Џафери за утре ќе го закаже продолжeнието на седницата за Законот за јазици

by fokus

На денешната средба меѓу претседателот на Собранието, Талат Џафери, и координаторите на пратеничките групи било договорено за утре да биде закажано продолжението на 32. седница на Собранието на која на дневен ред се амандманите на Законот за употреба на јазиците, пренесува МИА.

Засега нема информации дали и каков договор е постигнат меѓу пратеничките групи на ДУИ и СДСМ во однос на тоа дали амандманите ќе бидат разгледани или, пак, ќе се гласа директно за законот. Првично седница за амандманите требаше да се одржи минатиот вторник, но тој обид пропадна поради тоа што ДУИ и СДСМ не постигнаа договор дали да се отвори расправа за амандамните или не. Тогаш дел од пратениците на СДСМ бараа за амандманите да се расправа без да се крши Деловникот на Собранието.

Координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, кој денеска повторно не присуствуваше на координацијата, вели дека доколку седницата биде закажана тие ќе присуствуваат на неа со цел да ги бранат амандманите.

– Нашиот став за амандманите останува ист, вели тој додавајќи дека тие треба да се разгледуваат на седница.

 

Поврзани новости