Димовски: Интерпелацијата за Талат Џафери е веќе подготвена

by fokus

Досега во Собранието имало различни настани и ситуации, но вакво силување на правдата и на Деловникот досега не е забележано, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во интервју за „Вечер“.

-Затоа овој закон може да се смета како недонесен, а интерпелацијата за Талат Џафери е веќе подготвена. Не смее во државата да се дозволи на ваков начин да се донесат правни прописи. Тие се правдаат дека од тоа зависат реформите, јас велам доколку од тоа зависат реформите, тогаш ништо нема да видиме од таквите реформи. Сите правни средства ни стојат на располагање за да се спротивставиме на ова правно насилие во Парламентот – вели Димовски.

Тој додава дека во моментов во Собранието нема услови за пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се врати во пратеничките клупи.

-До некаде го разбирам г. Талат Џафери, иако направи класично прекршување на деловникот, ценам дека за себе мисли дека водел митолошка битка заедно со пратениците од неговата партија, но не можам да ги разберам пратениците од СДСМ. Мислам дека дел од пратениците на СДСМ се свесни дека процедурата е надвор од здравиот памет и дека самиот закон е надвор од Уставот – вели Димовски.

Тој ги коментираше и протестите пред домовите на пратениците од СДСМ.

– Ние лично разговаравме со пратениците од СДСМ пред донесувањето на Законот за јазици и им укажавме дека постапките во кои влегуваат се надвор од Деловникот и дека не одат во интерес ниту на граѓаните ниту на нивната политичка партија, но, за жал, тие одлучија да бидат неми послушници на својата партија. Јас жалам, Собранието треба да обезбеди услови за пратениците да ги обавуваат своите работи, но државата треба да се грижи и за сите пратеници подеднакво. Она што го гледаме откако СДСМ е на власт е класичен прогон против пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека овој момент ќе е добар за да се разбере дека Собранието мора многу понезависно и многу посамостојно да функционира. На пратениците треба да им се овозможи да не зависат од политичките одлуки на Влада за да можат да функционираат во согласност со своите убедувања. Ги поздравувам одлуките на пратениците кои решија да се спротивстават и не гласаа за овој предлог–закон. Тоа е правецот во кој треба да се движи македонскиот народ – вели Димовски.

Поврзани новости