Девојче прегазено во Неготино, додека се враќало од училиште

by fokus

Вчера во Неготино беше прегазено петнаесет годишно девојче, додека се враќало од училиште. Настанот се случил околу 17:20 часот, на улица Индустриска, кога девојчето било удрено од автомобил ,,Фолксваген Поло’’ со кавадаречки регистарски таблички, управуван од О.И. (58) од Демир Капија.

Девојчето, кое е ученичка во прва година гимназија, се здобило со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош во Итна медицинска помош во Неготино, било пренесено на клиниките во Скопје.

Голем број на ученици кои живеат на улицата Индустриска се принудени да се движат по небезбедниот пат на кој само делумно има тротоари, а поради недостигот на слободни училници во основните училишта и гимназијата, приморани се да учат во две смени. Така, во зима, учениците од првата смена одат на училиште речиси во мрак, а пак оние од втората се враќаат назад исто така во темнина.

Досега ниту една политичка партија во своите предизборни кампањи не го актуализираше прашањето околу изградба на ново училиште.

Увид на самото место изврши екипа од Полициската станица Неготино, а настанот го потврди Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес. Тој вели дека сеуште се утврдува причината поради која дошло до несреќата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости