АРХИВА Дури 550 од добитниците на лото-вработувањето оставени на улица!

by fokus

Текстот е објавен на четврти јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 978

Кон крајот на минатата година, речиси сите вести на неколку национални телевизии почнуваа со прилог за среќните граѓани, кои, по години сиромаштија и безуспешна потрага по работа, си добија парче леб, и тоа во државните институции. Новата работа им ја донесе лотаријата што ја организираше ЈП „Македонски шуми“, а со која требаше да се згрижат вкупно 1.900 граѓани, од кои 300 лица со хендикеп. Дел удобно се сместија во државните јасли, но на повеќе од 500 им се губи трагата. Тие и по седум месеци и понатаму се невработени, без корката леб в рака!

Пишувала
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

ЈП „Македонски шуми“ и ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ се претпријатија кои се занимаваат со различни дејности, но кубурат со слични проблеми. И двете се соочуваат со огромни финансиски трошоци, а, згора на сè, најчесто работат и со загуба, или, пак, незначајна добивка.

Но, сепак, ова не претставува никаква пречка за нив бидејќи се расфрлаат со пари, како да ги имаат со купишта.

ЈП „Водовод и канализација“ ќе се задолжи со 7,3 милиони евра само за да се смести во барокна зграда, а додека тоа да се случи, плаќаат неверојатна месечна кирија од 25.000 евра месечно.

ЈП „Македонски шуми“, пак, минатата година запиша загуба во работењето, а од друга страна го зголеми бројот на вработени, се поднови со 33 возила, а до гуша е задолжено кај државата поради неплатен данок. Значи, заклучокот би бил дека немаат пари, но, од друга страна, трошат како да се богати или, народски речено, ги испружиле нозете надвор од чергата.

СЕДУМ МЕСЕЦИ ЧЕКААТ РАБОТА

Токму поради лошата финансиска состојба на ЈП „Македонски шуми“ остана нејасно зошто тогаш ова претпријатие ја доби можноста минатата година да ја организира лотаријата за вработување на 1.600 невработени од повеќе ранливи категории граѓани?

На 6 октомври минатата година, од 20.000 пријавени, 1.600 најсреќни, на лотарија си добија вработување, и тоа не какво било, туку во државни јасли. Во декември, пак, ги потпишаа договорите за работа, иако сѐ уште не беше познато каде ќе работат.

Огласот го распиша ЈП „Македонски шуми“, па по таа логика се очекуваше и дека сите среќници ќе бидат новопечени „шумари“, но набрзо работодавецот се премисли, па објасни дека избраните ќе бидат распоредени низ повеќе институции, општини и претпријатија. За себе си задржа само седумдесетмина.

Иако лотото им падна, сепак, од него не се офајдија сите. Најсреќните почнаа со работа по два месеца од изборот, дел неколку месеци подоцна, а има и такви кои по осум месеци се со непроменет статус, односно невработени.

„Бев еден од ’среќните‘ добитници на лотаријата за вработување. По изборот потпишав решение и требаше да почнам со работа од 2 декември 2013 година. Сѐ уште не сум вработен, односно не сум распореден на работното место, а во иста ситуација како мене се уште многу од избраните“, вели нашиот соговорник, кој сака да биде анонимен, бидејќи, како што вели, не сака да си ја уништи и најмалата шанса за вработување, на која сè уште се надева.

Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџовски, признава дека дел од избраните на лотаријата сѐ уште не почнале со работа.

„Не знам точна бројка, но околу 250 сè уште не почнале со работа. Овој застој е поради изборите, кога не смееше да има вработување, а потоа се чекаше и да се оформи владата. Набргу и овие граѓани ќе добијат работно место“, ветува Караџовски.

Ова објаснување е официјално, но она што неофицијално се зборува е дека вработувањето на овие кадри, ветено пред изборите, оди тешко бидејќи државната администрација е превработена и тешко се наоѓа слободно место.

Налог за вработување директно од Владата добија и општините, но дел од нив се спротивставија и не сакаа да ја преземат таа обврска. Дел од градоначалниците коментираа дека Владата се сликала на делењето на местата, а обврските за плаќање им ги давала на други.

На работното место не седнаа ниту 300-те добитници на втората  лотарија, која во ноември минатата година беше распишана за лицата со хендикеп, иако поминаа роковите, од 4 до 6 месеци, кои надлежните си ги зададоа.

Од невладината организација „Полио плус“ објаснија дека од оние лица, со кои контактирале, имале информација дека уште не почнале со работа. Повеќе детали побаравме и од Министерството за труд и социјална работа, бидејќи токму министерот Диме Спасов ги објаснуваше критериумите за учество во лотаријата.

„Постапката за сите оние инвалидни лица, кои ја имаат целокупната потребна документација согласно со Законот за вработување на инвалидни лица, е при крај и истите ќе почнат со работа при крај на месец јули. По засновањето на работен однос во ЈП „Македонски шуми“, истите ќе бидат распределени во веќе определени институции и органи на државната управа“, ни одговори Марјан Гиовски, портпарол на Министерството за труд и социјална работа, потенцирајќи дека целокупната постапка за вработување на овие лица ја спроведува ЈП „Македонски шуми“.

Тој додаде и дека, при рангирањето на првите 300, се посочило дека овие лица ќе засноваат работен однос во период од шест месеци.

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈП „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ ТРИ МЕСЕЦИ БЕЗ ПЛАТА

Додека овие граѓани го чекаат вработувањето, веќе вработените во ЈП „Македонски шуми“, од кои нови се 70, а стари над 2.400, се соочени со финансиски проблем. Последната плата што ја зеле е за април, за што добивме потврда и од директорот Караџовски. Ова значи дека им доцни платата за мај и јуни, а, еве, веќе излегува и за месец јули.

Директорот Караџовски вели дека претпријатието од 2009 до 2013 година бележело добивка, но минатата година имало загуба.

„Минатата година имавме загуба од околу 90 милиони денари. Причината за тоа е нелојалната конкуренција, односно големиот број дивокрадци“, вели Караџоски.

Но, токму во годината кога оствариле загуба, во претпријатието решија да се подноват со 33 нови возила, вредни 450.000 евра, кои, пак, ќе треба да ги исплатат на 36 рати. Од претпријатието тогаш се правдаа дека со новите возила ќе трошат 3,4 милиони денари годишно за гориво, додека со старите трошеле 8 милиони денари.

Освен новиот долг за возилата, претпријатието има и милионски долг кон државата за неплатен данок. Според податоците, кои неодамна ги објави УЈП, претпријатието за неплатен данок должи 236 милиони денари, но директорот ја негира оваа сума и потенцира дека станува збор за долг од околу 80 милиони денари.

„Тој износ не е точен од причина што не е извршено раскнижување на сума која датира од некои стари обврски, а кои, со законот донесен од минатата година, се претворија во траен влог на државата во претпријатието. Значи, станува збор за стари обврски, кои наскоро ќе бидат раскнижени, бидејќи имаше застој поради изборите“, објаснува Караџовски.

Одлуката да се прости долгот на ЈП, тежок 43 милиони евра, за данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, Собранието ја донесе пред точно една година.

Заменик-министерот за финансии, Ардијан Џеладин, ова го правдаше со потребата од поголема стабилност на претпријатието, потенцирајќи дека се работи за стар долг и оти по 2009 година тоа работи рентабилно и редовно ги исплаќа платите на вработените. Но, ова оправдување се покажа неточно бидејќи претпријатието повторно покажа загуба, а и доцни со исплатата на платите.

Против оваа одлука беа пратениците од опозицијата кои, наместо простување на долгот, бараа одговорност.

„Ова што се случува ја покажува слабоста на власта да не може да најде менаџерски тим којшто ќе знае да управува со македонските шуми. Тие се национално богатство на Македонија. Досега не сме виделе некој да понесе одговорност“, рече тогаш пратеникот Маријан Николов од СДСМ.

Ова претпријатие, формирано пред 15 години, заработува многу, но и троши многу, и тоа за плати. Со текот на годините таму се вдомија околу 2.400 луѓе, од кои четириесетина директори, а за сите заедно, само за плати, се одвојуваат по 1 милион евра месечно.

КРЕДИТ ОД 7,3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА БАРОКНАТА ЗГРАДА НА „ВОДОВОД“

Со домаќинско работење, според обвинувањето на опозицијата, не можат да се пофалат ниту во ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, бидејќи за да ја довршат започната барокна зграда, во која треба да се сместат, објавија дека ќе земат кредит од 7,3 милиони евра.

Темелите на барокното здание под Кале, кое се гради на местото на поранешните објекти на „Водовод“, беа удрени во декември 2011 година. Градежните работи ги почна австриската фирма „Алпине“, на која ѝ беа исплатени околу 2 милиони евра, но работата запре откако фирмата прогласи банкрот.

Во меѓувреме, „Водовод“ одлучи конзорциумот „Алдинг“ за 7,5 милиони евра да го доизгради објектот.

„Сметам дека задолжувањето е оправдано. Одлуката има првенствено економска логика. Ние со години сме под кирија, плаќаме околу 25.000 евра месечно. Долгорочно гледано, оваа инвестиција е исплатлива“, истакна неодамна в.д. директорот Бојан Василевски.

И сега од претпријатието го добивме сличниот одговор.

Основна причина за задолжувањето е токму водењето сметка по принципите кои значат економска логика. Оттука, Одлуката за земање кредит за доизградба на административната зграда е економски целосно оправдана. Гледано на долг рок, трошоците на јавното претпријатие значително ќе се намалат, а самото претпријатие ќе има своја сопствена зграда. Понатаму, како што и јавно соопшти ВД Директорот на Претпријатието, побрзата изградба на зградата ќе овозможи да не плаќаме кирија и што е уште позначајно, да ја избегнеме опасноста од неможноста да ги исплатуваме тековните активности, велат од ЈП „Водовод и канализација- Скопје“.

Оттаму додаваат дека плаќаат кирија за простор од 1.956 метри квадратни, на „Технометал Вардар“.

Она што е познато е дека новата фирма има рок од 18 месеци да ја заврши градбата, што значи дека за кирија ќе се потрошат уште 450.000 евра.

Од СДСМ, пак, остануваат на ставот дека наместо луксузен, претпријатието треба да изгради енергетски ефикасен објект.

„Имајќи предвид дека проектираната зграда на ’Водовод‘ има околу 5.000 квадратни метри површина, цената на чинење на 1 квадратен метар во оваа луксузна зграда надминува неверојатни 2.000 евра! Градоначалникот Коце Трајановски продолжува да се луксузира и да ги троши парите на граѓаните. По кој знае кој пат повторувам дека најсоодветно е новоизградениот објект во сегашната состојба да се продаде. Парите од продажбата би се искористиле за поскромен и енергетски ефикасен објект“, вели Дамјан Манчевски, советник во Град Скопје од СДСМ.

Од советничката група на СДСМ и коалициските партнери му упатија и прашање на градоначалникот Трајановски. Јавно го прашаа зошто инсистирал на изградбата на луксузниот објект и кој профитирал од зделката и зошто парите не се пренаменат за изградба на водоводна мрежа и замена на постојните азбестни цевки?

Претпријатието минатата година не било во загуба, но остварило профите од само 20.000 денари.

„Според Годишната сметка на претпријатието за 2013 година, вкупниот приход изнесува околу 1.282.000 денари, а вкупниот расход околу 1.262.000 денари. Едноставно претпријатието воопшто нема долг кон државата, објаснуваат од претпријатието“, каде што вкупно работат 1.120 вработени.

ВЛАДАТА МУ ДОЛЖИ НА „ВОДОВОД“, А ТОЈ ГРАДИ ПО НЕЈЗИН ВКУС

Поради слабата профитабилна состојба на претпријатието, покрај граѓаните кои редовно не ги плаќаат сметките за вода, директно одговорна е и Владата, според извештајот за работењето на ЈП „Водовод“. Имено, таа должи 96.000 евра за вода, а долг од 74.000 евра е направен во објектот „Македонија табак“, кој од страна на Комерцијална банка му бил даден под закуп на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. А, најголем должник е Ургентниот центар, кој за 2013 година има долг од 1,3 милиони евра.

Владата неодамна донесе мерка со која на корисниците на социјална помош ќе им се избришат долговите за електрична енергија, радиодифузна такса, парно, кредити и нотарски долгови, но не и долговите за вода, кои вкупно изнесуваат над 35 милиони евра. Очигледно е дека од некаде ќе мора да се плаќа барокниот луксуз во време кога приоритет е менување на азбестните цевки, кои се ризични по здравјето на граѓаните.

Одамна веќе е јасно дека кога станува збор за јавни претпријатија, властите не бараат економска логика, туку само партиска. Од една страна, работат нерентабилно и пропаѓаат во долгови, како ЈП „Македонски шуми“, а, од друга страна, пред избори се секогаш расположени за нови вработувања. Владата е тука, пак, со државни пари да ги аминува долговите.

ЈП „Водовод“, пак, по секоја цена, којашто во случајов е 7,3 милиони евра, реши доследно да го испочитува вкусот на владејачката гарнитура и да инвестира во барокна зграда. Сигурно дека можеле и поевтино да поминат, ама барок си е барок. Азбестни цевки има во цела Македонија, ама барок само во Скопје!

„Транспарентност Македонија“: Контроверзни задолжувања!

На идејата за задолжување на ЈП„Водовод и канализација- Скопје“, за изградба на барокен објект, се спротивставија и од невладината организација „Транспарентност Македонија“.

„Државата е еден од најнередовните плаќачи за вода, а на листата на должници се и министерство, студентски домови, други јавни претпријатија и големи приватни компании. Затоа опозицијата обвини дека јавното претпријатие водело двојна политика спрема должниците, односно од домаќинствата долговите ги наплаќа лесно, со извршители, додека државата и фирмите ги толерира. Затоа предупредуваме дека, ако ги наплатуваат сите долгови од државниот и приватниот сектор, не би имале потреба да се задолжуваат“, се наведува во извештајот на „Транспарентност Македонија“ за јуни.

Од невладината се сомневаат и дека кредитот ќе биде со каматна стапка пониска од 8 проценти, како што беше ветено, бидејќи истакнуваат дека каматната стапка за долгорочните кредити е повисока.

Тие реагираат и на високата месечна кирија, од 25.000 евра што ја плаќа претпријатието, прашувајќи дали ова е реалниот трошок кој треба да го понесе ова јавно претпријатие или, пак, е тоа нереално висока цена и луксуз?

Поврзани новости