Доба на психопати

Текстот е објавен на 23 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1094

Пишува Јадранка КОСТОВА

Психопатите имаат изразена способност за манипулирање. Склони се на секаков вид измама и злоупотреба на другите, а за лична корист. Патолошки лажат. Од нив не очекувајте да се покајат за своите грешки, за нив секогаш ги обвинуваат другите. И не чувствуваат срам, ниту вина, или барем нелагодност кога се раскринкани. Една од главните психопатски особини е опсесивната потреба за наметнување свои идеи, ставови и илузии на другите, со цел да ги контролираат.

Овие неколку карактеристики за психопатите ме далдисаа. Ги препознав бајаги на јавната ни сцена. Фацки што немаат ни срам, нит перде, дури и кога ќе ги фатиме со „симнати гаќи“. Научниците проценуваа дека психопатите сочинуваат речиси еден процент од вкупната популација, што значи дека кај нас би требало да се околу 20.000. Па, биваше ли да се доминантни меѓу „популарните“!? Или ги исфорсира груевизмот!?

Навистина мислам дека ниту правните, ниту политичките науки можат толку добро да го опишат преродбеничкиот режим како психијатријата и психологијата. Таа е повеќе ДИЈАГНОЗА отколку систем. Вака веројатно ќе си објасните зошто некои бесрамници на ангро манипулираат, лажат, злоупотребуваат позиции, мамат, а притоа други обвинуваат за своите злодела. И уште со крената глава шетаат меѓу народот. Додуша некои со обезбедување, други замаскирани.

Со овие типуси нема шанса да дебатирате или да полемизирате. Два различни света сте, на различни јазици говорите. Експертите сугерираат да не им враќате „мило за драго“, оти за психопатот тоа е само предизвик. Вие сочувствувате, тој не. Не може затоа да го победите на „негов терен“. Што би се рекло, ако се борите со свиња – ќе се извалкате обајцата, ама свинчето ќе ужива.

Во тој контекст, ги разбирам колегите што се обидоа да укажат што е проблемот кога оригинална снимка од едно интервју, во случајот со Катица Јанева на МТВ, ќе биде пласирана од „куртоните“ како „скандалозна“. Но, ние се разбираме, ама фановите на психопатите нема шанси да ве разберат. Или, кога Програмскиот колегиум на МТВ 1 ќе лупне „приопќење“, Ратајковски да ѝ држи лекции на Санта Аргирова за стандарди за професионално работење, веројатно ќе укапирате колку е безнадежно да се објаснувате.

Кога велам „фанови на психопати“, го имам предвид објаснувањето на науката дека ТИЕ најчесто избираат кревки жртви, кои се лесно подложни на нивните манипулации. На психопатите не им требаат луѓе што се сигурни во себе. Е „кревкиве“ знаат дека само со психопатите можат да бидат на некоја позиција во државата, оти никој ментално здрав, кој ѝ сака добро на државата, нема да форсира вакви „кревки морони“ на одговорни позиции. И затоа се глупираат „до смрт“! Значи, разликувајте психопат и „кревка жртва“, ама знајте дека епилогот од расправа со нив е ист. „Сшто като исто“.

И затоа во нашиот груевизам е нормално измамници да обвинуваат други за измами, лопови да се згрозуваат од лоповлуци, тендеруши да глумат чесност, перачи на пари преку судски процеси за клевета да си ја перат „честа и угледот“. И со овие настрани персони да се обидеш да полемизираш!? Ако веруваш дека има ефект, нешто не е во ред со твоите очекувања.

Но, ако ова беше ера на психопатите, клучното прашање е како да се заштитиме од нивното доминантно влијание во општеството. Експертите, ама не како нашите експертутки, препорачуваат да ги откриеме навреме. Затоа предлагам за сите идни кандидати за функции да се воведе психотест и тест за интегритет.

Вакво нешто Груевски смисли за јавните службеници во 2011. Се разбира, главниот финансиски бенефит го имаа оние кои психо-тестираа. Ама, нели, е лудачки да се грижиш службениците да се психичка тамам и со интегритет, а нивните надредени да се психопати, со интегритет нула и углед креиран со фалшиви судски пресуди, да речеме!?

И онака само за читателите на „Фокус“, да си го кажам ставот за Катица и МТВ, сосе собраниската сеанса. Сѐ додека „лови глувци“, не ми е важно дали „мачкава“ е црна или бела, со тантела и локнички. Како што не ми е предизвик за критика дали брковите на Зврлевски, фризот на Чавков, шминката на Гошева од Уставен или оделцата на Панчевски од Кривичен се тренди и кул. Нивните дела ме згрозуваат, особено што се пласираат како успеси!

И да, следниот период ќе креираат дешаванки преку буџетот кој бил развоен, веројатно затоа што го развива груевизмот, и особено преку Уставниот суд кој треба „согласно законите на Идиотизмот“ да му пресуди на СЈО. Да се разбереме, не е во согласност со Уставот ниеден центар, една фамилија, еден пастир, да ги диригира и законодавната и извршната и судската власт. Ама алибито му се крие во фактот што не потпишал писмена директива за таква операција. А за „кревките морони“, тоа е крунски доказ дека имаме поделба на власта. Морони со кревка едуцираност, дури мислам дека се пострашни од психопатите!