ги затворат критичките медиуми, сега истиот метод го користат и за замолчување и за уништување на опозицијата. Она што е очигледно е дека буџетот на опозицијата се топи, и тоа со брзина на светлината. И Заев на првото рочиште забележа дека побараните 500.000 евра имаа сосема друга цел, а не лечење на душевна болка.

„Ако интенцијата на премиерот е да докаже нешто, требало да побара едно евро. Зошто бара 500.000 евра, вие новинарите проценете, но и јавноста“, истакна Заев.

Нема да се шокираме или изненадиме доколку и овој процес заврши во полза на премиерот. Можеби нема да му биде досудена, до евро, бараната вртоглава сума, но како и да е, се очекува да го наполни џебот, без разлика дали неговиот или партискиот.

Сепак, она што загрижува е тоа што речиси сите челни луѓе на владејачката партија се пожалиле на душевна болка. Дел тоа го потврдуваат и со невропсихијатриско вештачење, а дел со личен исказ пред судот. Пред целата македонска јавност признаваат дека се со кревко здравје, со разнишана самодоверба и анксиозност, и тоа само за да дојдат до некое евро плус.

Тука нема дилема. Да не беше за пари, ќе бараа од судот само да го исчисти нивниот образ. Вака, од судот си заминуваат и со валкан образ, но и со валкани пари. А, со валкана тога си заминуваат судиите кои, внесени во додворувањето на власта, се дрзнуваат да заклучат дека душата на функционерите болела повеќе од онаа на „обичните смртници“, па затоа и се наплаќала поскапо?!

Сума сумарум, народот е оној што останува и без пари и без душа.

Поврзани новости