Дејан Митревски- Урко осуден на условна казна од две години

by fokus

Дејан Митревски-Урко, поранешниот телохранител на екс премиерот Никола Груевски, е осуден на условна казна од две години, за сообраќајката што се случи минатото лето, а во која почина 22-годишно момче.

Од Кривичниот суд информираат дека пресудата била донесена на 20 јуни 2017 година, од судијката Биљана Коцевска. Она што е карактеристично е што семејството на загинатото момче не побарало Урко кривично да биде гонет, ниту пак побарале обештетување.

-Донесена е пресуда врз основа на признание на вина на обвинетиот, каде вештачењето утврдило дека моторциклот се движел со 94,6 км на час, немал вградено предно светло, оштетените пред судот се произнеле дека не бараат оштета и не се приклучуваат кон кривичниот прогон, со што обвинетиот за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на лицата и имотот во сообраќајот од член 300 ст.4 в.в со член 279 ст.3 в.в ст.1 од КЗ е огласен за виновен и судијата му определил Условна осуда односно две години казна затвор која казна нема да се реализира доколку во следните 5 години обвинетиот не стори ново кривично дело, информираат за „Фокус“ од Основниот суд Скопје 1.

Оттаму додаваат дека против оваа пресуда дозволено е право на жалба, а по нејзината правосилност истата ќе биде анонимизирана и објавена.

Кобната несреќа се случи на 27 јули, четириесетина минути по полноќ, на булеварот Борис Трајковски во населбата Кисела Вода, кога Митревски со автомобил, марка „БМВ“ удрил во моторцикл, чиј возач, 22-годишно момче, беше тешко повредено во несреќата, а по пет дена почина.

Дејан Митревски-Урко беше телохранител на Груевски од неговото стапување на функцијата премиер во 2006 година, а беше сменет во август, 2014 година.

В.В.

Поврзани новости