Димовски: Тој што мисли дека е над Уставот ќе ја добие лекцијата

Откако Собранието ги отфрли предлозите за измени на законот за заштита на сведоци и продолжување на мандатот на СЈО, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Димовски уште еднаш порача дека владејачката партија нема да прифати никакви барања на СЈО.

Димовски повтори дека не поддржуваат ништо што е надвор од рамките на договореното на четирите политички партии, но и како што рече, поради односот на Катица Јанева кон Собранието.

-Првата причина е дека не прифаќаме никакви нови договарања и предоговарања, рокови надвор од тоа што беше договорено во рамките на процесот наречен Пржино и тоа без ВМРО-ДПМНЕ не може да се случи, а ВМРО-ДПМНЕ нема согласност за таква работа. Се што беше доставено како субјект и потреба од страна на сите субјекти вклучени во тие разговори, се беше овозможено. Втора работа е дека овој парламент од страна на СЈО беше наречен нелегитимен, не знаеме под кој основ тогаш од ова Собрание се бара промена на закони ако е нелегитимно и нема право да носи закони– изјави Димовски по гласањето.

На новинарско прашање дали кај владејачката партија постои страв дека нивни членови ќе бидат гонети од СЈО и затоа не го поддржуваат законот, Димовски одговори дека не им е страв и дека никој не е над Уставот и над Собранието.

-Тој што мисли дека е над нив, ќе ја добие лекцијата што беше испорачана денеска- изјави Димовски.