Дупки за пропаганда во новата методологија за изборното известување

by fokus

Новата методологија за мониторинг на медиумите во предизборниот период наиде на многу забелешки на денешната презентација од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Едни од спорните точки е изземањето на интернет-порталите од мониторингот на известувањето за време на изборите, како и одредбите со кои се предвидува еден медиум да биде санкциониран, дури откако ќе го направи десеттиот прекршок во делот на избалансираното и објективно информирање.

Методологијата предвидува казна за медиум доколку во период од десет дена направил прекршок најмалку десет пати.  Ова му дава можност на медиумите да си дозволат девет грешки во период од десет дена, а десеттата да ја избегнат за да не бидат санкционирани.

Освен тоа, медиумските здруженија и асоциации бараат Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во мониторингот да ги опфати и порталите, бидејќи на нив најмногу се шират дезинформации и говор на омраза.

Во квантитативниот дел, нацрт-методологијата предвидува опозициските партии во делот на изборното претставување да бидат застапени со најмалку 50 проценти од времето што еден медиум ќе го издвои за партиите и функционерите од власта. Сто дена пред изборите, медиумите може да известуваат за редовните активности на органите на власта, но треба да внимаваат тоа да не биде во функција на изборно медиумско претставување.

Учесниците на јавната расправа побараа и новоформираното ад хок тело да има поактивна улога, односно да може да врши мониторинг и да носи одлуки. Овие „медиумски регулатори” пак, се по двајца претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и само еден независен член, кој ќе се избери утре.

Поврзани новости