(Дис)курс на новата стварност

by Fokus

Пишува Иво РАНЃЕЛОВИЌ

Моќта на политичките дискурси секогаш проектирала одредена стварност. Граѓаните пак, се конзументи кои често ја присвојуваат стварноста како таква. Би се осмелил да теоретизирам дека општеството е човечки обликувана стварност во која не сум сигурен дали постои објективноста и што тоа воопшто значи.

Но, во партиски обликувана стварност научив дека границата, меѓу субјективноста и илузијата, е и тоа како тенка. Многумина конзументи се идентификуваат со идеалите и политичките дејности на претходната власт без разлика дали истите кореспондираат со нивните, сопствени. Таквата методологија на бранење на владината стварност го стигматизираше слободоумието.

Ако се согласиме дека дефиницијата за интелектуалец е слободоумен човек, тогаш погрешно би било во изминатава декада да се бара ненаков утврден став. Напротив, инсталацијата на псевдо-интелектуалци имаше улога да ја документира стварноста.

Во една таква хипноза на батерии, одредени медиуми, експерти и членови на МАНУ предначеа. Но, разните манифестации од типот преродби, антиквизации, налудничави де-сороидизации беа совладани од сопствената стварност. Од времето. Како и секоја батерија, нели. Па така, дискурсот на партискиот апсолутизам прерасна во тотален ресентиман.

Неодамна во српскиот неделник „Време“, критичарот Теофил Панчиќ ја искористи маестралната студија на Јан-Вернер Милер, Што е популизам?, со цел да ја дијагностицира ситуацијата во Македонија. Според Милер, природата на популистичката власт се заснова на тоа што владеjачката гарнитура секогаш говори во ”име на народот”, но “народот” не е секој.

Имено, доколку ви сметаат спомениците на плоштад, ви смета лав на државниот грб и се смеете на скечови од „К-15“, вие не сте ”правиот народ”. Не сте едни од нас. Под народ, популизмот подразбира единствено конзументи на оваа волшебна стварност, а сите останати не се бона фиде народ.

Консеквентно, кога протестираат „Шарените“ тогаш протестираат опозиционерите, “комуњарите”, но кога се работи за  „За заедничка Македонија“ тогаш лидерот вели: „Народот е на улица“. Тоа е секако единствениот легитимен вокс попули. Етничките Албанци исто така не се ”правиот народ”, освен кога се уставно неопходни во коалицијата.

Ваквата стварност, се разбира, е минато.

По оваа увертира природно е да се постави прашањето: Каков темел на комуникација би требало да биде инкорпориран, за да биде изградена ”новата (подобра) стварност”?

На новата влада ќе ѝ треба време да ја заживее идеолошката компонента, но верувам дека во догледен период социјал-демократијата ќе го надвладее популизмот. При тоа, треба да останат свесни дека не постои политика која би можела да го дофати секој поединец.

Конвенционална причина за тоа, што би рекол Дамир Пешорда, е големиот расчекор на кажаното и стореното во политиката. Поради тоа, предлозите за потенцијални владини акти и дејствија во законските одредби ги оставам на експертите.

Дискурсот врз кој новата влада треба да фрли светлина е реанимација на општествените вредности. Неприфатливо е власта да сугерира дали да имаме трето дете, да одлучува за абортус, да ја троши радиофидузната такса на тоа колку и како треба да ја сакаме државата. Колку месо треба да јадеме и кога. Да се субвенционира скијање на најстарите, додека младите живеат од нивните пензии. Излуфтирајте ја државава од таква контаминација.

И додека држава како Бутан воведува ресор од типот Министерство за среќa, верувам дека новата влада во најмала рака може да ги стави сите овие бљувотини ад акта во историјата.

Втората разврска со стварноста е враќање на довербата во институциите. Овој абстракт е навидум наивен ако прифатиме дека рецептот е лесно воочлив во извештајот на Прибе и реформската волја. Сепак, најадекватен катализатор за враќање на довербата е департизацијата на институциите (во која веднаш може да се насети судир на внатре-партиски интерес). Но, процесот на тотална партизација на институциите отиде предалеку со старата власт, така што сум убеден дека принципите на одговорност ќе ја прогонуваат новата.

Третиот аспект на стварноста е комуникацијата со дискурси однадвор. Скопјанг не е и не смее да биде единствен центар на моќ и знаење. Во тој поглед најголеми се очекувањата од ресорот кој ќе ја предводи Македонија вон нишите на овие 200км. Некои во тоа гледаат членство во ЕУ и НАТО, јас гледам национален интерес. Пресуден, секако, ќе биде капацитетот и несомнениот интелект на триото ДимитровШекеринскаПендаровски. Поединци под чије водство македонската дипломатија би требало да го доживее долгоочекуваниот моментум.

За крај, дозволете младината да биде стожер на секој чекор напред. На стварноста. Веќе не сум радикален во размислувањето ако кажам дека младите расправаат за остварување на правата на “ЛГБТ” заедницата или легализација на марихуана. Живееме во свет кој ни е на дофат. Во некоја друга стварност. Без Ќосиња. Без споменици.

Авторот е магистер по компаративна политика при Универзитетскиот Колеџ Лондон. Дипломиран политиколог и економист при Бостонскиот универзитет.

 

Поврзани новости